1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добредојде за бегалците? Би било убаво!

Кристоф Хаселбах / превод: Ж.А.21 мај 2016

Анкета на Амнести Интернешнл покажува поголема добредојденост на бегалците во светски рамки од претпоставуваната. Но, Кристоф Хазелбах не им верува на бројките.

https://p.dw.com/p/1IrHh
Фотографија: picture alliance/AP Photo/L. Pitarakis

За генералниот секретар на Амнести Интернешнл, Шалил Шети, се‘ е јасно: владите веќе „не можат да го користат јавното мислење како изговор“ за неприфаќање бегалци. Населението главно е многу поотворено кон бегалците од владите. И навистина. Министрите за внатрешни работи и шефови на влади непрекинато се повикуваат на неможноста, за жал, да направат нешто повеќе за барателите на засолниште, зашто мора да ја земат предвид ксенофобијата во своите земји.

Јазот меѓу дејствувањето на владата и расположението на јавноста (според наводите на Амнести) е посебно голем во Австралија - земја која спроведува екстремно рестриктивна политика на азил. Седум од десет прашани Австралијанци сметаат дека нивната земја би требало да направи повеќе за бегалците. Занимливо е што речиси 30 проценти од Британците и 20 проценти од Грците би биле подготвени на прифаќање бегалци во својот дом. Во Германија, која се наоѓа на второ место на листата на Амнести, таков одговор дава секој десетти учесник во анкетата. Притоа во Велика Британија се води дискусија околу можен излез од ЕУ, делумно поврзан и со темата миграција. А Грција е исклучително погодена од бегалската криза.

Реалноста изгледа поинаку

Ако расположението на граѓаните е навистина многу попозитивно отколку што се има впечаток, зошто тогаш Британците не побараат од својата влада да дозволи влез во земјата на мигрантите кои се заглавени во Кале? Зошто во грчките приватни куќи и станови не се сместени многу повеќе бегалци? И зошто толку многу бегалци уште живеат во германските спортски сали, а не заедно со германски семејства?

Christoph Hasselbach
Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Очигледно, податоците на Амнести мора да се толкуваат со многу поголема доза скепса. Една од причините за толку изненадувачки позитивните вредности би можела да биде стариот, многу добро познат феномен: токму како што многу луѓе во анкетите за испитување на јавното мислење се воздржуваат од поддршка на десноекстремните партии, исто така се склони и да се прикажат похумани отколку што се вистински. Освен тоа, прашањата во анкетата може да се сфатат и чисто теоретски. Да беше подготвеноста за прифаќање бегалци во сопствениот дом вистински толку голема како што наведува Амнести, тогаш ќе имаше значително помали проблеми со сместувањето.

Индикативно е што во речиси сите земји во кое е извршено истражувањето, по две третини од испитаниците, или повеќе, сметаат дека бегалците мораат да имаат можност да побараат азил и во други земји. Во таква генерална форма тоа може да се сфати и како: да, во соседна земја секако, но не овде кај нас. Речиси иста доза на поддршка се јавува и кај прашањето: „Дали вашата влада треба да направи повеќе за да им помогне на луѓето побегнати од војни и прогонувања?“ Тоа може да се интерпретира и вака: „помош“ не значи нужно и прифаќање во својата земја, туку на пример пружање финансиска или медицинска помош во бегалските логори во регионот на потеклото на бегалците.

Кина би требало да преземе поголема одговорност

Најголемо изненадување, несомнено, е Кина - која се наоѓа на прво место. Речиси секој втор прашан Кинез би сместил бегалци во својот дом, што е вистински сензационална бројка. Но, токму во однос на Кина ова прашање се чини нема практично значење. Зашто Кина генерално речиси и не прифаќа бегалци. Значи, ниеден испитаник не мора во пракса да ја докаже сериозноста на своите изјави поврзани со гостопримството.

Колку загатки и да ни нуди статистиката, на пример зошто Кинезите по ова прашање се многу поотворени од Тајланѓаните или Русите, таа сепак нуди и материјал за размислување околу подобрата глобална распределба на одговорноста за бегалците. Ако жителите на Кина, Јужна Кореја или Чиле се залагаат за поголем ангажман за бегалците или нивно прифаќање во сопствената земја, зошто тогаш меѓународните организации од владите на тие земји не бараат преземање поголема одговорност? Целосно е несфатливо зошто токму Германија прими лани преку еден милион луѓе, додека многу други земји тоа до денес во целост го одбиваат. Очигледно, причината не е секогаш - расположението на јавноста.