1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добра вест за Србија, поделени реакции во БиХ

22 јули 2008

Во првичните реакции апсењето на Радован Караџиќ е одлична вест за Србија. Во БиХ, додека во Федерацијата се славеше, на улиците на Република Српска тивко и по некој коментар од граѓаните дека тоа не требало да се случи.

https://p.dw.com/p/EhPu
Во Сараево се славешеФотографија: AP

Според аналитичарите во Белград сега е јасно дека во претходната влада на Воислав Коштуница, иако се тврдеше спротивното, не постоела политичка воља за апсење на најбараните хашки бегалци. Според нив, главна улога во апсењето на Караџиќ имаат безбедносните сили и промената којашто се случи во овие институции. Андреј Носов, директор на Иницијативата на младите за човекови права, за Дојче Веле, вели дека никој не можел да претпостави дека лидерот на социјалистите Ивица Дачиќ, ќе биде на чело на полицијата во времето кога ќе се уапси Караџиќ.

„Не очекувам масовни реакции за апсењето на Караџиќ, туку окрупнување на националистичкиот блок, кој со ова и дефинитивно го загуби својот довчерашен најголем сојузник - Социјалистичката партија на Србија.“

За радикалите ова е срамен чин. Драган Тодоровиќ од оваа партија вели дека апсењето на поранешниот лидер на босанските Срби е една од „најсрамните постапки“ на претседателот Борис Тадиќ.

„Борис Тадиќ со ова се запиша во историјата како еден од најголемите предавници на српските интереси и српскиот народ,“ рече Тодоровиќ.

Сарево славеше

Граѓаните на Сараево пак веста за апсењето на Караџиќ ја славеа на улиците. Реагираа и политичарите. Членот на претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџиќ го поздрави апсењето, но додаде дека долго вереме ќе биде потребно да се избришат и последиците на геноцидот.

„Ова е олеснување за семејствата на жртвите на геноцидот. Чекаа долго, но дочекаа.“ Лидерот на партијата за Демократска акција Сулејман Тихиќ вели:

„Апсењето на Караџиќ е добра вест, за правдата, за вистината, за семејствата на жртвите од геноцидот и за сите воени страдања. Мислам дека е ова важно и за целокупната ситуација во Босна и Херцеговина.“

Додик очекува да се симне товарот од Република Српска

Премиерот на Република Српска, Милорад Додик смета дека апсењето на Караџиќ ќе придонесе за потврдување на вистината.

„Факт е дека сите обвинети за воени злосторства треба да одговараат пред хашкиот Трибунал. Со апсењето на Караџиќ, притисокот којшто со години беше вршен врз Република Српска сега е симнат од дневниот ред. Сега не треба да се очекува некој да се пресметува со Република Српска, бидејќи Караџиќ има поединечна одговорност“. Граѓаните пак на улиците на Бања Лука разочарани. Малкумина коментираат.

„За мене е тоа трагедија, што друго да кажам,“ вели овој човек.

„Жал ми е што само Срби завршуваат во Хаг,“ коментираше едно момче.