1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Mladic Gerechtigkeit

27 мај 2011

Апсењето на Ратко Младиќ не дојде предоцна. Тоа носи сатисфакција за семејствата на жртвите, како и шанса за иднината на Србија - смета авторот на следниот коментар.

https://p.dw.com/p/11P3i

Добар ден за правдата и почеток на ново поглавје за историјата на Балканот. Шеснаесет години по крајот на војната во Босна и Херцеговина уапсен е Ратко Младиќ, една од клучните фигури во ужасните дела сторени во војната против Бошњаците и Хрватите. Траеше долго, но за семејствата на жртвите на масакрот во Сребреница овие 16 години се само едно трепкање со окото. Траумата од Сребреница, во која беа убиени повеќе од 8.000 мажи, е всадена длабоко во сеќавањето. Ратко Младиќ се товари за ова злосторство и за трииполгодишната опсада на Сараево. Со неговото апсење и со судскиот третман на неговата вина конечно е создаден предуслов за задоволување на семејствата на жртвите.

Поради кои причини осомничениот воен злосторник е уапсен сега, по толку години? Долго време се претпоставуваше дека српските власти знаат каде се крие тој. Од Сараево се вели дека владата во Белград го уапси Младиќ затоа што притисокот од Брисел врз Србија станувал се‘ посилен. Соработката со Меѓународниот суд за воени злосторства е важен предуслов за приклучување кон ЕУ.

Калкулациите на Тадиќ

Српскиот претседател Борис Тадиќ навистина како противуслуга за апсењето на Младиќ бараше брзо приклучување на Србија кон ЕУ. Неговата партија загуби драстично многу доверба во земјата и мора да стравува дека на наредните парламентарни избори, наредната пролет, можеби ќе ја загуби власта. Со приклучување кон ЕУ, кое би било на дофат, Тадиќ се надева дека ќе може да поентира на внатрешно-политички план. Истовремено, меѓутоа, презема и значаен ризик - по апсењето на Радован Караџиќ во 2008 година, во Србија дојде до големи безредија. Овој пат Тадиќ се надева дека духовите ќе се смират со изгледите за приклучување кон ЕУ.

Верица Спасовска, автор на коментарот
Верица Спасовска, автор на коментарот

Ваков стимул на Тадиќ му е итно потребен, зашто повеќе од половината Срби неодамна се изјаснија против израчување на Младиќ. Тој во нивните очи е воен херој, а не воен злосторник. Процесот против него сега може да помогне во затворањето на последното темно поглавје од српската историја и на нејзините соседи, зашто може да ја ослободи историјата од митови и да помогне на светлина на денот да излезе вистината. Затоа е овој ден добар за Србија и за нејзините соседи. Меѓународната правда уште еднаш може да докаже дека воените злосторници не можат да избегаат, се‘ едно колку време ќе мине додека да бидат изведени пред лицето на правдата.

Автор: Верица Спасовска

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски