1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатскиот пасош не нуди заштита од одговорност!

Катерина Блажевска5 октомври 2015

Неосновани се стравувањата дека дипломатски пасош може да обезбеди заштита од кривична одговорност, велат дипломати, повикувајќи се на одредбите од Виенската конвенција.

https://p.dw.com/p/1GicS
Фотографија: DW/P. Stojanov

Информацијата дека на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, неодамна му е издаден дипломатски пасош на функцијата „експерт“, од опозицијата беше прогласена за сериозен скандал, со барање министерот за надворешни работи веднаш да објасни по која основа е издадена исправата.

„Која институција го именувала Мијалков за експерт? Дипломатски пасош се издава на експерт во исклучителен случај со ограничен рок на употреба, додека трае престојот на тоа лице во странство. На Мијалков, дипломатскиот пасош му бил издаден на 29 август годинава и е со траење од 5 години! Мијалков ја напушти позицијата директор на УБК, по скандалите со прислушувањето и случувањата во Куманово. Овој потег на министерот Попоски говори дека Груевски со соработниците подготвува терен за бегство на Сашо Мијалков од Македонија. Уште колку вакви дипломатски пасоши издало МНР“, праша опозицискиот СДСМ.

Одговор од МНР досега нема, но тој може да се најде во Правилникот на министерството, каде е објаснето кои лица може да добијат посебни патни исправи - дипломатски или службени пасоши. Меѓудругото, министерот за надворешни работи има дискрециско право да издава дипломатски пасоши за лица за кои смета дека се значајни за унапредување на дипломатски, политички, економски и културни односи со други држави или во случаи кога тоа е од безбедносен интерес за државата. Во 2012 година МНР го прошири опсегот на лица кои можат да добијат посебни исправи, па со право на дипломатски пасоши се стекнаа и директорите на УЈП, Царинската управа, финансиската полиција, главниот државен ревизор, но и амбасадорите на културата. Дипломатски пасоши може да имаат членови на семејството на амбасадори кои се во странство или партнерите на амбасадорите ако живеат во вонбрачна заедница. Право на службени пасоши, пак, имаат членовите на обезбедувањето на претседателот на државата, на претседателот на Собранието и на премиерот.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола ПопоскиФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

Многумина го имаат!

Додека јавноста чека образложение, поранешни и сегашни амбасадори велат дека по прашањето на дипломатски пасоши отсекогаш владеел хаос.

„Правилата често се изигруваат и поради тоа многу лица добиваат посебни исправи. Па и дадилката на децата на една наша амбасадорка, во 2010 година доби дипломатски пасош, исто така како 'експерт'. Но, не е само тој случај. Дипломатски пасоши добиваат разни тетки и чичковци, најчесто како функционерски „советници“ и тоа не е практика само на оваа влада. Го правеле и други. Основа за добивање дипломатски пасоши имаат и бизнисмени, но своевремено и продавач на теписи чиј бизнис не беше поврзан со странство, имаше дипломатски пасош затоа што беше пријател со еден министер“, вели поранешен амбасадор. Тој смета дека стравувањето на опозицијата дека дипломатскиот пасош е „виза“ за нечие бегство од државата, според одредбите на Виенската конвенција - е беспредметно!

Меѓународното законодавство не е богато со правно регулирање на прашањата за имунитетот и заштитата на дипломатите, освен со Виенската конвенција за дипломатски односи и делумно со Виенската конвенција за конзуларни односи. Според чл. 31 од Виенската конвенција, дипломатот има имунитет од кривично гонење, како и од цивилното и административнато казнено право во државата која е акредитиран. Но тој имунитет не го штити дипломатот од кривична одговорност во државата од која доаѓа. Според чл. 32, државата во која е акредитиран дипломатот може со еднострана одлука експресно да му го одземе имунитетот. Според чл. 42 дипломатот не смее да одржува друга професионална или комерцијална активност.

Без големи привилегии

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, укажува дека денес голем број држави со зголемено внимание го следат процесот на издавање дипломатски пасоши, кои често се злоупотребуваат како од страна на нивните носители - за шверц и организираниот криминал, така и преку обиди тие да бидат фалсификувани од страна на криминалци, поранешни дипломати, главно од држави со сомнителна демократија.

Mazedonien Politik Nano Ruzin 2
Нано РужинФотографија: MIA

„Затоа и вниманието на сите меѓународни контроли при преминувањето на границите е доста стриктно и во случај на лица чиј дипломатски пасош бил поништен од државата која го издала или ако носителот на дипломатски пасош се огрешил според кривичниот закон на матичната држава, истиот може да биде запрен од страна на полициските органи на друга држава. Потоа следи контакт со Дипломатско-конзуларното претставништво на државата која го издала пасошот, кое од своја страна го известува тамошното МНР за евентуално проследување на случајот“, објаснува Ружин.

Но, потенцира дека не треба да се занемари фактот оти постојат и држави во и вон Европа, кои стрикно не се придржуваат кон овие приниципи и пружат азил заради одредени политички, финансиски или други причини.

„Таков е примерот со Русија со сопругата на Милошевиќ, Мира Марковиќ и нејзиниот син Марко, со браќата Кариќ и други“, потсетува Ружин.

Во практика, дипломатскиот пасош не дава големи привилегии освен користење на ВИП простории на аеродроми, побрзо поминување на гранични премини и даночни олеснувања за купена стока во странската земја...

„Иако има случаи на издавање дипломатски пасоши на луѓе од локалниот 'стаф', оваа појава не е масовна кај нас“, вели Ружин.

Се проценува дека во Македонија во оптек се околу 2.000 до 2.500 посебни патни исправи, од кои 1.400 се дипломатски пасоши, а останатите службени.