1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дипломатска офанзива кај Иванов

БГ
9 март 2017

Реформи наместо тензии и негативна реторика насочена кон граѓанските организации и меѓународната заедница, порача денеска од Скопје германскиот дипломат Кристијан Хелбах. Иванов да ги почитува изборните резултати

https://p.dw.com/p/2YtTM
Christian Hellbach Botschafter in Bosnien-Herzegowina
Фотографија: Deutsche Botschaft, Sarajewo

Генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и високиот германски дипломати Кристијан Хелбах денеска разговараа со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во обид да се најде излез од политичката криза во земјата по неговото одбивање да го додели мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. 
Во кусото соопштение од средбата со Заниер, Иванов останува на барањетоза осуда и отфрлање на платформата на албанските политички партии и осуда на мешањето во внатрешните работи на земјата. Заниер изразил загриженост поради растот на меѓуетничките тензии во земјата. 
Од друга страна, германскиот дипломат Хелбах изрази „уверување“ дека Иванов ќе ги почитува изборните резултати. 

Германија ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО, но за тоа да стане можно неопходно е брзо формирање на влада посветена на имплементација на итните реформски приоритети, порача на крајот на својата посета на Скопје специјалниот претставник за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА во рамките на министерството за надворешни работи на Германија, амбасадорот Кристијан Хелбах.

Хелбах, кој од вчера престојува во земјата, се сретнал со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и со лидерите на парламентарните политички партии.

„Реформскиот процес е најважен. На луѓето им се потребни работни места, социјална сигурност, владеење на правото и ефективни мерки против корупцијата. Ги повикуваме сите актери да се воздржат од отворање на проблеми кои водат кон поделби, и кои не се поврзани со овие приоритети“, порача Хелбах.

Тој соопшти дека е „уверен оти претседателот ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе му дозволи на мнозинството во парламентот да формира Влада што поскоро“.
Од политичките партии се бара да се однесуваат одговорно за да се избегнат потенцијални тензии. „Со загриженост ја нотираме негативната реторика кон граѓанските организации и кон меѓународната заедница и ги повикуваме сите страни да се воздржат од таков јазик“.

На крајот на обраќањето, Хелбах уште еднаш ја потенцираше „големата важност“ на Специјалното јавно обвинителство, кое треба да продолжи со својата работа „во соработка со независно и веродостојно судство“.