1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

„Деспасито“- најстримувана песна во историјата

19 јули 2017

Шпанската и англиската верзија на песната на порториканските автори доминира на дигиталните и радио брановите. Стримингот му помогна на стилот Регетон да се здобие со светска популарност надвор од своите латински корени

https://p.dw.com/p/2gm44
Luis Fonsi, Daddy Yankee
Фотографија: picture alliance/AP Photo/L.Sladky

Иако насловот на песната значи „полека“ на шпански, растот на „Деспасито“ е сѐ само не бавен. Издавачката куќа „Јуниверзал мјузик“ која го објави хитот на порториканските музичари Луис Фонси и Дади Јенки во јануари 2017 година, соопшти дека „Деспасито“ го добила статусот на најстримувана песна на сите времиња.

Оригиналната шпанска верзија на песната, со својата мешавина од хип-хоп и реге ритам и сексуално-конотиран текст, стана популарна набрзо по објавувањето, а ремиксот од април годинава во кој учествуваше канадската поп-ѕвезда Џастин Бибер ѝ помогна на „Деспасито“ да достигне 4,6 милијарди стримови, тврди „Јуниверзал мјузик“. Со тоа, „Деспасито“ го симна од врвот досегашниот рекордер- Бибер, чија песна „Сори“ досега беше на прво место со 4,38 милијарди стримови. Само на Јутјуб, „Деспасито“ собра над 2,6 милијарди прегледи, додека англискиот ремикс има околу 4,2 милиони прегледи. Ремиксот е на прво место на билбордите веќе десет недели едноподруго.

Од Порторико до целиот свет

Успехот на „Деспасито“ ги надмина јазичните и културни граници со своето искачување до врвот на музичките листи. Регетон стилот, кој се појави во Порторико кон крајот на 1990-те години, содржи во себе мешавина од хип-хоп, рап и музичко влијание од Латинска Америка, особено од Карибите и Јамајка. Најчеста тема се младите луѓе во Латинска Америка, а текстовите честопати се доста експлицитни.

Наметнувајќи се најпрво како андерграунд музичка форма, Регетон им даде глас на црните Порториканци и беше отфрлан од музичкиот естаблишмент во САД сѐ до раните 2000. кога стана популарен и кај младата латино генерација во САД.

Во меѓувреме, ремиксот „Деспасито“ се искачи на 39-то место на најслушаните музички нумери на сите времиња на „Спотифај“.