1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет години француски неуспех

Елизабет Бријант/сн27 октомври 2015

Од протестите против социјалната дискриминација во есента 2005 година, нешто е веќе направено во француските предградија. Но не доволно. Многу мигранти и натаму се чувствуваат обесправени.

https://p.dw.com/p/1GuxR
Фотографија: DW

Фотографиите со нивните насмеани лица деновиве повторно се наоѓаат во весниците. На ѕидовите има графити со нивните имиња. „Зајед и Буонe... нема да ве заборавиме“, пишува на еден постер.

Точно пред 10 години, во работничката населба во предградие на Париз, избувна насилство по кое 17-годишниот Зајед Бена и 15-годишниот Буонe Траоре станаа жртви на електрошок во трафостаница додека се криеја од полицијата. Безредијата се проширија низ целата земја, како резултат на акумулираниот бес поради економските и општествените неправди во предградијата на француските населби.

Населбата Клиши су Боа стана симбол за урбано пропаѓање и проблеми во процесот на интеграција на многубројните емигранти од различно етничко потекло- проблеми кои повторно испливаа на површината во јануари годинава, по терористичкиот напад во Париз.

Местото денес изгледа поинаку. Остатоци од запалени возила и урнатини одамна нема. Багер ја копа земјата за нова трамвајска линија. Јавните станбени згради ги потиснаа во втор план кулите прекриени со графити. За мароканскиот пензионер Јаху Јаијел, кој купува на пазарот во Клиши су Боа, промената е „стопроцентна“.

„Ситуацијата сега е добра“, вели Јаијел додека ја турка количката во продавницата до полицата со маслинки, нане и арапска облека која укажува на етничката различност во облекувањето. „Младите луѓе одат на училиште и нема проблеми.“

Тука, но и во другите предградија, државата многу вложува во инфраструктура. Резултатите се различни- што се гледа и по потсмевот со кој е поздравена посетата на францускиот претседател Франсоа Оланд во блиското предградие минатата недела.

Frankreich Clichy-sous-Bois 10 Jahre nach Unruhen
Фотографија: DW

„Во Република Франција нема изгубени предградија“, рече Оланд по повод отворањето на новата агенција за економски развој чија цел е помош на нерзавиените населби како Клиши су Боа. „Нема ’маргинализирана Франција’ и ’подобра Франција’ во градовите. Станавме само една Франција, каде еднаквоста мора да биде загарантирана.“

Ветувања, ветувања

Многумина не им веруваат на овие зборови. И покрај напорите да привлечат бизниси, стапката на невработеност во Клиши су Боа е двојно поголема од државниот просек.

„Владата не направи ништо“, вели Мохамед Шашуа, продавач на маслиники на пазар. „Тие само ветуваат.“

За 18-годишниот средношколец Мехиди Хасани, желбата да стане електричар останува недостижна. „Се’ уште трпиме последици од 2005. година. Уште не’ сметаат за деликвенти и наркомани- посебно ако сте Арап, црнец или Турчин. Во тој случај е навистина тешко да се најде работа.“ И во локалната агенција која им помага на младите да најдат работа „Мисион локал“ имаат приговори на сметка на владата.

Проблемите кои ги мачат Клиши су Боа и другите немирни француски предградија се вратија во фокусот на јавноста по нападите во Париз. Сите тројца напаѓачи беа мигранти, израснати во работнички населби покрај главниот град.

Во одделни средни училишта, учениците ја одбија минутата молчење во спомен на жртвите на јануарскиот напад, која се одржуваше во целата земја. Егзодусот на стотина млади Французи кои се приклучја на „џихад“ на Блискиот исток, шират страв дека предградијата стануваат инкубатори на религиски екстремизам.

Инвестиции за обнова на предградијата

Француската влада во март започна акцискиот план за предградијата кој подразбира повеќе интеграција во социјалните згрижувања и нови мерки против дискриминација. Но, критичарите како Мехдија Бигадерн, помошник на началникот на општината Клиши су Боа сметаат дека тоа не е доволно. „Првото прашање гласи: како стигнавме до оваа ситуација. Младите луѓе кои сторија страшни, варварски дела, не дојдоа од Ирак, Алжир или од Мароко. Тие се производ на Франција. Република Франција ги креираше тие терористи.“

Frankreich Clichy-sous-Bois 10 Jahre nach Unruhen
Фотографија: DW

Бигадерн помогна во формирањето на групата за засилување на граѓаните АЦЛЕФЕУ по немирите. Тој ја окривува селективната француска администрација- како нејзината десница така и левицата- поради фокусирање за разубавување на урбаните населби додека, од друга страна, не успеваат да го решат она што се нарекува „човечки проблеми“.

„Жал ми е што моравме да бидеме сведоци на нападите на „Шарли Ебдо“, за да сфатат луѓето колку е важно да се работи со младите по прашањата за социјализација и припадност на француското општество. Нашата група на тоа укажува уште од 2005. година. Цел живот му зборувате на детето дека е никој и ништо и оти е бескорисен- а тогаш еден ден ќе дојде некој и ќе му каже дека може да оди во рајот. Да, тоа ќе го привлече.“

Фотографиите на Зајед и Боуне се наоѓаат во кацелариите на групата АЦЛЕФЕУ. Нив двајца ги бркаше полиција кога се враќаа дома од фудбалски натпревар.

Францускиот суд во мај ги ослободи од обвинение двајцата службеници кои беа осомничени дека не им помогнале на момчињата кога тие побегнале кон трафостаницата. Нивните семејства и сограѓани се огорчени поради оваа пресуда- нивните чувства повторно оживејаа на 25. октомври, денот кога градот ја одбележа 10-годишинината од смртта на двете момчиња.

„Секоја година доаѓаме и положуваме цвеќе пред училиштето во кое учеа“, вели градскиот одборник Фајсал Буриша. „Тоа никој не го заборави.“