1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Десет години по Катрина - дискриминација

Ричард Вокер / Е.М. Фиданоска29 август 2015

Њу Орлеанс по разорувањата што пред една деценија ги донесе ураганот Катрина доживеа ново раѓање, оценуваат многумина. Но, десетици илјади Афроамериканци кои живееја тука пред катастрофата, се оставени на маргините.

https://p.dw.com/p/1GNo1
Фотографија: DW/R. Walker

Предвечерје во Њу Орлеанс. Голема група луѓе собрана на местото, каде пред 10 години беше пробиена браната во населбата Лоуер Најнт Ворд. Водата тогаш го поплави целиот кварт, илјадници луѓе останаа без покрив над главата.

Мнозинството од сопствениците на куќи во Лоуер Најнт Ворд се потпираше врз сигурноста на државните брани и насипи, вели Том Пипер од хуманитарната организација „Комон Граунд Рилиф“: „Луѓето се чувствуваа безбедни, затоа што им беше речено дека се заштитени“. И осигурителните друштва им велеле дека не им се потребни полиси ако живеат на повеќе од 300 метри оддалеченост од една брана.

Но, не беа безбедни. Во катастрофата животот го загубија околу 1500 луѓе. Многу од преживеаните загубија се‘, не можеа со години да се вратат во куќите, во кои нивните семејства живееле со генерации.

Роберт Ричардсон е еден од оние кои се вратија. Како многумина Афроамериканци и неговото семејство по војната се доселило во Лоуер Најн. По катастрофата во 2005 година морал да замине. Но, она што речиси ќе му ги уништело корените не е поплавата, туку долгата борба која следувала потоа.

Bildergalerie New Orleans nach Katrina
Роберт Ричардсон е еден од оние кои се вратијаФотографија: DW/R. Walker

Поделба

Американската влада по катастрофата додуша го создаде најголемиот фонд за помош во историјата на земјата - десет милијарди долари требаше да им помогнат на жртвите од поплавата во сојузната држава Луизијана за обнова на куќите, но многу од луѓето беа соочени со тешкотии уште при поднесувањето на барањето за помош.

Многу од жителите немаа сопствеништво, други пак беа беспомошни поради бирократските процедури. Но, најголема пречка беше нешто друго: „На нашите советници им падна в очи дека сопствениците на куќи кои беа белци добиваа повеќе пари отколку црнците, дури и во случај кога возраста и големината на објектот беа слични“, објаснува Кешауна Хил од советувалиштето „Грејтер Њу орлеанс Фер Хаусинг“.

При обесштетувањето не се земала предвид вистинската цена за повторна изградба на објектот, туку пазарната вредност на недвижноста. А таа зависи од тоа каде се наоѓа куќата. „Куќите во афроамериканските квартови се помалку вредни од оние во квартовите каде што живеат белци“, објаснува Хил.

Bildergalerie New Orleans nach Katrina
Ванеса Герингер: Кој не се вратил досега, нема веќе ни да дојдеФотографија: DW/R. Walker

Мало подобрување

Поради тоа ГНО Фер Хаусинг во 2008 година поднесла судска тужба против таквата пракса. Владата потоа во 2011 година ставила на располагање уште 60 милиони долари. Но, за некои тоа не било доволно, а за некои помошта стигнала предоцна. За активистката Ванеса Герингер намерата е јасна: „Ние не ве сакаме, затоа ви го отежнуваме враќањето колку што е можно повеќе.“ Таа смета дека тука ништо нема да промени ни дополнителното подобрување на владината програма за помош. „Минаа 10 години. Кој не се вратил досега, нема веќе ни да дојде.“ Таа вели дека многу нејзини пријатели почнале подобар живот некаде на друго место: „Нивните деца одат во добри училишта, тие имаат добри работни места.“

Во Њу Орлеанс токму тоа е проблем пред се‘ за мажите со црна боја на кожата: 48 проценти од нив се невработени. Самото тоа им го отежнува процесот на изнајмување стан. А, по ураганот, тој проблем се заостри, затоа што поради недостигот од простор за домување станарините се зголемија.

Етничко чистење?

Во поплавата предизвикана од ураганот настрадаа не само приватни куќи, туку и четири големи станбени блокови со станови за социјално загрозените лица. градот засега не планира градење нови социјални станови. Наместо тоа, на луѓето им се делат бонови за приватно изнајмување стан. Таму дискриминацијата е на дневен ред, предупредува активистката Хил: „Сопствениците на згради можат сосема легално да ги одбијат станарите со бонови.“ Според нејзини проценки, 96% од оние кои добиле бонови за стан се луѓе со темна боја на кожата. Хил оценува дека е тоа еден вид субвенционирана дискриминација.

Bildergalerie New Orleans nach Katrina
Фотографија: DW/R. Walker

И Роберт Ричардсон од Лоуер Најн стравува од тоа: „Тие сакаат се‘ да урнат, едноставно да исчистат цел дел од градот. Разбирате, етнички да го исчистат.“ Причина за неговите тешки обвинувања се вложувањата кои би требало да ја подигнат вредноста на квартот, а кои пред Катрина не беа планирани. Се градат нови станбени објекти и спортски комплекси, нова зграда за противпожарната служба. Сето тоа се гради откако се врати само една третина од некогашните жители. А, активистката Герингер стравува дека и повратниците повторно ќе мора да заминат, затоа што се зголемени станарините и комуналните издатоци. Таа вели дека тоа наскоро ќе може да си го дозволат само белите Американци.

Толку фаленото повторно раѓање на Њу Орлеанс во Лоуер Најнт Ворд се случува без оние кои тука живееја пред Катрина.