1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Десен сектор“ го провоцира Порошенко

Роман Гончаренко / К. Краљевска19 јули 2015

Во украинскиот град Мукачево се одигруваат сцени со насилство како во мафијашки филмови. Во главна улога: десничарската организација „Десен сектор“. Претседателот Порошенко е во дилема.

https://p.dw.com/p/1G0iY
Фотографија: Genya Savilov/AFP/Getty Images

Градот Мукачево, кој се наоѓа на крајниот запад на Украина, неделава ја остава земјата без здив. Во видео снимка, објавена на интернет, се гледа како четири џипови со тешко наоружани мажи во маскирни униформи влегуваат во градот. Возат полека и не се кријат. Некои од мажите преку прозорците од автомобилите ги покажуваат своите калашникови. Се претставуваат како припадници на „Десен сектор“. Нивната цел е поранешен клуб и фитнес центар. Според украински медиуми, тие таму ќе се сретнат со некој пратеник. Се’ уште не е јасно за што ќе се разговара.

Потоа ситуацијата ескалира, се пука, а едно лице умира. Борците на „Десен сектор“ бегаат со своите автомобили, со автоматски пушки и рачни минофрлачи пукаат врз полицајците кои ги прогонуваат. Најмалку двајца борци умираат во пресметката, а двајца се тешко ранети. На крајот се кријат во село, кое го опколуваат украински специјалци. Лидерот на „Десен сектор“, Дмитро Јарош, на највисоко ниво разговара со украинските власти. До тој момент: најмалку тројца мртви, десетина ранети и запалени три полициски возила. Во Киев се шпекулира дека можеби станува збор за шверц на цигари и борба меѓу криминалците.

Ukraine - Dmitri Jarosch
Дмитро Јарош, лидер на „Десен сектор“Фотографија: picture-alliance/dpa

Украинско Палермо

Мукачево, со 85.000 жители, се наоѓа во југозападниот дел на Украина, само на 30 километри од границата со Унгарија. Релативно блиску се и Словачка и Полска. Ова не е првпат Мукачево да е насловните страни: пред десет години таму имало слични судири, вели Виктор Небошенко, политиколог од Киев. Во криминалните кругови градот е познат уште и како „украинско Палермо“. „Проблем е што таму тешко се разликуваат безбедносните сили и локалните политичари, од мафијата“, вели Небошенко. Фактот дека премиерот Арсениј Јацењук во понеделникот го отпушти раководството на царинската управа во западна Украина, говори во прилог на тезата за шверц.

„Десен сектор“ е добро организиран и со искуство од борбите. Илјадници негови борци се во источна Украина. Минатата зима, за време на протестите во Мајдан, го основаа неколку групи. Иако не беа многубројни, се покажаа како добри улични борци.

По промената на власта во Киев и на почетокот на вооружените напади во источна Украина, десничарските ектремисти побрзаа кон Донбас. Откако формираа доброволни баталјони, се бореа на фронтот против проруските сепаратисти. Но, нивната репутација е контроверзна. Пред неколку недели организацијата за човекови права „Амнести интернешнал“ го обвини „Десен сектор“ за мачење на заробените сепаратисти. Слики од баталјоните со нацистички ознаки лесно можат да се најдат на интернет.

Ukraine Präsident Poroschenko Verfassungsänderung zur Dezentralisierung
„Десен сектор“ е предизвик за претседателот ПорошенкоФотографија: Reuters/V. Ogirenko

За разлика од улогата на бојното поле, „Десен сектор“ е на маргините во киевската политика. Ако се исклучат два директни мандата, истоимената новоформирана партија есента 2014 година не успеа да влезе во Парламентот.

Дилемата на Порошенко

Напнатоста во Мукачево е предизвик за украинската политика и правосудство, а посебно за претседателот Петро Порошенко. Неговите обиди за интеграција на десничарските паравоени организации во државните структури досега не успеаја. Порошенко сакаше да ги смести во министерството за одбрана или за внатрешни работи. Но, десничарските екстремисти поставија услов: да се донесе закон за „Украинскиот доброволен корпус“, кој самите го предложија, но не беше усвоен од парламентот.

Можеби инцидентот во Мукачево е продолжение на борбата за превласт меѓу претседателот и Ихор Коломојски, олигарх од Дњепропетровск. Порошенко неодамна го смени од должноста шеф на таа област не само него, туку и нему блискиот гувернер на Одеса. Коломојски е еден од финансиерите на „Десен сектор“, чие главно седиште е во Дњепропетровск.

Порошенко во меѓувреме нареди разоружување на сите паравоени формации во зоната на борбените дејствија, за да му покаже на „Десниот сектор“ каде му е местото - и покрај дилемата: со повлекување на групата од таа зона се заканува опасност од слабеење на украинските борбени сили, а покрај тоа, „Десен сектор“ би можел да покрене нови насилни протести во Киев.