1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Надеж за спокојство

Вук Тешија
30 август 2017

Семејствата на исчезнатите лица во војната во поранешна Југославија веќе не се надеваат на правда, ниту на судски пресуди. Само се надеваат дека обележаниот гроб на саканата личност ќе им донесе какво-такво спокојство.

https://p.dw.com/p/2j4KA
Kroatien Gedenkfriedhof Vukovar
Фотографија: picture alliance/PIXSELL

Сандра Рапчак од Сотин имала 2 години кога го одвеле татко ѝ. Борис Рапчак никогаш веќе не се вратил кај своето семејство и никој не знае каде се неговите посмртни остатоци. „Имаме некои информации и разговарав со луѓето од Србија кога бев на судење за воено злосторство. Ми рекоа само дека по него дошле од Негославац и со други Хрвати од фармата Јакобовац ги однесле во насока на Овчара. Тоа било на 30 септември 1991 година и оттогаш се води како исчезнат“, вели Сандра Рапчак која денес е претседателка на Здружението на деца на загинати и исчезнати хрватски бранители од Татковинската војна, кое брои околу 400 активни члена.

Денес за Борис Рапчак не се знае повеќе од оној ден кога го одвеле пред 26 години. Борис, чија фотографија се наоѓа во Националната евиденција за исчезнати лица во хрватското МВР, и на која 25-годишното момче го одвеле во костум и вратоврска, денес е единствениот од ретките спомени кои семејството ги има од својот син и татко, кој подолго се води како исчезнат отколку што бил жив.

Недостатокот од материјални спомени кои ги разнесе воениот виор и исчезнатите семејни албуми во пламенот на војната, на семејствата им оставаат празнина. Сите знаат дека не се живи, но семејствата се останите без гробови на своите синови, сопрузи и татковци. Сандра Рапчак тврди дека на семејствата по толку многу години судската казна и не им значи многу, на праведност никој од семејствата не се ни надева, но им значи да се најдат нивните синови, сопрузи и татковци. „Разговарав со една жена која го пронашла својот син. Без разлика колку ѝ е тешко - го загубила синот - самата вели оти сега пронашла мир. Има каде да отиде на гроб.“

Признаваат само на смртна постела

Иако од почетокот на војната помина повеќе од четвртина век, сигурно сѐ уште има  живи сведоци на злосторствата и оние кои би можеле да знаат каде се гробниците и каде се наоѓаат посмртните остатоци на сѐ уште исчезнатите лица. Постои можност на анонимна пријава во секоја полициска станица, во секретаријатот на МВР или на електронската адреса nestali@nestali.hr. Но, Сандра Рапчек вели оти такви пријави речиси и нема. „Анонимно не, единствено во разговор со нив, ако ги поттикнете. Така дознавме за масовната гробница во Сотина. Семејствата одеа во Србија да разговараат со нашите поранешни соседи и тоа траеше многу години додека признаа“, вели Сандра и додава дека ако немате некаков доказ против сведокот, тешко оти некој нешто ќе каже.

Kroatien Vermisste | Sandra Rapcak und Zvonimir Keser
Сандра Рапчак и Звонимир КесерФотографија: DW/V. Tesija

„Ретко кој тоа го прави поради совеста. Има такви случаи, но многу ретко. Некои пред да починат знаеја да признаат, веројатно поради страв од смртта, но инаку таквите случаи се многу ретки“, вели Рапчак. Таа е уверена дека многумина знаат каде се исчезнатите луѓе по кои се трага веќе со децении.

„Прашувавме луѓе во селото, но еден ни рече: ’Тоа не требаше да прашате’. Друг вели: ’Под земја е’, но не сака да каже каде. И тоа е тоа.“

Според податоците од Управата за заробени и исчезнати при Министерството за хрватските бранители, сѐ уште се бараат 1.533 лица исчезнати за време на војната. Освен тоа, актуелни се и 419 барања за потрага по посмртните остатоци на загинати лица, што се вкупно 1.952 нерешени случаи на државјани на Република Хрватска.

Министерството набави нови уреди, имаат гео-радар и дронови, во Вуковар пролетта отворија претставништво (второ е отворено во Сплит) и почнаа со работа, но процесот е сложен и долго трае.

Во мандатот на Управата за заробени и исчезнати од април 2016 година се интензивираа потрагите по исчезнатите лица за време на војната, а засилена е и меѓудржавната и меѓународната соработка, соработката со здруженијата на семејствата на исчезнати лица, но се работеше и на унапредување на методологијата на работа. Сепак, без разлика на трудот на државата, комплексноста на проблемот е голема, а хаосот од воените случувања е толку голем што и денес постојат смртни остатоци кои не се знае кому му припаѓаат. Не одговараат на ниту еден ДНК-примерок од семејствата кои ги бараат своите најмили, а за нивните идентитети може само да се претпоставува. Дали се во прашање т. н. викенд војници кои доаѓале од внатрешноста на Србија мотивирани од грабежи, или се во прашање државјани од некои трети земји, или нешто сосема друго - тоа не може да се потврди без позитивна идентификација. Едно е сигурно - нив никој не ги бара.

Децата на исчезнатите сѐ уште страдаат

Колегата на Сандра од Здружението, Звонимир Кесер од Загреб, исто така во војната го загубил татка си Иван. Тој укажува дека постои и еден друг аспект на проблемот: не се во прашање само убиените и исчезнатите, туку и нивните деца. Според него, речиси сите деца од Здружението имале некакви трауми, кои најчесто доаѓале до израз во пубертетските години. 

Здруженито на децата на загинатите и исчезнати хрватски бранители стана и место во кое членовите можат да разговараат и да се разбираат без многу зборови, бидејќи сите носат слична траума и сите и натаму не губат надеж: „Ќе се надевам додека сум жива. Човек живее од таа надеж, тоа е единствено што те држи. Правда не очекуваме. Одамна сме се помириле со тоа дека не се живи. Барем да добиеме гроб, да добиеме мир“, вели Сандра.