1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демонтажа на министерот за внатрешни работи

Матијас Белингер/превод: З. Јордановски8 октомври 2015

Активностите во бегалската криза во иднина ќе бидат координирани од канцеларката. Меркел го зголемува ризикот за себе со тоа што му ја одзема најважната задача на министерот за внатрешни работи, смета Матијас Белингер.

https://p.dw.com/p/1GkFv
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Се чини дека Меркел го загуби трпението. Таа де факто на министерот за внатрешни работи му ја одзема надлежноста за политиката спрема бегалците и ја префрли во својот канцеларски кабинет. Нејзиниот најблизок соработник, шефот на кабинетот Петер Алтмајер (ЦДУ), станува координатор за бегалската проблематика.

Со нејзината веќе славна реченица „Ќе успееме“ Ангела Меркел ја присвои како своја задача политиката во однос на бегалците. За тоа доби многу пофалби од целиот свет. Од „железна канцеларка“, која ја натера Грција да клекне на колена, одненадеж во перцепцијата на многумина таа стана „мама со срце“. Огромните предизвици сепак требаше други да ги решат: општините, сојузните покраини и министерот за внатрешни работи Томас де Мезие (ЦДУ).

Така нема да успееме

На сите страни нешто недостасува: има премалку сместувалишта, општински службеници кои треба да ги примат барањата за азил, стручни референти за да ги обработат. Во преполнетите кампови се’ почесто доаѓа до насилство. Пред канцелариите за регистрирање на бегалци се одигруваат драматични сцени. Јасно е: вака во секој случај нема да успееме.

DW Bölinger Mathias
Матијас БелингерФотографија: DW/C. Becker-Rau

Во кризата првенствено министерот за внатрешни работи остава впечаток како да бревта зад настаните. Тој прво го смени шефот на Сојузниот уред за миграција и бегалците и таа одговорност му ја приклучи на шефот на Сојузната агенција за вработување Франк-Јирген Вајзе, покрај неговата досегашна работа. Притоа министерот си оддаде признание сам на себе дека го одбрал „најдобриот“. Можеби Вајзе навистина може да менаџира истовремено две големи задачи. Но, поверојатна е другата варијанта - дека де Мезие имаше толку малку опции, што дозволи условите да му диктираат.

Министерот како учител недораснат на задачата

Никој не можеше да очекува дека Германија ова џиновска задача ќе може да ја совлада без проблеми. Дотолку е поважно за владата да покаже дека прави се’ што е можно за да излезе на крај со кризата. Де Мезие не остави таков впечаток. Кога почнаа да се натрупуваат вести за насилство во преполнетите сместувалишта, тој застана пред камерите и се пожали поради недоволна „доселеничка култура“ на бегалците. Обидот да се стави на чело на популистичките задршки во однос на бегалците дејствуваше очајнички. Де Мезие изгледаше како учител недораснат на задачата, кој се жали поради отсуство на респект кај неговите ученици.

Со нејзиното „Ќе успееме“ Ангела Меркел влезе во ризик, што е нетипично за неа. Со тиа зборови совладувањето на кризата го претвори во нејзин тест за докажување. Сега изгледа дека сфати оти не е доволно решението да му го препушти на својот министер за внатрешни работи. Нејзиниот президијален стил дојде до своите граници. Канцеларката можеше да го смени министерот де Мезие, како што таа постапи во слични ситуации. наместо тоа, таа се реши решавањето на кризата да го земе во свои раце. Со тоа го повиши својот влог. Ако успее да ја стави под контрола кризата на управата, нејзиното „Ќе успееме“ ќе влезе во учебниците по историја. Ако не успее да ја стави кризата под контрола, веќе ќе нема на располагање некој де Мезие, кого ќе може да го остави на цедило.