1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Демократската култура на македонските Албанци не е иста како во Албанија и на Косово

17 јуни 2008

Анализа на условите за време на изборите и демократската култура на македонските Албанци во весникот „Ноје Цирихер Цајтунг“.

https://p.dw.com/p/EL2D

„Изборната комисија докажа храброст и нареди прегласување во 187 избирачки места. На тој начин застана наспроти владата, која феноменот го третираше како нерегуларност во некои албански села. Прегласувањето успеа. Во печатот се зборува за „скандинавски услови“ при гласањето. И набљудувачите на ОБСЕ се донекаде задоволни. Владата на Никола Груевски и лидерите на Албанците се под притисок да успеат. Мисијата на ЕУ и американската амбасада ставија јасно до знаење дека коректните избори се минимален критериум за секој натамошен чекор на евро-атлантска интеграција“, се вели во текстот на „Ноје Цирихер Цајтунг“ посветен на изборите, кој натаму продолжува со анализа на демократската култура на Албанците во Македонија:

„Избирачките места беа обезбедувани со многу полиција. Покрај регуларните полициски сили на избирачките места имаше и припадници на специјалните сили тешко вооружени и во борбени одела. Тоа го релативизираше донекаде скандинавскиот впечаток. Голем број домашни и странски набљудувачи со своето присуство спречија измами во голем стил. Инцидентите на парламентарните избори во регионите населени со Албанци предизвикаа остри реакции на Косово и во Албанија. Коментаторите покажаа загриженост поради штетата по имиџот на сите Албанци, што со оглед на отворените прашања околу Косово и интеграционите цели на Тирана за ЕУ, значи хипотека. Зошто изборната култура во овие земји е подобра отколку кај македонските Албанци? Скусениот oдговор гласи - граѓанското општество на македонските Албанци е развиено помалку. Во Македонија, Албанците отсекогаш беа малцинство и беше поголем притисокот да и‘ се потчинат на сопствената елита, отколку што тоа беше случај на Косово или во Албанија, каде што Албанците се мнозинство. Овде патријархалната традиција и религијата се посилни. Поради тоа што партиите доминираат со целиот политички и економски живот, политичката борба одлучува за социјалните прашања, економските можности и шансите во животот воопшто.

Партиите го регулираат не само пристапот кон политичката моќ, туку ДПА и ДУИ на поединецот му ги отвораат своите мрежи, а поразот или победата се решавачки за напредокот или пропаста во општеството на приврзаниците на партиите. Затоа изборите секогаш значат да се оди на се‘ или ништо. Тоа им пречи на голем број Албанци. Ослободување од партиското владеење е главна цел на, пред две години основаното, движење „Зѓоху“, или во превод „Разбуди се“. “Ние водиме војна на два фронта“, вели претседателот на движењето, 31 годишниот Артан Груби. „Ние создаваме нови вредности преку граѓански акции против насилството во училиштата или протест против изградба на православна црква на местото каде што некогаш била родната куќа на Мајка Тереза.“ Груби смета дека паралелното општество кое што е етаблирано во регионите со Албанци, е нездраво. Со оглед на тоа што не владее законот туку партиите, за многу прекршоци не следуваат казни. Насилството на изборите би можело и со ова да објасни“, се констатира во весникот „Ноје Цирихер Цајтунг.