1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојни аршини за бегалците од Балканот

Б. Георгиевски/зц30 јули 2015

Продолжува дебатата во Германија околу судбината на бегалците од Западниот Балкан. Печатот го анализира односот на германските власти кон нив и прави паралела со другите европски земји

https://p.dw.com/p/1G7SP
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

„Релативно прогонети“ е насловот во еден од текстовите кој „Зиддојче цајтунг“ денеска им го посветува на бегалците од Балканот. Весникот потсетува дека бегалците од овој регион немаат речиси никакви шанси да добијат азил во Германија, „но затоа имаат поголеми шанси во другите земји на ЕУ“.

„Еве неколку бројки од минатата година: Франција одобрила 230 од 715 барања за азил од Србија, тоа е 32 отсто. Во Швајцарија се одобрени дури 37 проценти од барањата од Србија. Финска прими половина од сите Косовци кои се пријавиле за азил. Слични се бројките и за азилантите од БиХ: во Швајцарија стапката на одобрување е 42 отсто, во Белгија 18 и во Данска 12 отсто. Германија одобри помалку од 1 проценто од барањата од тие земји. Само секое илјадито барање од Србија е одобрено, од Македонија 0,3 проценти, а од Албанија 0,4 отсто.

Јасно е како ден дека во ЕУ постојат различни аршини. Но, треба да се прочитаат годишните извештаи на Амнести интернешнл за да се признае дека Ромите во Србија и во другите балкански земји се изложени на дискриминација која е опасна по живот. Според Женевската конвенција за бегалците, подметнувањето пожари во ромските населби, нивната гетоизација и економското лишување, можат да се окарактеризираат како „групен прогон“. Во Франција токму така е и сторено. Во Германија- не“.

Дали се сите измамници?

„Зиддојче цајтунг“ го цитира професорот по меѓународно право Норман Пич кој е автор на експертиза за положбата на Ромите во БиХ, Србија и Македонија: „Многу видови дискриминација кои практично ги погаѓаат сите сфери на животот на Ромите, сами по себе, можеби не го достигнуваат интензитетот врз основа на кој тоа може да биде квалификувано како прогон. Но, севкупно гледано создадена е состојба на безнадежност, од која многумина единствениот спас го гледаат во бегство“.

Deutschland Presseschau zu Ukraine Proteste
Фотографија: DW/V. Medyany

Притоа, 90 отсто од Србите кои во периодот од јануари до март 2015 година побарале азил во Германија биле Роми. Меѓу оние од БиХ тој процент бил 60 отсто, а од Македонија- 63 отсто. Речиси сите се одбиени бидејќи доаѓаат од земји со сигурно потекло, што автоматски исклучува дека се политички прогонети.

И конечно, со заострувањето на законот за азил, сите бегалци, дури и политички прогонетите, го кршат германскиот закон: имено, од сега, секој бегалец кој во текот на бегството ќе плати услуги на трговци со луѓе, кој патувал со фалсификувани документи или не сочекал неговото барање за азил да биде обработено во некоја друга европска земја- може да биде уапсен. Бидејќи тоа важи за речиси сите бегалци, без оглед дали доаѓаат од Сирија, Еритреја или Србија, се поставува прашањето: Дали сега сите тие се измамници?“

Застрашувачки пораки

Во втор текст под наслов „Застрашувачки пораки“, „Зиддојче цајтунг“ пишува за различните обиди на германските власти да ги одвратат луѓето воопшто да тргнат кон Западот, односно кон Германија за да поднесат барање за азил. Па така, германската полиција, на барање на министерството за надворешни работи сними филм во траење од пет минути кој со синхронизација ќе им биде доставен на германските амбасади и конзулати во Србија, БиХ, Македонија, Косово и Албанија.

„Гласот на нараторот во филмот кој звучи пријателски меѓудругото вели: потрагата по работа во Германија не се признава како причина за добивање азил. Но, владата во Берлин не зборува толку јасно и гласно за главниот и легален пат во ЕУ кој важи и за луѓето од Западниот Балкан: а тоа е официјалната листа со дефицитарни занимања. Оној чија професија е на оваа листа, може од својата земја да провери дали неговата диплома се признава во Германија. Доколку се признава, тогаш се големи шансите да се добие дозвола за престој и работа во Германија. И сето тоа без бегство, трошоци за трговци со луѓе и голема шанса на крајот на сите маки сепак да биде вратен дома“.