1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајте ново дете: инстант-политиката скарана со етиката!

Катерина Блажевска16 јуни 2016

Заедницата е формирана како етичка категорија, но тоа е неразбирлива музика за ушите на нашите министерски величини, велат аналитичари за смените во извршната власт, при кои целосно се игнорира одговорноста.

https://p.dw.com/p/1J7Lm
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Дајте ново „дете“! Во ваков стил, како на фабричка лента се (и)менуваат нови министри на местата на оние кои заминале од функцијата. Едни си одат, други доаѓаат. Последниот во низата е Кирил Миновски, новиот чувар на државната каса. Претходно, во април Собранието без расправа ги констатираше оставките на министрите и замениците министри на ДУИ и изгласа нови осум министри и четири заменици. Сите беа непознати за пошироката јавност, а на функциите стигнаа со вообичаената бирократска референца: „образовани“ и „професионалци“. Ништо ново, ако се има предвид дека и нивните претходници своевремено дојдоа со истите епитети. Но кога заминуваа, малку или воопшто не се разговараше за нивната морална и политичка одговорност, што е проблем во земја каде со години изостанува законска одговорност за носителите на функции. Резултат од тоа е еден класичен апсурд: многу професионалци, малку професионалност.

Нема морална вертикала

Каде е дефектот и дали клучната алка што недостига е етиката?

„Во принцип не почитувам некои 'вредности' што ги третира неолибералната логика, како на пример, 'професионалноста'“, вели Трајче Стојанов, доктор на филозофски науки на Универзитет „Гоце Делчев“.

„Дури и некои општо прифатени 'вредности' ми се сомнителни, како на пример, умноста или интелегенцијата на поединецот, неговата наобразба, начитаност. Што значи тоа без морална вертикала? Тоа значи само ослободеност од бремето да ја употребите таа моќна алатка - разумот, во целосно неетички цели. На крајот, сите овие 'вредности' се нешто што се учи. Токму тоа го прават во денешните 'економски' школи - ве учат на 'професионалност', на 'умност', 'снаодливост', целосно ослободувајќи ве од баластот на етичкото. Во животот сум се среќавал и повеќе сум почитувал луѓе и помалку учени и помалку умни, но далеку подоблесни, морални величини“, вели д-р Стојанов.

Тој потенцира дека „наобразбата“ и „професионалноста“ со упорност и дисциплинираност може да се стекнат за кратко време, но доблесноста бара далеку посилен и поцелосен личносен пресврт.

„Затоа, политиката нужно мора да остане врзана примарно со етиката, а после со сите останати доблести - професионалност, вештини, знаења. Не случајно Платон барал со политика да се занимаваат поединци над 40 години, кога веќе имаат изграден етос, изграден карактер. Без тоа, политиката останува само 'tehne', форма во која може да ставате разно-разни проекти и проектчиња, да се качувате на листата на Doing business, да манипулирате со бројки, а во исто време да останете бескрајно арогантен, безмилосен и суетен. Конечно, не можете да учествувате во градење на полисот (заедницата), да се занимавате со политика без таа етичка претпоставка, од едноставна причина што политичкото во својата суштина е проекција на етичкото врз заедницата. Заедницата е формирана како етичка категорија. Но, тоа е неразбирлива музика за ушите на нашите министерски величини“, констатира д-р Стојанов.

Mazedonien Proteste in Skopje
Политиката нужно мора да остане врзана примарно со етиката, нагласува СтојановФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Политичкиот инает над сите норми

Моралната одговорност никогаш не била на цена во Македонија во изминатите две децении или поточно, таа е во постојан слободен пад. Неформалното „алиби“ за таквата состојба и натаму се црпи од „старата вистина“ дека политиката е валкана работа и дека не може да се очекува да биде поинаква. Токму затоа, примерите за оставки од морални причини се многу ретки. Тоа досега го направија двајца директори во Фондот за здравствено осигурување по смртта на малата Тамара, и еден министер, пред речиси две децении.
„Од оставката на министерот за транспорт, Антони Пешев, поради авионска несреќа во 90-тите години, многу ретки беа оставките поради морална одговорност, а уште помалку некој да се повлече поради објективни пропусти и предизвикани штети во неговата работа“, оценува аналитичарот Даут Даути.

„Секако, не може некој носител на висока јавна функција да биде принуден даде оставка само затоа што го критикува опозицијата, туку мора да постои таква политичка култура во која одговорноста треба задолжителен дел од практикувањето на власта. Но, кај нас политичкиот инает некогаш е над сите норми, а како резултат на тоа кога некој бара одговорност од влада, министер или директор, сѐ повеќе одговорот е демагошки: 'ние имаме легитимитет од народот, само народот е тој неприкосновен авторитет кој бира или одзема легитимитет'. Ако се сведе работата на такво демагошко гледање, тогаш не треба да се чудиме што и при очигледни повреди на Уставот и законите и при очигледни штети врз владеењето на правото, политичарите се затскриваат зад народот! А народот не дал апсолутно право на владеење со прекршување на закони и предизвикувње штети на буџетот или други општи добра. Владеењето на правото не треба да биде во заложништво на односите на политичките фактори во една земја, туку врз вистинска поделба на власта, врз градење на инситуции кои работат без политички диктат и врз негување на таа политичка култура која ни недостига, а која мора да има поголемо 'количество' етика“, посочува Даути.

Symbolbild Schach Peer Steinbrück
Без секого се може?Фотографија: Andre Borlinghaus/Fotolia

Без секого се може!

Оние ретките кои се обидувале да укажат на значењето на оценката дека - оној што се обидува да ја дели политиката од етиката, тој не го сфатил ниту едното ниту другото (Жан Жак Русо), најчесто се соочиле или со деградирање или со „пријателска опомена“.

„Кога укажав на една и незаконска и неетичка постапка, директно ми беше речено 'да си ја гледам работата'. Откако потенцирав дека токму тоа и го правам, бидејќи реагирам за нешто што е директно во делокругот на мојата работа, бев посоветуван да си го чувам работното место, бидејќи 'без секого се може'“, признава вработен во едно министерство. Вели дека малодушно потклекнал на „советот“, бидејќи се почувствувал немоќен сам да се бори против режимот кој ги има окупирано и институциите и судството.

„Уверувањето дека 'без секого се може', е иманентно на неолибералната, капиталистичка логика и секој од нас или се сретнал или би се сретнал, многу веројатно, барем еднаш во својот живот“, вели д-р Стојанов.

„Но ова одвратно третирање на човекот може да биде прифатливо само во една смисла. Имено, се може без некого, но само затоа што тој создал и зад себе оставил подобри од себе, ученици кои го надминале својот учител. Секое друго интерпретирање на синтагмата 'без секого се може' е понижување на поединецот за некоја друга, 'виша' цел. Во таков случај, не можете да очекувате и никаква одговорност од поединецот, оти тој е само 'маша', дел кој исполнува функција во целината. И во случаите со менување на нашите министри, со нивно заминување од 'здравствени причини', го видовме токму тоа - дека без секого се може и дека 'вишата' цел ќе продолжи да се реализира и без нив. Во таков случај, етичкото целосно е деградирано како 'вишок', како непотребност, како бреме што пречи во реализацијата на 'вишата' цел. Затоа и не се сеќавам дека некој во овие 25 години независност сам си заминал од функцијата од етички причини, дека пред себе признал оти не може да се носи со тоа бреме и дека почувствувал и демонстрирал одговорност“, констатира д-р Стојанов.

Според политиколозите, во време кога се протестира поради нарушеното владеење на правото и против обидите за инсталирање на политика на неказнивост, расправата за етиката во политика не смее да остане надвор од масата на која се крои излезот од кризата, бидејќи токму нејзиното игнорирање создава нови агенси кои ја хранат и мултиплицираат.