1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лов на даночни затајувачи во Грција- со германска помош

Јанис Пападимитриу/сн23 јануари 2016

Долго време Грција одбиваше германска поддршка за изградба на ефикасна финансиска управа. Сега дојде до промена на курсот: во Атина двете влади договорија соодветна соработка на тоа поле.

https://p.dw.com/p/1HgMO
Фотографија: Fotolia/Andre Bonn

Посрдечен дочекот не можеше да биде. Со зборовите: „Господине министре, мој драг пријателе Норберт“, грчкиот заменик министер за финансии Трифон Алексијадис го пречека министерот за финансии на германската сојузна покраина Северна Рајна Вествалија, Норберт Валтер-Борјанс. И неговиот разговор со премиерот Алексис Ципрас речиси во живо беше пренесуван во ударните термини.

На крајот гостинот од Германија и неговиот атински колега потпишаа писмо со намери за заедничка борба против затајувачите на данок во Грција. Тоа предвидува 50 грчки даночни инспектори да заминат на дообука во Северна Рајна Вествалија, по што ќе следуваат натамошни чекори. Домачинот Алексијадис, признат стручњак и некогаше шеф на синдикатот на вработените во даночната управа, нагласено му се заблагодари на германскиот гостин.

Затајувачите да се натераат да плаќаат данок

Валтер-Борјанс како и сојузниот германски министер за финансии Волфганг Шојбле уште пред неколку години понудија германска помош во реформата на финансиските служби во Грција, но за тоа немаше слух во Атина. Левичарскиот премиер Ципрас постојано говореше дека се подготвува за борба против корупцијата и затајувачите на данок. Тој вети дека токму од таму ќе се слеваат средствата за буџетот со кои ќе ја финансира својата социјална програма. Затајувачите на данок „нема да можат да спијат мирно“, вети Ципрас неодамна.

Griechenland Inseln verlieren Steuernachlass - Mykonos
Фотографија: Imago/ANE Edition

Дали се ова нови тонови од Атина? Економистот Костас Скурас не е потполно убеден. „ Не слушаме за првпат за обука на грчки даночници. Уште во деведесетите години од минатиот век, тогашниот социјалистички министер Пападопулос потпиша соодветен договор со САД, кој никогаш не беше спроведен“, вели Скурос за ДВ.

Од другастрана јавните приходи во 2015 година ги надминаа очекувањата. Тоа би можело да биде знак дека владата сериозно се заложила за тоа. Но, Скурас предупредува од преголеми очекувања. „ Само во 2015 година се воведени девет нови директни или индиректни начини на оданочување, а тоа е причината зашто се зголемени приходите. Но, тоа високо оданочување на долги патеки како последица би можело да има контра ефект“.

Сигнал за решителност

Заменикот министер за правда, Димитрис Папангелопулос не се сомнева дека Атина има политичка волја да се презмета со затајувачите на данок. Тој предупреди дека владата е во „војна“ против нив и оти во таа војна ќе ги употреби сите расположливи средства. А во тие оружха спаѓаат и ЦД-та од банкарскиот рај- Швајцарија. Финансиските служби на Северна Рајна Вествалија на атинското министерство за финансии во ноември 2015 година му ги предадоа ЦД-та со имињата на грчките сопственици на сметки во швајцарските банки, што во Грција е познато како „Борјансова листа“ . Повикувајчи се на тие податоци државното обвинителство на Грција ја истражуваше работата на атинската канцеларија на големата УБС банка. „Имиња и адреси, ве молам“, беше насловот во левичарскиот весник „ Новости на уредникот“. Но, имињата не се познати до денес. Постојат гласини дека станува збор за 'позната актерка', која во Швајцарија има преку еден милион евра, или пак за свештеник кој има околу 400 илјади евра... Во втората половина од јануари финансиските служби испратија предупредувања на адресите на првите 20 лица од „Борјансовата листа“.

Притоа владата на Ципрас ветува итна анализа и на т.н. „Лагард листа“. Тука станува збор за околу 2000 Грци кои поседуваат сметки во швајцарски банки, кои во 2010 хгодина тогашната француска министерка за финансии а сега шефица на ММФ, Кристин Лагард му ги предаде на својот грчки колега Јоргос Папаконстантину. Тоа се податоци кои некогашниот вработен во банката ХСНЦ ги украде и ѝ ги понуди на Франција да ги откупи.

По проверката на ЦД- та со даночни податоци Атина би можела за кратко време да инкасира околу две милијарди евра од даноци и казни, јавуваат грчките медиуми. Економскиот експерт Скурас е скептичен. „Сериозен однос кон ЦД-та со даночни податоци би барал работа во тишина и без преголема помпа, за властите да можат да ги пронајдат даночните затајувачи без да предизвикаат преголемо внимание. Но, со волку текстови во весниците се сомневам дека сето тоа на некој начин е политички инструментализирано“, вели аналитичарот од Атина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема