1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Дали турските хакери ја нападнале Грција?

Јанис Пападимитриу
4 мај 2018

Односите меѓу Грција и Турција се деновиве заострени, а повод се хакерски напади, за кои Атина ја обвинува Анкара. Грчките експерти предупредуваат на веројатноста да следат и нови сајбер-напади.

https://p.dw.com/p/2x9Vg
Symbolfoto Big Data
Фотографија: Imago/Ikon Images/J. Holcroft

Реакцијата на грчкото Министерство за одбрана во четвртокот изгледаше речиси рутинска: „Сајбер-нападите веднаш беа неутрализирани од страна на надлежната служба. Интернет-страницата на Министерството во ниеден момент не беше исклучена“. Што се случило? Претходниот ден турската хакерска група Акинчиалар (во превод: инвазори), тврдеше дека ја нападнала страницата на Министерството за надворешни работи во Атина и дури објави видео со кое ја документираше својата акција. Претходно исто така беше хакирана веб-страницата на грчката новинска агенција АНА. Атинскиот новинарски синдикат ЕСИЕА најостро го осуди сајбер-нападот и изрази солидарност со турските новинари кои во соседната земја се борат за слобода на медиумите.

Повеќе: 

Грција и Турција: кавги наместо помирување

Солун - омилена дестинација за критичарите на Ердоган

Турските хакери пак на ТВ Скај од своја страна објавија дека сајбер-нападите се одговор на одбивањето на Атина да ги испорача турските офицери, кои во јули 2016. година побегнаа во Грција по неуспешниот обид за пуч во Турција. „Ние сме активни против силите кои го загрозуваат нашето национално единство. Сѐ додека Грција опстојува на својата сегашна линија, и натаму ќе следат напади“, изјави член на хакерската група. Околу идентитетот на извршителите, во Атина кружат неофицијални гласини. „Мислам дека не станува збор за обични граѓани, туку за агенти на турската држава. Тоа е сосема јасно“, верува Ангелос Суригос, политиколог и поранешен генерален секретар во Министерството за внатрешни работи во Атина.

Symbolbild Cyberkriminalität
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Страв од натамошни напади

Сѐ уште не постојат никакви докази дека зад најновите хакерски напади навистина стојат организирани структури, смета Јоргос Цогопулос, доцент за меѓународни односи на Универзитетот Тракија. Сепак, би било добро грчката влада да го зголеми вниманието во поглед на сајбер-безбедноста. „Оваа тема ужива приоритет и во ЕУ, како и во САД, посебно поради зголемената активност на Русија на полето на интернетот“, предупредува тој во разговор за Дојче веле. Тој со жалење констатира дека Грција во оваа област сѐ уште заостанува.

Овој став го дели и советникот за ИТ-безбедност, Костас Вавусис. „Познато ни е дека Турција располага со силна сајбер-армија. Грција мора конечно да инвестира во својата сопствена сајбер-одбрана“, изјави овој експерт за ТВ Антена. Политиката засега се воздржува од коментари. Експертите стравуваат од продолжување на хакерските напади. Во секој случај, овие инциденти придонесуваат за значајно влошување на односите меѓу Грција и Турција, истакнува политиколот Цогопулос.

Грчките хакери подготвени за контранапад

Во четвртокот одеднаш дојде до наводен контранапад: грчките хакери од групата Анонимус, според сопствени тврдења, го нападнале серверот на турски Телеком и со часови ја блокирале веб-страницата на телевизијата 24ТВ која емитува програма во живо. Кратко пред турските парламентарни избори нападите ќе бидат повторени, најавија грчките хакери.