1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Македонија профитира од маката на бегалците?

Костадин Делимитов30 октомври 2015

Каде завршуваат парите од тројно поскапите билети за воз за бегалците? Профитира ли некој од нивната мака? Граѓанскиот сектор реагира на дискриминација и бара засилена финансиска контрола за продажбата во кеш

https://p.dw.com/p/1GxC5
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Поскапата цена за билетите за воз за бегалците го крена на нозе граѓанскиот сектор во Македонија. Одлуката за безмалку тројно поскапи билети за луѓето кои транзитираат низ земјата на патот кон ветената Западна Европа предизвикува остри критики, но и реакции дека ваквите одлуки кршат дури и одредби од Уставот. Неколку невладини организации, граѓански асоцијации и волонтери бараат цените да се изедначат со оние што се предвидени за граѓаните но и засилена контрола за тоа каде одат парите од продажбата која се врши исклучиво во готово и тоа по 25 евра за билет:

„Надлежните институции да извршат надзор над финансиското работење на Македонски железници како едно од најголемите државни претпријатија кое со неоправданото зголемување на цените за јавен превоз за бегалците во јавноста ги зголемува сомнежите дека профитира на маката и страдањето на луѓето кои транзитираат низ државата. Железничкиот превоз е јавен превоз, а согласно член 3 став 1 точка 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, јавниот превоз е достапен под еднакви услови за сите корисници вклучувајќи ги и странците кои престојуваат или транзитираат низ државата. Исто така во согласност со член 16 став 2 од Законот за азил и привремена заштита, странецот при искажување намера за азил има право во рок од 72 часа да побара право на азил или да ја напушти државата, што значи дека има еднакво право да користи јавен превоз како и граѓанинот на РМ. Членот 29 од Конвенцијата за статусот на бегалци ги обврзува договорните страни/државите дека нема да им наметнуваат на бегалците обврски, давачки или даноци, од секаков вид, вклучувајќи, други или повисоки од оние кои се или можат да бидат наметнати на нивните државјани во слични ситуации“, реагираат од Фондацијата Отворено општество –и партнерските организации Легис, Македонско здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Mazedonien Gevgelija Flüchtlingswelle
Воз со бегалци на граничниот премин кај ГевгелијаФотографија: Reuters/S. Nenov

Ако се земе во предвид податокот на надлежните дека низ земјава во просек транзитираат по околу две ипол илјади бегалци и мигранти, тогаш дневно по оваа основа се вртат најмалку 60 илјади евра, или безмалку два милиони евра месечно. Оттука, коментираат упатените ургентно е потребна засилена контрола, но и отчетност. Од Македонски железници пак тврдат дека поскапите билети се изнудено решение поради зголемените трошоци во работењето. Екстра заработка немало, а целиот процес веќе започнал строго да се контролира:

„Ние не можеме да бидеме хуманитарна организација, да ги возиме бегалците гратис, а да трпиме загуби. Ако има некоја организација која ќе ги покрива трошоците тогаш да, нема да имаме никаков проблем, но вака не. Сите само реагираат, но никој не сака да преземе одговорност. Затоа ние бевме принудени да ги прилагодиме цените на билетите на трошоците. Одлуката која ја донесовме беше одобрена и од Владата. Обичните билети се формирани за редовни услови, редовен сообраќај и за меѓунартодемн превоз чинат 15 евра. Но сега тоа не е така, транспортот е вонреден, имаме ангажирано вработени, вонредни возови кои сообраќаат во дел и празни. Сите трошоци за струја, одржување, чистење, сервисирање ги плаќаме сами и затоа се такви цените кои се формирани да ги покријат трошоците но не и да ни донесат екстра заработка. Од вчера воведовме и строг систем на контрола на билетите кои се продаваат на посебен пункт. Нумерирани се и нема никаква можност за злоупотреби. Сите пари од продажбата завршуваат во компанијата “, изјави за Дојче веле Кире Диманоски од Македонски железници АД Транспорт.

Дел од надлежните веќе се огласија дека реакциите околу цената на билетите за железничкиот превоз се беспредметни. Од кабинетот на шефот на државата велат дека Македонија тоа го прави дури и поволно со оглед на трошоците на пример во соседна Грција каде според нивните информации патувањето на мигрантите чинело и до 200 евра.