1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали и на Живко Будимир ќе му треба помилување?

Самир Хусеиновиќ / Александра Трајковска27 април 2013

Припадниците на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) на БиХ и припадниците на други полициски агенции ширум земјата уапсија 20 лица. Меѓу уапсените е и претседателот на Федерацијата на БиХ Живко Будимир.

https://p.dw.com/p/18OJk
Фотографија: SIPA

По наредба на судот и обвинителството на БиХ припадниците на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) вчера (26.04) извршија три оперативни акции на поширокото подрачје во БиХ. Станува збор за акциите под име „Мемори“, „Патриот“ и „Правда“.

Во рамките на овие акции од слобода беа лишени 20 лица, кои се поврзуваат со корупција и други дела на злоупотреба на службена должност, трговија со опојни дроги и организиран криминал. Претреси беа извршени на вкупно 23 локации во земјата.

Вчера во Сараево беа уапсени и претседателот на Федерацијата на БиХ Живко Будимир, претседателот на Комисијата за помилување Хидајет Халиловиќ. Советникот на претседателот на Федерацијата на БиХ Петар Баршиќ беше уапсен во зградата на федералната влада во Мостар.

Потпретседателот на Владата на Федерацијата на БиХ и министер за земјоделство, водостопанство и шумарство Јерко Иванковиќ Лијановиќ ги демантираше наводите за претрес на неговата канцеларија и федералната влада, приватниот имот и компанијата „Лијановиќ“ во Широки Бријег.

Будимир со лисици на раце приведен во просториите на СИПА

Будимир, кој синоќа беше приведен во просториите на СИПА на сослушување, неговиот советник Баришиќ, претседателот на Комисијата за помилување Халиловиќ, како и уште неколкумина уапсени лица, се сомничат за злоупотреба на положбата, примање и давање мито, организиран криминал и неовластена трговија со дроги.

Будимир е уапсен во рамките на акцијата „Патриот“, а меѓу другото се товари за примање мито со цел помилување на одредени лица.

Zivko Budimir - Festgenommen
Фотографија: SIPA

Припадниците на СИПА извршиле претрес и во куќата на претседателот на Здружението на пензионирани и демобилизирани бранители Иван Јуришиќ, но според информациите тој не е меѓу уапсените.

Адвокатот на Будимир, Фахрија Каркин, рече дека ацијата на апсење била „спекаткуларна“. „Реткост е да се апси еден претседател“, рече Каркин, додавајќи дека на Будимир му е одредено задржување во просториите на СИПА 24 часа, по што би можела да биде донесена одлука за мерка притвор.

Партијата СДА се сомнева дека апсењето е во функција на преземање на власта

„Борбата против организираниот криминал и корупцијата и нивното непоколебливо откривање и документирање и натаму ќе биде апсолутен приоритет за Агенцијата за спорведување на законот“, се наведува во соопштението на Министерството за безбедност на БиХ.

„Никој не смее да биде над законите и сите мораме да одговараме за своите постапки, уважувајќи го принципот дека никој не е виновен додека тоа не се покаже со правосилна судска постапка. Никој не може да се крие зад функцијата која ја извршува“, рече во однос на апсењата федералниот премиер Нермин Никшиќ.

„Ја поддржуваме истрагата, но сметаме дека ова против претседателот Живко Будимир е апсолутно неосновано и дека единствена цел на сето ова што се случува е реконструкција на владата на Федерацијата БиХ“, рече Жељко Асиќ, потпретседаел на неодамна формираната партија на Будимир, Партија на правда и доверба.

Партијата за демократска акција (СДА) соопшти дека ја поддржува работата на институциите за спроведување на законот, но и дека се сомнева дека апсењето на претседателот на Федерацијата БИХ било исклучиво во функција на преземање на извршната власт од страна на новото парламентарно мнозинство во земјата.