1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санџак - димна завеса за Косово

Сања Клајиќ
22 октомври 2016

Во Санџак има радикализам. Но, тоа што некој е вахабист не значи дека е милитантен, велат новопазарци.

https://p.dw.com/p/2QrL3
Serbien Stadt Novi Pazar
Фотографија: DW/S. Kljajić

„Какви радикални исламисти, па еве, јас секој ден кај оној вахабистот купувам сендвич. Тој ми вели ‘повелете’, а јас на него ‘благодарам, пријатно’ и продолжувам по својот пат. Верувајте ми, екстремисти тука гледаат само белградските медиуми, ние имаме други грижи“, раскажува еден новопазарец додека чека да му пристигне порција од надалеку прочуените ќебапи.

И навистина, во овој, статистички најмлад град во Европа, има многу малку што наликува на новинарските наслови. Рака под рака шетаат млади девојки во летни здолништа и во хиџаб, момчиња со долги бради и тазе потшишани. Тие велат дека милитантните верски движења се далеку вон нивните сфери на интересирање. За радикалната организација „Фукран“, прв и последен пат слушнале кога медиумите објавиле бомбастични наслови за нивното апсење, а повеќето вахабисти повеќе се загрижени поради недостатокот на работни места.

Меѓутоа, истражувањата ги демантираат. Последното кое го спроведе Хелсиншкиот одбор за човекови права покажува дека една петтина од младите во Санџак сметаат дека е оправдано својата вера да ја бранат со насилство, додека секој десетти испитаник смета дека е оправдано да оди во друга земја за да го брани исламот. „Тој облик на однесување доаѓа пред се поради лошата економска ситуација, луѓето едноставно не се слободни и независни и подложни се на манипулации“, објаснува за ДВ локалниот музичар и член на фондацијата Фронт од Нови Пазар, Семих Дуровиќ и додава дека припадноста кон радикалните учења, често е само плод на потребата за припадност кон нешто и е прашање на идентитет.

На прашањето колку луѓе од просторот на Санџак навистина отишле на странските боишта, српската полиција не ни даде одговор. Според последните информации кои ги објави министерството за внатрешни работи на почетокот на оваа година, во последните четири години 50 државјани на Србија заминале во Сирија и Ирак. За осуммина се претпоставува дека загинале, а за седум борци се смета дека се вратиле во Србија. Официјалните лица порачуваат дека тој број е намален откако владата, во октомври минатата година, ги усвои измените на кривичниот законик со кој се забранува учество, организирање и регрутирање на други лица за учествување на странски боишта, но и овие  информации не се поткрепени со официјални податоци.

Сѐ што ѝ е познато на јавноста околу ова - познато ѝ е од медиумите кои во таблоиден стил ги пренесуваа информациите за апсењето на членовите на невладината организација „Фуркан“, кои се сомничат за извршување и за обучување на други лица за извршување на терористички дела. За епилогот од обвинението, обвинителството молчи, додека во новопазарската чаршија се шепоти дека истите биле ослободени по 48 часовно задржување и дека таквото сценарио е веќе видено по апсењето на „Нинајската група“ во 2007 година. Тој случај беше прогласен за државна тајна, па јавноста никогаш не дозна што се случи со групата вахабисти кои тогаш беа обвинети за тероризам. 

Serbien Stadt Novi Pazar
Длабоки меѓуверски поделби во Нови ПазарФотографија: DW/S. Kljajić

Не е религија, туку криминал

Вахабистите на просторот на Санџак за првпат се појавуваат во 1997 година кога новиот имам во една од локалните џамии барал од верниците да се молат на поинаков начин, по што, во 2000 година настануваат и установи во кои се проповеда вахабизам. Според последните извештаи на Меѓународната кризна група, во Санџак има околу 300 припадници на вахабизмот, но тие не се цврсто организирани и само 50-тина од нив се активни. Функционираат преку неофицијални џамии, кои кај локалното население се познати како параџамии, а обично се состануваат во приватни објекти – месџиди. Сограѓаните ги препознаваат по кратките панталони и долгите бради.

Меѓутоа, тоа што некој е припадник на вахабистичкото движење не значи и дека е милитант, потсетувааат новопазарците. „Тој радикализам е исклучиво религиски радикализам и разликите се исклучиво религиски“, објаснува Сеад Биберовиќ од организацијата „Урбан ин“, кој за потребите на едно регионално истражување разговарал со припадниците на т.н. параџамии. „Добив уверување од сите нив дека не се спремни да станат терористи, да го попречуваат секојдневниот живот во нашиот град, туку дека само се разликуваат во сфаќањето на исламот“, раскажува Биберовиќ за ДВ.

Но, самиот факт дека одередени поединци веќе биле на странски боишта говори дека екстремизмот е сепак присутен во главите на одредени поединци. Тоа, меѓутоа, нема никаква врска со исламот, категоричен е исламологот и поранешен имам Бекир Макиќ. Тој подвлекува дека исламисти не постојат во Куранот. „Кога веќе велите исламски тероризам, дали и она што се случи во Норвешка го нарековте христијански тероризам? Не. Теророт не смее да се асоцира со верата во чие име го има зборот мир - селам“, раскажува Макиќ.

Ако не е поврзано со религијата, тогаш сигурно е со организираниот криминал, се сложуваат нашите соговорници. Колку се активни криминалците, велат тие, зависи од ситуацијата на странските боишта, и во полушепот кажуваат како скаутите кои младите момчиња ги носат на боиштата, по правило се луѓе со криминални досиеја, поврзани со трговија со наркотици и оружје, а младите луѓе ги користат како топовско месо. Колку навистина се присутни во Санџак, и верските лидери, активистите и градските служби тврдат дека не знаат, а после двете серии на апсења, регрутацијата се одвива, како што велат тие, исклучиво од „уста до уста“.

Први на удар, по правило, се социјално најзагрозените и оние млади кои имале финансиски или семејни проблеми, кои се маргиналци во пограга по својот идентитет. Барајќи излез, тие се сложуваат да одат во Сирија, каде сигурно ќе бидат убиени, ако не на фронтот, тогаш од страна на оние на кои не им ни паѓа на памет да ги плаќаат, велат нашите соговорници. 

Serbien Stadt Novi Pazar - Bekir Makić, Islamologe
Бекир Мекиќ вели дека тероризмот не смее да ѝ се припишува на вератаФотографија: DW/S. Kljajić

Пукнатина во која се раѓаат екстремисти

Во потрага по виновници, новопазарците го вперуваат прстот во верските лидери кои во 2007 година ја поделија и разнишаа исламската заедница. Тоа е, велат, најболната поделба која им се случила на Бошњаците од Санџак. Поделени се имамите, џамиите, оџите, професорите, верските учители, роднините, дури и најблиските семејства се доведени до тоа брат на брата си да не отиде на погреб затоа што едниот ја подржува едната, а другиот другата исламска заедница.

Во таквата атмосфера никнаа десетина исламски заедници, па и невладини организации кои, како што вели Бекир Макиќ, прават што сакаат и подучуваат како сакаат. „Тоа е главниот фактор кој би можел да ги неутрализира радикалните исламисти, бидејќи сега, една заедница ја обвинува другата дека тие се одговорни за некои момци кои никој за ништо не го прашуваат“, раскажува Макиќ, еден од лидерите на Иницијативата за помирување на исламските заедници.

И на едните и на другите им префрлуваат тоа што никогаш јасно не го осудиле тероризмот, ниту се обиделе да ги делегитимираат радикалните сфаќања. „Се одеше дури и во друга крајност, па некои од нив, на своите интернет портали креираа таква атмосфера, да младите луѓе во своите глави добијат слика на шехид, дека тоа е добро, дека тоа е правиот пат, дека така сака Алах“, раскажува за ДВ Сеад Биберовиќ.

Луѓето од Нови Пазар ги препознаваат политичките говори кои верските лидери ги користат за време на молитвите, а во тоа, велат, предничел поранешниот имам, а денес политички лидер Муамер Зукорлиќ, кој во јавноста повеќе пати беше обвинуван дека поддржува радикални исламистички идеи и вахабистички движења. „Тоа од секогаш била реакцијата на насилните и неправедните удари врз исламската заедница, кога нам не ни е оставен друг простор освен да го подигнеме гласот“, одговара за ДВ, Муамер Зукорлиќ. „Кога некој ќе го притиснете до ѕид, па не му дозволувате правно да се одбрани, а имате и злоупотреба на специјални полициски сили, упаѓање и одземање на џамии, отстранување на еден имам носење на друг, не ви останува друг избор“, се правда Зукорлиќ. 

Serbien Stadt Novi Pazar
Граѓаните виновникот го гледаат во поделената Исламска заедницаФотографија: DW/S. Kljajić

Очите вперени во Белград

Оваа поделба, според Бекир Макиќ, Белград би можел да ја реши со еден акт. Со него се согласуваат и останатите соговорници, уверени дека поделбата е подготвена, водена и контролирана од безбедносните служби во Белград. Денес, тоа е една од точките на неговиот коалициски договор со Српската напредна странка, потврдува Муамер Зекорлиќ.

Тоа единство, барем во јавниот дискурс, го поддржуваат сите општествени актери од Санџак, а муслиманите го чекаат со нетрпение, бидејќи како што велат, идеологијата на текфир, е поопасна за нив самите отколку за соседите православци. „Муслиманите кои се во заблуда, кои се изманипулирани, кои се необразовани и подложни на идеологии, другите муслимани ги сметаат за неверници и потоа тие не се борат против неправдата, туку против тие муслимани, и тие се најголемото зло затоа што се многу сурови“, објаснува Макиќ.

Огорчени од тоа што во медиумите се врши сатанизација на нивниот регион, прашуваат каде е државата, која како што велат, повеќе пати покажала дека има механизам да реагира кога сака. Затоа, инцидентите како дефилето на млади луѓе во зелени униформи пред две години, толку ќе зачестат, а ќе бидат големи и мали или само такви какви што Белград диригира – по потреба и со цел да се направи димна завеса за да се сокријат поважните работи. „Секогаш кога има некој инцидент во Нови Пазар, само читајте ги малите вести“, заклучува Биберовиќ. Тоа е сигурен знак дека е направен уште еден чекор кон формално признавање на Косово.