1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Путин заинтересиран за размена на мислења со Меркел?

Керстен Книп
2 мај 2017

Германската канцеларка е во посета на Русија, каде разговара со претседателот Путин околу Украина, Сирија и други теми кои ги оптоваруваат германско-руските односи. Дали е Путин заинтересиран за размена на мислења?

https://p.dw.com/p/2cDE0
Frankreich Merkel und Putin
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

На крајот на април 2015. година повеќемина германски пратеници во Бундестагот добија електронска пошта која се чинеше дека стигнува од ОН. Не сомневајќи се воопшто, го отвориле и додатокот на пораката, пуштајќи го на таков начин дигиталниот шпион, кој во парламентот се задржал неколку седмици и добил увид во бројни доверливи информации. Потребно беше доста време за поправање на штетата, а уште подолго за јавно да се проговори околу тоа. Незгодна работа - според сѐ, германскиот Бундестаг бил жртва на хакерски напад од Русија.

Ако во овој случај станувало збор да се добијат информации од и за Германија, тогаш во јануари 2016. година имаше поинаков случај:беа ширени лажни информации за Германија. Повод беше „случајот Лиза“: тринаесетгодишно девојче од Германија, по потекло од Русија, преноќило кај пријатели. Руските медиуми тврдеа дека била киднапирана и силувана од арапски бегалци. Русите во Германија излегоа на протести поради наводната недоволна сигурност во Германија. Откако случајот беше разјаснет од стручен аспект, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини германските власти дека „ја кријат вистината од внатрешнополитички причини.“ 

Symbolbild Cyberattacke Bundestag
Хакерски напад врз БундестаготФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Германија на мета на Русија

Овие два случаи се примери каква улога во Русија има Германија. „Причините за тоа се јасни. Германија е водечка сила во Европа и таа обезбедува опстанување на Европа како таква. Според руско толкување, таква Европа ги слабее позициите на Русија, поради што таа го возвраќа ударот“, смета Јанис Сартс, директор на  „NATO Strategic Communication Centre of Excellence". Тој во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ додава дека тоа е една од причините поради кои Германија не сака да дозволи Русија, по Крим, да анектира уште некои територии.

Ангела Меркел денеска во Сочи првпат во последниве две години на руско тло се состанува со претседателот Путин. Тие ќе разговараат за војната во Сирија, конфликтот во Украина, како и планираниот самит на Г20 во Хамбург.На дневен ред можеби ќе се најде и рускиот обид за влијание врз јавното мислење во Германија.Пораката на Меркел би требало да биде јасна, очекува Гернот Ерлер, ополномоштеник на германската влада за Русија: „Неприфатливо е мешање во работите на друга земја на таков начин, со илегални методи, како што се прислушување и хакерски напади. Мислам дека руското раководство е свесно што би значело за германско-руските односи, ако таквите методи продолжат и ги поддржи.“

Krim Simferopol  Russische Soldaten
Руски војници на КримФотографија: Filippo Monteforte/AFP/Getty Images

Германија инаку придава големо значење на односите со Русија. Русија, за да го зголеми своето влијание во Европа и да демонстрира меѓународна моќ, свесно ги користи кризите и дури предизвикува судири, истакнува Сабине Фишер од берлинската фондација Наука и политика. Поради тоа, ЕУ е исправена пред нови предизвици. „ЕУ не може да се впушти во нови поделби во Европа според желбата на Русија без подривање на сопствените норми и вредности, како и ризикување на натамошна нестабилност со своите соседи. Не може да се толерира ниту незаконското и нехумано однесување на Русија во конфликтните региони“, вели Фишер.

За Германија и за ЕУ ќе биде тешко повторно вклучување во конструктивен дијалог со Русија, потенцира Фишер.