1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Грција намерно го влошува проблемот со бегалците?

Павлос Зафирополус/БГ9 март 2016

Сѐ погласни се критиките дека владата на Сириза намерно го влоши проблемот со бегалците преку стратешко запоставување, со цел да извлече концесии од Европа. Павлос Зафиропулос известува од Атина.

https://p.dw.com/p/1I9gh
Фотографија: DW/P.Zafiropoulos

На 24 февруари, 20-годишната Сабин се најде во пристаништето Пиреја пред зградата на привремениот бегалски камп кој некогаш беше користен како чекалница за туристите кои сакаа да патуваат кон грчките острови. Тукушто пристигна заедно со стотици други мигранти и бегалци и се надеваше дека ќе го продолжи патувањето кон северна Европа.

Сабин како последна од своето семејство ја напушти Сирија. Нејзината мајка, браќата и сестрите се веќе во Данска, нејзиниот татко е убиен во војната. Сабин на почетокот одбивала да ја напушти земјата, надевајќи се дека војната ќе заврши, а таа ќе ги продолжи студиите по стоматологија. Но, неодамнешното бомбардирање на Алеп, го направи тоа невозможно. „Мојот дом е уништен“, вели таа за ДВ. „Само сакам да стигнам кај мајка ми“.

Но тајмингот не е на нејзина страна. Додека се подготвувала да ја напушти Сирија, Австрија ги воведе дневните ограничувања за мигрантите и бегалците. Другите земји од балканската рута го следеа примерот.

И додека европските лидери дебатираат дали рутата треба да биде прогласена за затворена или не, Сабин остана заглавена во Грција, и живее во полињата околу Идомени во очајни услови. „Состојбата е очајна. Се плашам затоа што тука има многу лоши типови кои знаат дека сум без семејство“, вели Сабин за ДВ.

Се влошува состојбата во Идомени

Стратешко запоставување

Во моментов се проценува дека околу 36 илјади бегалци и мигранти се заглавени во Грција, а нови две илјади пристигнуваат секојдневно од Турција. Грчката влада се обидува да обезбеди нови кампови за сместување на мигрантите и така да избегне уште поголема хуманитарна криза. Но, затворањето на грчко-македонската граница, иако ненадејно, не беше и неочекувано. Од тие причини владата трпи големи критики поради тоа што не се подготви за ваквиот епилог. Тие критики се на линија на оние кои пристигнуваат од некои европски главни градови, а кои на Грција ѝ префрлаат дека намерно го влошила проблемот преку стратешко запоставување со цел да извлече концесии од Европа.

„Мислам дека во првите 6-7 месеци (од администрацијата на Ципрас) постоеше стратегија да не се прави ништо“, вели Ангелики Димитриади од Европскиот совет за надворешна политика. „Тие сметаа дека доколку дозволат да продолжат илегалните бранови, тогаш тоа ќе стане европски проблем и ќе мора да се решава на европско ниво“.

Ваквиот пристап, според Димитриади, ѝ се вратил како бумеранг на владата на Сириза која заврши на погрешната страна и географски и во однос на промената на тонот во Европа по терористичките напади во Париз и сексуалните напади во Келн. „Тие преземаа политички ризик. Не сфатија дека другите европски земји полесно ќе понудат финансиска помош, отколку да прифатат релокација на луѓето. Особено сега, кога дискурсот е далеку повеќе фокусиран на безбедноста, отколку на хуманитарната грижа“.

Во грчкото министерство за миграции со лутина ги отфрлаат ваквите обвинувања, тврдејќи дека другите европски земји се однесувале лицемерно.

„Сѐ на што Грција се обврза сега е реализирано“, вели извор од министерството за ДВ, објаснувајќи дека „жешките точки“ се речиси целосно оперативни, изградени се места за 20 илјади мигранти, а уште 10 илјади ќе бидат готови во следните 10 дена. „Ајде да речеме дека ќе отвориме уште 20 илјади места, дали е тоа проблем? Проблемот е да почне да функционира програмата за релокација а другите европски земји да си ги извршат обврските“.

Бегалците како монета за поткусурување

Димитриади објаснува дека Грција е само еден од играчите во голем и комплексен феномен.

„Не верувам дека политиката на владата на Сириза значително го зголеми бегалскиот бран. Она што можеа да го сторат е да ги подобрат капацитетите во земјата. Но само Турција реално може да го намали бранот, и да бидеме искрени, тие тоа не го сакаат. Постои долгорочна инструментализација на бегалската криза од страна на Турција на која Грција не може да се спротивстави“.

Ставот дека Турција се обидуваше да ја искористи кризата за да извлече концесии од Европа јасно беше потврден и на последниот самит на ЕУ и Турција.

Athen Griechenland Flüchtlinge
Дали бегалците се злоупотребуваат како монети за поткусурување? Бегалци во Атина.Фотографија: DW/P.Zafiropoulos

Оттука, дури и во најпозитивното сценарио, јасно е дека Грција ќе мора да згрижи најмалку 50 илјади мигранти и бегалци. Од невладините организации веќе предупредуваат дека земјата мора подобро да се подготви за таквиот потфат.

„Само во Идомени ни се потребни околу 30 илјади оброци дневно“, вели Мери-Елизабет Ингрес од Лекари без граници. Актуелните актери не можат сами да ја менаџираат состојбата. Се надевам на заедничка европска политика која ќе ги третира бегалците како човечки суштества кои имаат право да избегаат од војна и прогон“, вели таа за ДВ.

Или со други зборови, луѓето како Сабин кои во моментов живеат во шатори во полето кај Идомени, да бидат третирани како нешто повеќе од монети за поткусурување.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема