1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките специјалци на пат кон Идомени

ЖА/дпа23 мај 2016

Специјални единици на грчката полиција тргнаа кон Идомени за да помогнат во расчистување на илегалниот бегалски камп на границата кон Македонија. Европската комисија ја поздрави иницијативата за евакуирање.

https://p.dw.com/p/1It1a
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Bandic

Европската комисија денеска ја поздрави акцијата на грчката полиција за расчистување на нелегалниот бегалски камп кај Идомени, каде над десет илјади лица повеќе месеци чекаат повторно да биде отворена Балканската мигрантска рута и преку Македонија и Србија да продолжат кон Западна Европа.

Портпаролот на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас изјави дека за Брисел е прифатлива најавената акција за расчистување на нелегалниот камп во Идомени и за префрлање на бегалците во организираните сместувачки центри во внатрешноста на Грција.

Детали за акцијата за преместување на бегалците меѓутоа во Грција сѐ уште нема.

„Во секој случај, нема да вршиме јуриш врз кампот или некој вид акција на расчистување“, изјави портпаролот на грчкиот штаб за бегалска криза, Јоргос Курицис за новинската агенција ДПА денеска (23.05.32016).

Грчките медиуми шпекулираат со воздржаната изјава на Курицис, оценувајќи ја за обид да не дојде до ескалирање на ситуацијата. Претходно секогаш одново доаѓаше до судири меѓу жителите на бегалскиот камп и грчката полиција. Бегалците и мигрантите зачестено вршат обиди за премин на границата, а полицијата употребува солзавец и шок-бомби, на двете страни има повредени. Неславна улога им се припишува притоа на политички активисти меѓу доброволните помагачи, за нивно подбуцнување на мигрантите за овие акции.

Idomeni Griechenland Flüchtlinge Camp
Фотографија: picture-alliance/dpa/ Balducci

Досега грчката влада постојано се изјаснуваше против насилно расчистување на кампот, таму живеат многу деца и жени, силата не претставува никаква опција. Но, ситуацијата на теренот засилено станува неподнослива. Мала група мигранти веќе два месеца има окупирано за грчката економија важен дел од железничката пруга, оневозможено е минување на товарните возови, грчките стопанственици се жалат на штети во милионски износи.

Освен тоа, во меѓувреме во бегалскиот камп се врши трговија со дрога, еден железнички вагон е пренаменет за бордел, каде се проституираат жените останати без пари, јавуваат грчките медиуми. А и поплаките на самите жители на Идомени се се‘ погорчливи: во нивното село зачестуваат кражбите и вандализмот. Моментно со забрзано темпо се подготвуваат различни други можности за сместување на бегалците. Владата за таа цел изнајмува фабрички згради, се пренаменуваат и напуштени воени касарни. Обезбедено е веќе место за околу 6.000 луѓе, истакнува Курицис. До крајот на неделава капацитетот треба да се зголеми на вкупно 8.000 места. Преместувањето на бегалците од Идомени со автобуси во новите сместувалишта ќе трае веројатно десетина денови. Но, останува отворено прашањето дали жителите навистина доброволно ќе го напуштат бегалскиот камп кај Идомени и дали акцијата ќе стартува. Се очекува полицијата претходно целосно да го опколи кампот и да ги отстрани од него новинарите, доброволните помагачи и сеирџиите.

Видео - запис за еден од последните судири на мигрантите и грчката полиција

Судири меѓу мигрантите и полицијата во Идомени