1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грчката трка со пречки“

З.Јордановски/фаз/дс/нцц20 јули 2015

За печатот на германски јазик Грција и натаму останува централна тема. Притоа провејуваат сомневања дали и по реконструкцијата грчката влада ќе ги спроведе дадените ветувања.

https://p.dw.com/p/1G1fF
Фотографија: Reuters

Комисијата на ЕУ, ЕЦБ и националните парламенти изминатата недела ги создадоа предусловите, па за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, сега „Грција е на потег“. Во текстот со наслов „Грчката трка со пречки“ се констатира оти „во никој случај не е сигурно дека земјата нема повторно самата себе си да си се препречи на патот. (...) Министерот Алексис Ципрас има формат за да ги оствари реформите, што и’ ги вети на Европа. Ниеден грчки политичар во изминатите 40 години не го контролираше толку силно јавното мислење, колку тој. И покрај промената курсот по референдумот, најголемиот дел од Грците речиси слепо му веруваат. Тие се уверени дека Ципрас се обидел се’ и оти нема подобро решение од она, кое тој го прифати. (...) Сепак, многубројни пречки стојат на патот кој би требало да води кон трета програма за помош за Грција. Сомневањата започнуваат кај самиот Ципрас, кој вели дека сака да ги оствари реформските ветувања, иако не верува во нив. (...) Ако Ципрас не верува во фискалниот дел од програмата, во еден пункт ставот не му е сосем погрешен: зошто една трета програма, која е како продолжение на претходните две што не доведоа до успех, би требало да функционира во нејзината трета верзија?“, поставува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ реторско прашање.

Griechenland Waldbrände rund um Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

„Алексис, јунакот“

Колумната со тој наслов на Јакоб Аугштајн во магазинот „Дер Шпигел“ се навраќа на 17-часовниот самит на ЕУ, за кој вели дека бил борба на Ципрас „со епско траење. А со епска величина беа и влоговите, за кои стануваше збор таа ноќ во Брисел: на коцка беа судбината на еден цел народ, на еден цел континент. Победникот и поразениот се познати. Но, отворено е кој победи и кој загуби“. За грчкиот премиер, актерот на таа борба, во колумната се вели. „На крајот изгледаше како сите социјалистички надежи од целиот свет да почиваа врз рамениците на тој човек. Како да може Грција, малата земја на работ на континентот, крајно сиромашна, удавена во сопствените долгови, сепак во една чудесна борба да го победи глобалниот капитализам. Со што? Со силата на младоста и на надежта“. Противниците мора на Ципрас да му изгледале како „остарени змејови“, како „немилосрдни богови. Немилосрдни се оти нивните барања немаат воопшто никаква смисла. Грција веќе сега има повеќе долгови отколку што може да си дозволи. А сега, згора на нив, ќе дојдат и нови. (...) Нивната победа може еден ден да се покаже како Пирова победа. Политиката на таканаречените институции во однос на Грција додуша дожуивеа неуспех, но ќе биде продолжена. Правилата мора да се почитуваат. Споредна работа е што предизвикуваат тие. (...) Сосем се’ едно каква ќе е неговата иднина, трагичниот и херојскиот момент во борбата на Алексис Ципрас се во тоа - тој мораше да го признае поразот од надмоќната сила на неразумноста“, заклучува „Дер Шпигел“.

„Нова влада во Атина: комичар како министер“

Вчерашното неделно издание на „НЦЦ“ за реконструкцијата на грчката влада вели: „Многумина очекуваа дека Ципрас во кабинетот ќе донесе технократи. Наместо тоа, дојдоа неискусни фигури, како левичарот, честопати провокативен лекар Павлос Полакис како министер за реформа на управата или десничарот Павлос Хаикалис. Тој е познат по неговите комични улоги во телевизиски серии, а во најново време и по неговата споредба на Ангела Меркел со Адолф Хитлер. (...) Така продолжува климата на недоверба и противништво спрема кредиторите“.

Денеска на истата тема „НЦЦ“ констатира: „Со акцијата за дисциплинирање Ципрас повторно го воспостави својот авторитет, барем во владата. Но, со тоа во никој случај не е ставен крај на побуната во партијата. (...) Дали прочистувањето во кабинетот ќе придонесе за тоа, на курсот да ја врати и фракцијата, ќе се покаже наредната среда. Тогаш легислативата мора да изгласа втор пакет мерки за санација“.

Според анкетите по изгласувањето на реформските мерки во парламентот, Сириза не само што останува најсилна партија во земјата, туку поддршката за неа пораснала на 42,5 процетни (двојно повеќе отколку конзерватината Нова демократија!), со што според грчкото изборно право таа би имала апсолутно мнозинство во парламентот. Во врска со ова, „НЦЦ“ забележува: „Многумина Грци очигледно не се иритирани од досегашните авантуристички пресврти на нивниот шеф на владата. Толкувањето, според кое еден чесен, бестрашен политичар им противречи на европските велесили како Германија и на крајот го извлекува најдоброто за малата јужноевропска држава, и натаму ужива голема веродостојност во населението“.

„Свесно самозалажување на спасителите на Грција“

Во однос на различните проценки на ЕУ и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за состојбата во Грција и (не-)нужноста од отпис на долговите, „НЦЦ“ коментира: „Но, обете страни имаат интерес ое компромис. Евродржавите експлицитно сакаат и натаму ММФ да биде со нив - покрај другото и затоа, што многумина не сакаат контролата врз програмата (за помош на Грција - н.з.) да и’ ја препуштат само на Комисијата на ЕУ, која се смета за попустлива. ММФ, пак, има потреба од нова помош на Европејците за да може да си ги добие назад своите пари. Обете страни наликуваат на брачна двојка , која од прагматизам останува заедно и бракот си го прави поднослив со едно или друго свесно самозалажување“.