1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скепса и песимизам во грчката економија

Панајотис Купаранис/сн24 јуни 2015

Новиот реформски пакет на грчката влада наидува на малку воодушевување меѓу грчките претприемачи. Бизнисмените во Грција стравуваат од нови стечаи и тешки времиња за туристичкиот сектор.

https://p.dw.com/p/1FmWy
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Апелот кој неодамна грчките економски асоцијации го упатија до премиерот Алексис Ципрас беше речиси драматичен. Му порачаа да постигне договор со доверителите и да ја запре „рамнотежата на ужасот“. Превентивно го предупредија да не ги зголемува даноците и да не воведува нови давачки. Тоа, рекоа, негативно би се одразило на фирмите, вработувањето и економијата воопшто.

Пониска пензија, повисоки даноци

Од понеделникот вечер (22.6.) се познати новите реформски предлози на грчката влада. Тие се состојат пред се’ од кратења, на пример на пензиите и вооружувањето, и зголемување на даноците. Грчката економија се смета себеси за жртва на реформскиот пакет. Данокот на добивка за фирмите треба да порасне за 3 отсто (од 26 на 29 отсто). За годишна добивка над 500 милиони евра владата во Атина мисли да воведе посебна стапка од дополнителни 12 насто. И данокот на додадена вредност за кафулињата, рестораните и хотелите би требало да биде зголемен на 23 проценти. Колку грчките претприемачи се радуваа на договорот со доверителите, толку се сега разочарани од реформските планови на својата влада. „Ова зголемување на данокот силно ќе ја кочи конјунктурата“, сигурен е Костас Михалос. Претседателот на сојузот на грчки индустриски и економски комори (ЕСЕЕ) како најголема жртва на предложените мерки ги гледа пред се’ малите компании. Нив не ги очекуваат само повисоки даноци, туку тие мораат и своите даночни рати за тековната година да ги платат однапред. Михалос, во разговорот за ДВ рече дека верува оти тоа ќе доведе до нови стечаи. Веќе сега, според резултатите на една студија, секој ден неликвидност пријавуваат околу 600 фирми. Наместо предложените мерки, аргументира Михалос, грчката влада треба да ги увери доверителите дека сузбивањето на сивата економија и подобрувањето на системот на наплата на даноците би донесло повеќе пари во државната благајна.

Griechenland Thanassis Syrianos Industrie- und Handelskammer
Костас МихалосФотографија: privat

Крај на грчкиот туризам?“

Тоа мислење го дели и Андреас Андреадис, претседател на Здружението на грчки туристички компании (СЕТЕ). За што ќе користи зголемувањето на данокот кога не може да се наплати, се прашува тој во разговорот за ДВ. Околу 40 проценти од данокот на додадена вредност не се наплатува. На Андреадис му е тешко да поверува и дека грчката влада ќе се согласи за данокот на додадена вредност за хотелите и гастрономската бранша во висина од 23 проценти. Ако би се согласила, тоа би бил „крај на грчкиот туризам“, смета тој. Во тој случај, аргументира, туризмот веќе не би бил конкурентен. Непосредните конкуренти, укажува, имаат многу пониска даночна стапка во туристичката бранша: Турција 8 насто, Италија, Шпанија и Франција 10, а Кипар 9 отсто. Веќе 13 проценти, колку што предлагаше грчката влада во својот првобитен план кој им го престави на доверителите, беше максимумот од она што грчкиот туризам може да го издвои за данок, вели Андреадис. Шефот на СЕТЕ не разбира зошто ЕУ, Европската централна банка и ММФ инсистираат на данок на додадена вредност од 23 проценти. Па туризмот, укажува тој, е единствена економска гранка во земјата која ги генерира приходите и растот.

Griechenland Kostas Michalos Industrie- und Handelskammer
Танасис СирианосФотографија: privat
Griechenland Andreas Andreadis Verband griechischer Tourismusunternehmen
Андреас АндреадисФотографија: privat

И натаму непривлечна за странски инвеститори?

Големи сомнежи во позитивните последици од каталогот мерки за кого преговараат грчката влада и доверителите има и Танасис Сирианос. Нивната реализација тешко дека ќе ја направи Грција поатрактивна за странски инвеститори, смета овој сопственик на пиварница. Како член на претседателството на германско-грчката индустриска и економска комора во Атина тој знае дека Германците не покажуваат голем интерес за инвестиции во Грција. Германските фирми кои и пред кризата работеа во Грција и’ останаа лојални, но нови не доаѓаат. За Грција во моментов интерес покажуваат единствено меѓународните хеџ фондови кои шпекулираат со грчките државни обврзници. Би можело има потенцијални инвеститори од странство, смета Сирианос, на пример во областите на туризмот, но тие прво ќе почекаат да се стабилизира ситуацијата и грчката влада да создаде нови „разумни рамки“. Во тоа, според мислењето на Сирианос, сигурно не спаѓаат високите даноци.