1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката држава има се‘ помалку пари

Јанис Пападимитриу/Ж.А.23 февруари 2016

Отрезнување за владата на левичарски ориентираниот премиер Алексис Ципрас: лани во буџетот влегле 600 милиони евра помалку од претходната година, без оглед на драстичните зголемувања на даноците.

https://p.dw.com/p/1HzwL
Фотографија: picture-alliance/dpa/Berg

Според најновите информации на грчкото Министерство за финансии, даночните приходи во кризната 2015 година изнесувале вкупно 43,6 милијарди евра, што е минус од 611 милиони во споредба со претходната 2014 година, иако лани беа воведени девет нови директни или индиректни даноци. Сликата за финансиското фијаско е уште појасна при споредбата со претходните буџетски прогнози: во ноември 2014 година, односно пред атинското свртување во лево и новите преговори со кредиторите, грчкото Министерство за финансии се надеваше на приходи во волумен од 47 милијарди во 2015 година, а сега доби 3,4 милијарди помалку од поранешните пресметки. Можно е финансиската дупка да добие и политички епилог, бидејќи меѓународните кредитори бараат дополнителни мерки за штедење, со што натамошно ја внесуваат во теснец владата на Ципрас, која веќе со месеци се бори околу исклучително спорна пензиска реформа.

Официјалното образложение минусот во даночните приходи го лоцира исклучиво во финансиско-технички причини: имено, рокот за плаќање на двете први рати на еден уставно спорен специјален данок на недвижности е повеќепати одлаган. Затоа, гласи аргументацијата од Атина, приходите во износ од милијарди не се земени предвид во приходите во буџетот за 2015 година, туку се префрлени во 2016 година. На тоа не може да се противречи. Но, паѓа в очи натамошниот намален развој на грчката економија во 2015 година, иако уште во ноември 2014 се прогнозираше развоен плус од три проценти, што би донесло зголемени даночни приходи. „За назадувањето кон рецесија постојат првенствено две причини: и натаму присутната несигурност во економијата, како и воведувањето на контролата на движењето на капиталот од летото 2015 година“, објаснува Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина, во разговор за Дојче веле.

Alexis Tsipras Griechenland
Алексис Ципрас со се‘ поголеми главоболкиФотографија: Reuters/A.Konstantinidis

Пад на економските показатели

Според Петракис, рецесијата годинава е можно да се продлабочи и да води кон евентуални негативни изненадувања во Грција. Несигурноста во економијата носи чудни плодови. Еден вознемирувачки индикатор е развојот на пазарот на труд, предупредува економистот: „Прват по 2014 година моментно регистриравме повеќе отпуштања отколку нови вработувања. Притоа, во 2015 година се радувавме на изненадувачки јасен плус од дополнителни 97.000 вработувања“, истакнува Петракис.

Посебно развојот во државните примања во стилот топло-ладно, минатите месеци предизвкуваше наизменично надеж и очај во Грција. Додека во првите месеци по свртувањето во лево во Атина беше забележано алармирачко назадување од над девет проценти во споредба со претходната година, дотокот на средства во втората половина на 2015 година ги надмина сите очекувања.

Професорот Петракис за оваа навидум противречна ситуација го има следново образложение: „По воведувањето на контролата на движењето на капиталот во летото 2015 година, многумина луѓе едноставно се уплашија за своите пари и затоа решија со највисок приоритет да ги намират своите поранешни или подоцнежни обврски кон државниот буџет, дотолку повеќе што владата се подготвуваше на воведување драконски казни кон задоцнетите должници. Затоа даночните приходи во втората половина од 2015 година забележаа силен пораст.“ Меѓутоа, во ова време значително порасна и бројот на лица кои не можат да ги плаќаат месечните кредитни рати. Очигледно, многу луѓе се обидоа да ги прераспределат своите скудни ресурси за да ги исполнат обврските кон државниот буџет. На таков начин на крајот на краиштата државата беше задоволена на сметка на банките, објаснува економистот.

Bildergalerie Griechenland Rentner
Грчките пензионери протестираат против кратењата на пензиитеФотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

Незаобиколни се натамошни мерки

Во најновите даночни проценки во Атина упадливо е исто така зголемувањето на даночните приходи од вработените и пензионерите во минатата година за 11 проценти. Причината, според леволибералниот „Весник на уредниците“, лежи на дланка: обичните луѓе и работници се така да се рече „товарните животни“ на финансиската управа, додека поимашните не ги исполнуваат своите обврски. Друга причина наведува Спирос Димитрелис, аналитичар во економскиот портал Capital.gr:: зголемувањето на даночните примања се должи на соодветното зголемување на вработувањата од 2014 година, меѓутоа по заострувањето на грчката криза лани летото, вработувањето пак тргна наназад. Како и да е, за да се затне заканувачката финансиска дупка за 2016 година, државата е зависна од дополнителни приходи. Медиумски извештаи велат дека владата во Атина меѓу другото размислува за зголемување на даночната стапка за подобрите заработувачи, како и за повисоко оданочување на приходите од кирија.