1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Фудбалот како мегдан за пресметка на тајкуните

13 март 2018

Во неделата, сопственикот на ПАОК Иван Савидис влезе вооружен на фудбалскиот терен. Моќникот мина без казна. Тој е само еден од бројните примери за наталожените проблеми во грчкиот фудбал.

https://p.dw.com/p/2uDa2
Griechenland Fußball FC PAOK Saloniki - FC AEK Athen
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Mitrolidis

Не е ништо ново кога од време на време ќе зовријат емоциите во фудбалот. Но, она што се случи во неделата вечер на стадионот на ПАОК во населбата Тумба во Солун, далеку го надминува она на што сме навикнати по некои проблематични судиски одлуки. Во тек е 90 минута од мечот ПАОК-АЕК. Фернандо Варела со глава ја сместува топката во противничката мрежа и ПАОК поведува со 1:0. Но судијата Јоргос Коминис смета дека играчот бил во офсајд и го поништува голот, а ситуацијата излегува од контрола.
Сопственикот и претседател на ПАОК, грчко-рускиот милијардер Иван Савидис влегува на теренот. Опкружен е со четири лица од неговото обезбедување, а на појасот носи пиштол. Според изјави на претставниците на АЕК, тој им се заканува и на судиите и на противничките играчи со смрт. Два часа подоцна судијата Коминис ја ревидира својата одлука, но веќе е предоцна. До доцна во ноќта, навивачите на ПАОК дивеат низ улиците и го напаѓаат автобусот на противничкиот тим со камења.

Никој не очекува последици

Полицијата се уште трага по Савидис, кој по мечот исчезна. Но, тој не е осомничен поради носење оружје, ниту за смртни закани, туку за најлесното можно дело- влегување на терен за време на натпреварот.
„Најверојатно сѐ ќе се заврши со парични казни за ПАОК и Савидис“, предвидува новинарот Тасос Алеврас.
Во понеделникот, министерот за спорт Јоргос Василиадис го суспендираше грчкото фудбалско првенство на неопределено време. Според Алеврас, таквата одлука е претерана. Притоа, и тој самиот е незадоволен со состојбите во грчкиот фудбал. Квалитетот е слаб, а најчесто и не се работи за спорт, туку за пресметка меѓу моќната четворка сопственици на најголемите клубови во земјата- сите од ред богаташи кои спортот го користат за лична промоција и агенда.
Во неговиот благо ироничен документарен филм „Една вистинска фудбалска приказна“, Алеврас се занимава со неговиот омилен клуб Олимпијакос и сопственикот Евангелос Маринакис, милијардер кој се занимава со бродоградба во Пиреа. Освен клубот, Маринакис поседува бројни весници, радио-станици и дел од сопственоста во телевизијата Мега. Притоа, тој е осомничен за манипулирање на резултатите на неговите тимови. 
„Савидис во Солун го прави истото што и Маринакис во Пиреа“, вели Алеврас. „Нему во меѓувреме му припаѓа половина град“. Савидис е сопственик на луксузниот хотел Македониа Палас, дел од пристаништето и фабриката за цигари СЕКАП. Дополнително, поседува и 19 отсто од сопственоста на телевизијата Мега, и уште два влијателни весници. Кога го купи ПАОК во 2012 година, ги отплати сите долгови на клубот.
Навивачите му се благодарни заради тоа. Затоа и по упадот на теренот, многумина и натаму му даваат целосна поддршка. Но, не сите навивачи ги поддржуваат насилството и корупцијата.
„Повеќето навивачи на ПАОК и на другите клубови сакаат битка на стадионите, а не во судските сали или на улиците“, вели еден навивач на ПАОК.
„Ги сакам фудбалот и целата негова култура. Но она што се случи нема никаква врска со она што го почитувам во спортот. Тоа е само симбол за тоа колку е станата валкана целата работа“, критикува друг.

Fußball Olympiakos Piräus Vereinspräsident Evangelos Marinakis
Сопственикот на Олимпијакос Евангелос МаринакисФотографија: imago/ANE Edition
Griechenland Fußball FC PAOK Saloniki - FC AEK Athen
Фудбалерите беа шокирани од случувањата на теренотФотографија: Imago/A. Djorovic

Нема надеж за подобрување

Новинарот Тасос Алеврас не верува дека нешто набрзо ќе се смени. Луѓето како Савидис, инаку добар пријател на поранешниот премиер Андонис Самарас, се премногу моќни. Сите тие имаат силни врски со влијателни кругови во Атина. Фудбалските клубови во овие борби на моќниците се само заштита. „Доколку го обвинат Савидис како претседател на ПАОК, тогаш ќе го обвинат целиот клуб. Тоа му дава некој вид имунитет“, вели Алеврас.
На тој начин, грчките фудбалски тајкуни се затскриваат во безбедната заштита на популарноста на нивните клубови. Притоа, повеќето навивачи немаат никаков интерес во политичките пресметки. Фудбалската еуфорија го прикрива фактот дека она што се случува на терените одамна нема никаква врска со талентот на фудбалерите.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид