1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грција треба да ја напушти евро-зоната“

16 март 2010

Во гостинскиот коментар во весникот „Тагесшпигел“ професорот по економија Дирк Мајер порачува дека останувањето на Грција во зоната ќе биде многу скапо за сите нејзини членки.

https://p.dw.com/p/MUQN

„Иако политиката ја исклучува како помошта, така и излегувањето на Грција од евро-зоната, оваа стратегија станува се’ поверојатна. Во прилог на таа теза зборуваат повеќе аргументи.

Прво: Грција од пристапувањето кон ЕУ во 1981 година добива секоја година помош во износ од околу 1% од нејзиниот бруто-национален производ. Тоа се вкупно околу 100 милијарди евра. Истовремено оваа земја од воведувањето на еврото во 2001 година постојано ги крши правилата за финансиска стабилност. Од морална гледна точка потполно е депласиранo повикувањето на принципот на солидарност, а излегувањето од зоната е нужност.

Второ: каква цена би имал државниот банкрот на Грција? Финансиските пазари веднаш би се нашле во виор. Во верижната реакција би се зголемила опасноста од банкрот и за останатите земји членки на евро-зоната. Каматните стапки би скокнале до двоцифрени бројки, што би го придвижило не само ѓаволскиот круг од високи камати, растечки оптоварувања за буџетите и намалување на рејтингот на државите на финансиските пазари, туку би го оневозможиле и стопанското опоравување. Социјалниот експлозив, веќе видлив во грчкото општество, би ги зафатил и останатите медитерански земји. Последиците би ги погодиле и платежно стабилните земји, како доверители на обврзници загрозени од обезвреднување. Само германските банки имаат побарувања од преку 550 милијарди евра кон петте земји, Португалија, Шпанија, Италија, Грција и Ирска. Во случај на инсолвентност на Грција, и од сопствен интерес е неопходна помошта. Но треба да се извлечат и поуки. Монетарната унија на долг рок ќе се сведе на гарантно друштво ориентирано кон трансфер. Затоа помошта нужно мора да се поврзе со испаѓање од евро-зоната.

Трето: Правно се чини дека се проблематични како помошта, исто така и излегувањето на некоја членка. Земјите на ЕУ кои не се во евро-зоната имаат пристап кон кредити и помош од Меѓународниот монетарен фонд. Значи, дури со излегувањето се отвораат легитимни можности за подршка. Лисабонскиот договор овозможува некоја земја членка на ЕУ да излезе од Унијата и повторно да се врати во неа. Така Грција може повторно да го оживе посебниот статус надвор од монетарната унија, слично на Велика Британија или Данска. Стратегијата се чини умесна. Воведувањето нова драхма би и’ дало на грчката централна банка можност за водење самостојна монетарна политика и можност за девалвација на драхмата. Тоа создава шанса за подобрување на конкурентноста на грчките стоки на странските пазари, но истовремено би го отежнало сервисирањето на долговите од времето на еврото.

Доколку и другите земји од регионот на Средоземното море на среден рок се решат да излезат од евро-зоната, би можеле да формираат медитеранска монетарна унија. Тоа би донело добивка за сите: обете монетарни зони би опфаќале структурно слични држави, па нерамнотежата би била помалку веројатна. Патем, тоа не би им наштетило на еврото и на процесот на интеграција на ЕУ, туку на долг рок би се вратиле на патот на просперитет“ - заклучува Дирк Мајер, професор по економија на Универзитетот на германската армија во Хамбург, во гостинскиот коментар за весникот „Тагесцајтунг“.

Автор: Дирк Мајер / „Тагесцајтунг“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска