1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со нови долгови до излез од кризата

Андреас Бекер/бг28 јули 2015

На Грција и е потребен развој, но како до него? Анализата на стотици економски студии го нуди одговорот: преку државни инвестиции, ако е потребно и со нови кредити.

https://p.dw.com/p/1G5gS
Фотографија: REUTERS/Yannis Behrakis

Никој не спори дека на Грција и се потребни итни реформи: подобра и ефикасна управа, помалку корупција, поголема конкуренција. Разбирливо е дека доверителите ги условуваат своите кредити со исполнување на одредени барања. Прашањето е зошто во преговорите на еврозоната со Грција толку внимание им се посветува на мерките за штедење, а толку малку на инвестициите. Во врска со тоа, на Германците секогаш пред очи им се појавува сликата на домаќинка која го контролира буџетот и никогаш не троши повеќе од она што го поседува. Така и министерот за финансии Волфганг Шојбле образложи зошто не попушта пред грчките барања: „Мојата баба, од швапскиот Алб, секогаш велеше: доброчинството е прв чекор кон расипништво. Тоа значи дека постои форма на великодушност која брзо може да се претвори во спротивност од она што со неа сакаме да го постигнеме“.

Меѓународни студии за кризата

Сепак, кризните економии не можат да се споредуваат со „швапските домаќинства“. Економистите се согласни дека Грција може да ја преброди кризата само доколку бележи стопански раст и отвори нови работни места. А за тоа и се потребни инвестиции. Според Себастијан Гешерт од Инстутот за макроекономија и економски движења од Диселдорф (ИМК), резултатите на 104 студии објавени во меѓународни списанија од 1992 до 2012 година покажуваат на како државните инвестиции влијаат на стопанскиот раст. Резултатите велат дека најдобар скор имаат државните инвестиции.

Infografik Wie Staatsausgaben das Wachstum beleben Englisch
Како јавните инвестиции го зголемуваат БДП

Секое вложено евро од државата носи раст на БДП меѓу 1,30 и 1,80 евра. Далеку помал е ефектот кога парите се вложуваат во вработување на нови државни службеници или кога самата држава конзумира. Во државни трошоци спаѓаат образованието, спортот, културата, јавниот ред, заштитата на животната средина, но и социјалните издатоци. Најмалку продуктивни за државата се трошоците за војската.

Нови долгови?

Прашањето е како да се финансираат нови јавни инвестиции, доколку државата нема пари. Можност за тоа пружаат зголемувањето на данокот или заштеди на други места, како што е сторено во Грција и Шпанија. Но таквите мерки имаат негативни последици врз растот и го слабеат позитивното дејство на инвестициите.
Гешерт го анализира и прашањето дали се исплаќа да се финансираат државни вложувања со задолжување. Неговиот заклучок: „Дополнителниот дефицит или малиот вишок како резултат на зголеменото ниво на инвестиции не го зголемуваат нивото на долгот“. Тоа е така затоа што кога инвестициите ќе го постигнат посакуваниот ефект и ќе доведат до раст, трошоците практично можат самите да се финансираат. Трошоците за државата во тој случај се компаративно ниски, вели Гешерт. Предуслов за тоа секако е функционален даночен систем.

Infografik Arbeitslosenquote Englisch
Стапка на невработеност на лица постари од 25 години.

Повторна пропаст

Во досегашните разговори за новата програма за помош на Грција не стана многу збор за нови инвестиции. Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер укажа дека се на располагање 35 милијарди евра од фондовите на ЕУ, но и Грција ќе мора да вложи сопствени пари за да го кофинансира тоа. А тие пари државата ги нема.
ЕУ ги олесни критериумите за кофинансирање. Економскиот експерт Густав Хорн препорачува да се оди и чекор понатаму. „Нашиот предлог е на Грција да и се овозможи пристап до фондовите на една година, без кофинансирање. Така владата во Атина може веднаш да изработи програма за инвестирање, што со оглед на временскиот притисок, мора да се стори што побрзо.
Од економски аспект, вели Хорн, по договорот на Грција со еврозоната мора да се даде шанса за опоравување на грчкото стопанство. Но до тоа може да дојде само преку инвестиции. „Доколку стратегијата за спасување остане на продолжување на штедењето и зајакнато кратење на буџетот, тогаш и оваа програма, како и претходните, ќе доживее неуспех“.