1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција останува партија покер

Ролф Венкел/дпа/ЖА10 мај 2016

Еврогрупата уште нема донесено одлука, но сигнализира зелено светло. Грција така ќе добие пари од програмата за помош. Грчкиот парламент претходно ги исполни условите на кредиторите- усвои нов пакет мерки за штедење.

https://p.dw.com/p/1Il01
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Грчкиот парламент ги усвои новите мерки за штедење, кои на државата терба да и‘ овозможат добивање меѓународна финансиска помош. Грција на овој начин исполни еден од битните услови на меѓународните кредитори. Атина останува без пари. Најдоцна до крајот на јули, земјата би требало да добие свежи пари за да не се најде одново пред банкрот. До 7. јуни ММФ би требало да исплати нешто помалку од 300 милиони евра, толку би требало се‘уште да има во државната каса.

Но, еден месец подоцна, доаѓа многу потешка задача. Во јули Грција ќе мора на ММФ, на Европската централна банка и на други доверители да им врати долг од 2,3 милијарди евра плус 1,6 милијарди евра како камата. Таа сума Атина - ја нема.

„Целите очигледно се постигнати“

Додуша, владата на Алексис Ципрас и парламентот, со донесувањето на новата програма, успеаја да ја тргнат пречката која го спречуваше исплаќањето на новата транша помош од 4,9 милијарди евра. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер смета дека Грција е на добар пат. „Ние сме при првата проверка на програмата и се чини дека целите се постигнати“, рече тој на викендот во едно интервју. Првенствено ММФ е подготвен да разговара околу намалување на долгот. Темата мора веднаш да се најде на преговарачка маса, изјави шефицата на оваа институција Кристин Лагард пред претставниците на земјите од еврозоната. ММФ бара и Грција да заштеди уште 3,6 милијарди евра. Тие чекори сега мора да бидат спроведени во дело доколку Грција не ги исполни буџетските услови. Овој пакет мерки за штедење е многу спорен. ММФ ситуацијата во која се наоѓа Грција ја смета за многу покритична отколку Европејците. А тие ги поддржуваат барањата на ММФ зашто сакаат оваа институција да учествува во третиот пакет помош од околу 86 милијарди евра.

Griechenland Demonstration gegen Reformpläne
Протести против штедењетоФотографија: picture alliance/dpa/A. Konstantinidis

Нереални буџетски цели

Освен тоа, ММФ од еврозоната бара и отпочнување итни преговори за олеснувања за Грција. Претставник на ММФ потврди-Кристин Лагард на земјите од еврозоната им упатила писмо во кое ова го бара. Таа смета оти и договорот со ЕУ за среднорочно и долгорочно остварување суфицит (приходите минус расходите пред одбивањето на долгот) од 3,5 проценти од Брутодомашниот производ е нереален. Лагард инсистира целта да се промени на 1,5 проценти. Постоењето на спорот веќе значи дека преговорите ќе се одолговлечат се‘ до регуларниот состанок на 24. мај.

Хеџ-фондовите повторно на сцена

Грција веќе се најде на мета на првите шпекуланти. Американската банка Ситибанк регистрираше оживување на трговијата со европски државни обврзници, зашто се‘ изгледа дека ситуацијата во Грција се стабилизира. Пред една година уште се зборуваше околу можно излегување на Грција од еврозоната, но „оваа година нема да има голема грчка криза“, смета германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Така некои хеџ-фондови веќе почнаа да купуваат акции на грчки фирми. Акциите моментно можат да се добијат по цени како на распродажба. Зашто, берзата во Атина во февруари беше 85 проценти под нивото од 2007. година. Еден хеџ-фонд во 2012. година оствари добивка од 30 проценти зашто со слична стратегија играше на картата на оживување на конјуктурата на Шпанија.

Но, акциите не се единствена форма со која е можен обид за остварување заработувачка од грчкото опоравување. Постои и можност за работење со трули кредити,од кои во Грција се состојат 40 проценти од сите неотплатени кредити. Хеџ-фондот ПВЕ Капитал сака оваа година да откупи ризични кредити во Грција - откако такво нешто направи веќе во Италија. И други фондови шпекулираат со економско опоравување на Грција. Така едно друштво има намера да основа специјален фонд кој би инвестирал во растресените грчки претпријатија. Еден друг фонд инвестира во акции на грчки банки. Зашто, грчките банки профитираат од новите одредби за стечајна постапка, лани беа рекапитализирани и сега имаат подобри можности да се ослободат од своите трули кредити.