1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Готово е“

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ25 јуни 2015

Министрите за финансии на земјите од Еврогрупата мораа да ја прекинат седницата. Господине Ципрас, доста е! Коментар на Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1Fn51
Фотографија: picture alliance/chromorange

„Isch over!“ Со ова реченица, која е комбинација од швабски дијалект и англиски јазик, а значи „готово е“, германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ја опиша состојбата во преговорите со грчката влада уште во февруари. Оттогаш, дописниците од Брисел, кои со месеци ја следат грчката драма, радо го употребуваат гегот кој звучи интересно. Вчеравечер тој гег стана вистински, горчлив. Зашто, преговорите со леворадикалната екипа од Атина пропаднаа.

Деветнаесетте министри за финансии мораа да ја презакажат средбата поради тоа што итните операции што на текстот за преговори ги вршеа врвовите на Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка, Европската комисија и грчкиот премиер Ципрас, не донесоа приближување. „Isch over!“ Човек на ова би можел да се насмевнува под мустаќ да не беше состојбата со грчките финансии, граѓаните и фирмите толку катастрофална. Наредниот вторник се заканува платежна неспособност на Грција. Потоа банките ќе се најдат во хаос. ЕЦБ ќе биде приморана да запре со кредитите кои ги одржуваат во живот банките. Напуштање на еврото и воведување паралелна валута се веројатните последици од сето тоа.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Сосема уништена доверба

Никој не може да предвиди што точно ќе се случува, затоа што досега немало ваков случај. Само едно е извесно: ќе настане хаос, а први кои од тоа ќе страдаат ќе бидат Грците. Сега институциите, ММФ, ЕЦБ и ЕК, кои цел ноќ преговараа со грчката влада, напладне треба конечно на маса да стават текст за договор. Оправдани се сериозните сомневања дека тоа и ќе се случи.

Грчката страна опстојува на претструктурирање на долговите кои доверителите, не принципиелно, но во моментов ги одбиваат. Довербата меѓу Европејците, кредиторите и грчката влада е сосема уништена. Дури Грција и некако со преговарачко чудо да биде спасена од колапс, натамошна соработка со Алексис Ципрас е веќе незамислива. „Isch over!“ би требало да важи пред се‘ за изрешетаната владејачка коалиција, која ја доведе својата земја на работ на понор. Длабоко исфрустрираните Грци ја избраа оваа влада, но таа целата ситуација ја направи само полоша.