1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција избегна банкрот

29 јуни 2011

Грчкиот парламент го отвори патот за добивање на итно неопходната меѓународна помош за презадолжената земја. Одлуката ја поздравија германскиот канцелар Ангела Меркел и челниците на ЕУ.

https://p.dw.com/p/11ljG
Пратениците во грчкиот парламентФотографија: picture alliance/dpa

Грција во „минута до дванаесет“ се спаси од банкротот што и’ се закануваше веќе во текот на наредниот месец. Парламентот денеска го усвои спорниот пакет мерки за штедење. За него гласаа 155 од вкупно 300 пратеници, 138 беа против, петмина воздржани, а двајца не учествуваа во гласањето. Против гласаше еден пратеник од владејачкиот ПАСОК, затоа пак поддршка на мерките им даде еден претставник на конзервативната опозиција.

Антонис Самарас, шеф на опозиционата конзервативна партија Неа демократија, претходно најави дека неговата пратеничка група ќе ги отфрли мерките оти тие не ја поттикнувале економијата. Од усвојувањето на мерките, кои предвидуваат заштеда од 28 милијарди и приватизација на државен имот, што треба да донесе 50 милијарди евра, зависеше натамошната меѓународна помош, за Грција да избегне банкрот. Сега земјата ќе ја добие траншата од 12 милијарди, како дел од минатата година усвоената програма за помош од ЕУ и ММФ во обем од 110 милијарди евра.

Griechenland Athen Parlament Papandreou Abstimmung Sparpaket Polizei Krise Finanzkrise
Премиерот Јоргос Папандреу во парламентотФотографија: picture alliance/dpa

Олеснување во ЕУ

Германскиот канцелар Ангела Меркел искажа олеснување поради решението на грчкиот парламент, кое го означи како „вистински добра вест“. Решението го поздрави и министерот за стопанство Филип Реслер, кој истакна дека „Грција во минатото живееше над своите можности, па мора сега да тргне на пат на стопански пораст, за повторно да стане конкурентна“. Задоволство поради усвоените мерки искажаа и економски експерти и банкари од Германија.

Griechenland Athen Parlament Protest Abstimmung Sparpaket Polizei Krise Finanzkrise
Протестите пред парламентот продолжуваатФотографија: AP

„Земјата направи важен чекор напред на неопходниот пат кон фискална консолидација и структурни реформи за поттикнување стопански пораст. Ова беше гласање за национална одговорност“, се вели во заедничката изјава на претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и на претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој.

Инаку, пред парламентот во Атина илјадници Грци и понатаму демонстрираат против мерките за штедење. Поединци се обидуваа да им го препречат на пратениците патот кон парламентот, при што дојде до судири со полицијата. Таа употреби солзавец. Насилствата продолжуваат и по донесувањето на решението во парламентот. Денеска штрајкуваа грчките медиуми, кои за четири часа ја запреа работата.

Автор: ЗЈ/ГЧ/дпа

Редактор: Горан Чутаноски