1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција и Русија: пријатели, но не и стратешки партнери

Јанис Пападимитриу/бг27 мај 2016

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Атина ќе се обиде да ги придвижи закочените економски односи со Грција. Надежите се големи, но шансите за поголем пресврт во соработката, речиси никакви.

https://p.dw.com/p/1Iv81
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zhdanov

Људмила е задоволна што на почетокот на работниот ден во Атина ја поздравува уште еден сончев ден. Таа е од рускиот град Краснодар, но работи повеќе од 10 часа секој ден како негувателка во приватен старечки дом.
„Работата е тешка, но не и непријатна доколку клиентите ве респектираат“, вели Људмила, додавајќи дека Русите често наидуваат на топол прием во Грција.

Људмила живее на медитеранскиот брег веќе 20 години. Одлуката да се пресели во Грција била „целосно случајна“. Во 90-те им се придружила на група пријатели на пат кон Грција и спонтано одлучила да остане накратко во Атина. Тие неколку недели се претвориле во 20 години. Људмила ја потенцира нејзината љубов за земјата, сонцето и прошетките околу Акрополот.

Притоа, не ги негира разликите во менталитетот. „Ние Русите сме директни и кажуваме онака како што е. Грците преферираат да кажуваат сѐ одоколу; често и претеруваат. Понекогаш тоа води и кон недоразбирања“.
Во меѓувреме, сѐ повеќе руски туристи патуваат во Грција. Околу 500 илјади биле регистрирани само во 2015 година. Годинава, Атина се надева на рекордни еден милион, и покрај слабата рубља и рестриктивната визна политика. Ден пред доаѓањето во Атина, рускиот претседател Владимир Путин го поздрави големиот број руски гости во Грција, во коментар за весникот „Катимерини“.


Но рускиот лидер секако нема да разговара само за туристите за време на посетата на Грција. Тој сака да потенцира дека рускиот бизнис би сакал да учествува во повеќе приватизациски договори. А во истовреме и жали што нарушените односи со ЕУ го блокираат и патот за поголема билатерална соработка.

Griechenland, Touristen an der Akropolis in Athen
Акрополот е омилена туристичка дестинација за многу Руси.Фотографија: Reuters/C. Hartmann

„Русите можеби се наши пријатели, но не се наши стратешки партнери“, вели Константинос Филис, експерт за Русија и директор за истражувања на Атинскиот Институт за меѓународни односи. Со исклучок на туристичкиот сектор, тој верува дека Грција и не може да понуди доказ за добра соработка со Москва.

Јужен тек, втор обид

Минаа девет години од последната посета на Путин на Атина. Во 2007 година, Путин и тогашниот грчки премиер Костас Караманлис договорија изградба на гасовод кој требаше да пренесува енергенси од Русија, преку Бугарија и Грција до централна Европа. Но проектот „Јужен тек“ пропадна поради забелешките на Европската Комисија за монополизам. Уште полошо за Москва, Грција сега учествува во Трансатлантскиот јадрански гасовод (ТАП), кој ќе пренесува гас од Азербејџан до централна Европа, заобиколувајќи ја со тоа Русија.


Но Путин не се предава лесно и неделава ќе претстави нова верзија на јужниот коридор. Судирот е неизбежен, особено што новиот Јужен тек би можел да почне на Крим. Русија немаше многу повеќе среќа ниту со обидот да учествува во приватизацијата на железницата и на пристаништето во Солун. „Министрите за финансии на еврозоната неодамна одобрија нов приватизациски фонд, во кој одлучуваат грчките доверители. За мене тоа е знак дека европските фирми ќе имаат приоритет при идните приватизации“, вели Филис.

Russland Griechenland Tsipras bei Putin
Алексис Ципрас и Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa/Zemlianichenko

Људмила инсистира дека не знае многу за политика. Но одвреме навреме ги гледа руските телевизии преку сателит. Има позитивно мислење за Путин. Се сеќава на стариот проект за заеднички гасовод и се надева дека двете земји би можеле да изработат нов проект кој би и помогнал на грчката економија.