Грција е парализирана, а ЕУ-исплашена
10 февруари 2010Грција денеска е парализирана, откако синдикатите на вработените во јавниот сектор излегоа на штрајк контра најавените владини мерки за штедење поради економската криза. Авионскиот сообраќај е во целосен застој, а во повремена блокада е и железничкиот. Иако се очекуваше на протестите да излезат десетици илјади луѓе, сепак нивниот број е далеку помал и се проценува на едвај неколку илјади во најголемите градови, Атина и Солун.
Грчката полиција интервенирала со солзавец против десетина демонстранти во центарот на Атина, откако ѓубреџиите се обиделе со своите возила да го пробијат полицискиот кордон и да се придружат кон останатите штрајкувачи. Штрајкувачите возвратиле со фрлање камења, но инцидентот е набргу смирен.
Генералниот штрајк, свикан од Федерацијата на државни службеници, се одржува во знак на протест против објавените владини мерки за затегнување на ремените, што имаат за цел да ја извадат земјата од длабоката финансиска криза и да го намалат огромниот буџетски дефицит, што во 2009 година достигна 12,7 отсто од БДП, четирипати над утврдениот праг на еврозоната.
Во штрајкот учествуваат државните, службеници од царината, даночните служби, социјално-осигурителните фондови, општинските и обласните служби, учителите и професорите во средните и високите образовни институции. И државните болници работат со намален персонал.
Се‘ поизвесна помошта за Грција од ЕУ
Министрите за финансии на земјите-членки на евро-зоната денеска одржуваат вонреден состанок посветен на состојбата во Грција. Во пресрет на состанокот, се‘ погласни се најавите дека ЕУ, но и поединечни земји, како Германија, веќе имаат подготвено пакети со финансиска помош за Грција, бидејќи стравуваат дека доколку кризата во земјата се продлабочи, жестоко ќе биде погодена целата еврозона, па и нивните економии.
Информациите ги потврди и весникот „Фајненшел тајмс“, кој денеска пишува дека Министерството за финансии на Германија подготвува „европски или билатерален“ план за помош на Грција.
Конечната одлука дали ќе и биде дадена помош на Грција треба утре да ја донесат лидерите на земјите членки на ЕУ.
Автор: БГ/ЖА/ап/афп/дпа