1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција да ги продава островите за излез од кризата

4 март 2010

Двајца германски пратеници од владејачкото мнозинство и порачаа на Владата во Атина да ги продава островите за да обезбеди излез од кризата. Весникот „Билд“ пак порачува: „Ние ќе ви дадеме пари, вие дајте ни го Крф!“

https://p.dw.com/p/MJIB
Фотографија: picture alliance/dpa

Грција треба да ја разгледа можноста за продавање на дел од нејзините острови за да се извлече од кризата и огромниот надворешен долг, предлагаат двајца германски парламентарци од редовите на владејачкото мнозинство на канцеларката Ангела Меркел. Јозеф Шларман од ЦДУ и Франк Шефлер, економски експерт од редовите на Либералите велат дека тоа е најлесниот начин за Грција да излезе од кризата.

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland
Фотографија: DW/AP

„Оние кои се инсолвентни треба да продадат се’ за да ги отплатат кредитите. Грција поседува згради, компании и ненаселени острови, кои можат да се искористат за намалување на долгот“, изјави Шларман за весникот „Билд“.

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу утре во Берлин ќе има средба со канцеларката Меркел, а двајцата пратеници остро се противат на можноста на Атина да и се дава помош. „Канцеларката не смее да и ветува на Грција никаква помош“, вели Шафлер во текстот во „Билд“ под наслов „Продавајте ги островите банкротирани Грци! Продајте го и Акрополот!“

Друцас ја отфрли идејата

Грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Друцас ја отфрли идејата во интервју за германската државна телевизија. „Ваквите препораки не се соодветни во овој момент“, рече Друцас. Во разговорот, Друцас тврди дека на Грција не и е потребна директна финансиска помош, туку солидарност и притисок на Берлин врз водечките финансиски институции за поволни кредити.

Грција има околу шест илјади острови, од кои само 227 се населени. „Билд“ во денешното издание оди и чекор понатаму, па во коментарот на оваа тема им порачува на Грците: „Ние ќе ви дадеме пари, вие дајте ни го Крф!“

Автор: БГ/АТ/ројтерс/ап/афп

Редактор: Александра Трајковска