1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците забрзано ги празнат банкарските сметки

13 јули 2011

Од суштинско значење ќе биде грчките банки да немаат проблем со ликвидноста, изјави грчкиот министер за финансии, Евангелос Венизелос. Повод за изјавата е информацијата дека грчките граѓани ги празнат банкарските сметки.

https://p.dw.com/p/11uBN
Министерот за финансии, Евангелос ВенизелосФотографија: dapd

Грците подигнале од приватните сметки во банките цели 22 милијарди евра само во првите шест месеци од годинава. Од почетокот на кризата станува збор за вкупно 45 милијарди. Некои го прават тоа затоа што кризата ги погодува толку силно, што мораат да ги трошат порано заштедените пари за да преживеат. Други, пак, се чувствуваат несигурни поради финансиските турбуленции околу државниот долг и се плашат дека во одреден момент би можеле да останат без заштедите. Затоа подобро стоечките Грци ги префрлаат парите на соседен Кипар, на пример, но исто така и на конта во Швајцарија, Германија и Велика Британија. Ако продолжи ваквиот тренд поголем број од домашните банки ќе се соочат со проблеми во ликвидноста.

Парите закопани во градина

Вангелис Критикос последниве денови и недели има полни раце работа. Тој е основачот на едно здружение, кое им помага на помалите инвеститори да го заштитат стекнатиот капитал.

Symbolbild Krise Euro EU Währung Schulden
Фотографија: picture alliance/dpa

„На почетокот станува збор за богатите, кои ги префрлаат парите во странство, меѓу другото и затоа што дел од заработените пари воопшто не се оданочени. Но, во меѓувреме банкарските сметки ги празнат и обичните вложувачи и штедачи. Има дури и луѓе во внатрешноста, кои ги закопуваат парите во сопствената градина, како во старите времиња. Покрај тоа има и такви, кои се принудени да посегнат по заштедените пари за да врзат крај со крај во екот на кризата. Проценувам дека празненењето на банкарските сметки по сите овие основи ќе продолжи и понатаму“, проценува Вангелис Критикос.

Владата е немоќна

Здружението на грчките банки во повеќе наврати порача дека заштедите до 100.000 евра се апсолутно сигурни. Но, има голем број грчки граѓани кои се несигурни поради можноста од државен бакрот на нивната земја. Со оглед на фактот дека тие сосема легално можат да отвораат банкарски сметки во другите европски земји, владата не може да стори тукуречи ништо против одливот на милијарди евра во Швајцарија или на Кипар. Други пак бараат алтернативни решенија за спас на заштедите:

„Луѓето се плашат за парите што ги заштедиле. Дури и помали вложувачи со по 20.000 или 30.000 евра бараат нови можности за да ги одбегнат можните ризици. Поконзервативно настроените вложувачи ги претпочитаат германските државни обврзници, а оние кои сакаат да остварат поголем профит, тие вложуваат во акции на разни претпријатија“, појаснува Вангелис Харацис, раководител на една фирма за финансиски услуги од Атина.

Griechenland Athen Parlament Protest Abstimmung Sparpaket Polizei Krise Finanzkrise
Фотографија: AP

Банките во тешка ситуација

Тоа им задава големи главоболки на грчките банки, додава Харацис:

„Грчките банки се од сите страни притиснати. Имаат големи загуби затоа што разни доверители не можат да ги вратат кредитите. Од друга страна имаат многу пари вложено во грчките државни обврзници. Поголем број банки добија лоши оценки од рејтинг агенции. И ако сега ги остават на цедило и приватните вложувачи, тогаш голем број од нив се осудени на пропаѓање, така што нема да има кој да го финансира стопанството.“

Згора на сета мака построгата даночна политика на грчката влада, која се закани со блокирање на банкарските сметки на даночните криминалци, дополнително ги плаши муштериите на домашните банки.

Автор: Јанис Пападимитриу / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски