1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците во Македонија- прескокнување на историските бедеми

Костадин Делимитов26 ноември 2015

Ако политиката предизвика поделби, тогаш зошто граѓанските иницијативи да не донесат и политичко „помирување“? Иницијативата на Грците во Македонија треба да биде поттик за уште посмели чекори, коментираат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1HCkp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Обединети за подобра иднина, без мешање на политика. Грците во Македонија преку новоформираната Заедница на Грци во Скопје ја преземаат иницијативата за продлабочување на врските помеѓу двата народа. Добрососедството и зближувањето на луѓето од двете страни на границите е императивот за формирањето на здружението, прво од ваков вид во Македонија. Обединети за подобра иднина покажува дека целта е да се работи и залага за иднина исполнета со толеранција, соработка, креативност, комуникација, вели за Дојче веле претседателот на здружението Николаос Фрагопулос:

„Нашата цел е да воспоставиме комуникација и да го збогатиме културниот и социјалниот живот на Грците кои по разни основи живеат тука. Има мноштво на мешани бракови, но и бизнисмени од Грција кои не се поврзани меѓу себе, а презентирањето на грчката култура и традиција ќе биде поврзувачки елемент. Се разбира настаните кои планираме да ги организираме ќе бидат отворени за сите граѓани. Се надевам дека ќе имаме можност да презентираме достигнувања од македонската култура во Грција. Бидејќи се работи за две соседни земји се разбира дека знаеме многу едни за други, но и се разликуваме по многу нешта. Затоа новите релации треба да се воспостават и негуваат на овие нивоа“, вели за Дојче веле претседателот на Здружението Николаос Фрагопулос.

Импулс за соработка

Но колку навистина има простор за засилување на врските и нивно унапредување во услови на обременети политички односи поради спорот околу уставното име на Република Македонија? Ако се остави тоа да го решаваат политичарите, тогаш според Фрагопулос нема дилеми:

„Политиката е најголемата пречка и она што ги подели двата народа. Токму затоа нашето Здружение нема намера да се занимава со политика. Сметаме дека луѓето се отворени за соработка, веќе нормално и комуницираат меѓусебно, а нема проблем да се воспостави соработка ниту на ниво на образование, наука, култура. Чувствителното прашање за името што е товар за односите помеѓу двете земји треба да го решат политичарите. Што се однесува пак до другата страна, нашата иницијатива за поголеми контакти и соработка, секоја поддршка сеедно од каде и од која било страна е за нас добредојдена. Но примарната цел е да ги обединуваме граѓаните како индивидуи кои сакаат да соработуваат на еден креативен и позитивен начин“, коментира Фрагопулос.

Формирањето на здружението како прва грчка иницијатива од ваков вид во Македонија според упатените е позитивен сигнал кој навестува и нова страница во односите. Граѓаните го кажуваат своето, редно е тоа искрено да почнат да го прават и политичарите:

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

„Формирањето на здужение на Грци во Македонија, во присуство на амбасадорот на соседната земја, е јасен сигнал дека конечно се поклопуваат интересите на грчките граѓани и инересите на грчката држава за унапредување на политичките односи меѓу двата народа. Досега, тие две работи се држеа раздвоени. Без страв дека, помеѓу здружението на Грците во Македонија и здруженијата на Македонците во Грција, може да се стави знак на равенство, грчката политика како да навестува отворање нова страница во меѓусебните односи помеѓу двата народа кои, ако успешно ги прескокнат бедемите на историјата во нивната свест, малку нешто ги раздвојува, а многу нешто ги обединува. Оттаму, ова е чекор кој треба да ги поттикне дипломатиите од двете страни на границата да не чекаат уште 25 години, за нови смели продори кон целосна нормализација на односите помеѓу грчкиот и македонскиот народ, идните сојузници во ЕУ и во НАТО“, коментира за Дојче веле поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески.

Ако политиката разединуваше, тогаш бизнисот беше клучниот фактор што ги поврзуваше двете земји во изминативе две ипол децении. Грција е еден од позначајните инвеститори во Македонија, но и значаен трговски партнер. Последниве години јавноста беше сведок на повеќе иницијативи на стопанствениците кои преку заеднички средби испратија јасни пораки дека политиката не треба да биде пречка за унапредување на односите, туку напротив. Значаен импулс во таа насока секако дека даваат и иницијативите на Македонците во Грција кои за разлика од нивните грчки пријатели во Македонија веќе одамна делуваат организирано, дури и политички. Оттука, првото Здружение на Грците во Скопје можеби и не треба да се гледа како веќе „завршена работа“ туку дефинитвно како предизвик за градење дополнителна доверба и подобра иднина и во Скопје и во Атина.