1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски ги урива сите мостови зад себе

Зоран Арбутина / превод: ЕМФ15 април 2016

Поранешниот германски амбасадор во Македонија Клаус Шрамајер во интервју за ДВ оценува дека состојбата во Македонија е прилично безнадежна и дека безредијата се можеби почеток на крајот на владата.

https://p.dw.com/p/1IWFY
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

ДВ: Како ја оценувате актуелната состојба во Македонија?

Шрамајер: Состојбата е прилично безнадежна. Груевски веќе не се држи до ниту едно правило.

Што беше причина за заострување на ситуацијата?

Причина за заострувањето е оваа безнадежност во која Груевски се доведе. Се чини како да ги урива сите мостови зад себе.

Дали претседателот Иванов сѐ уште има некаква политичка перспектива во Македонија или мора да поднесе оставка?

Иванов од почетокот беше зависен од Груевски. Тој ќе се повлече само заедно со Груевски. Можеби безредијата кои избија се почеток на крајот на владата?

Дали актуелниот развој на настаните во Македонија може да се сфати како навреда на меѓународната заедница?

Да, дури и Али Ахмети на втори април, при повлекувањето на министрите, рече дека Договорот од Пржино е искомпромитиран. Во сегашните околности, избори, дури и ако се одржат на 5 јуни, се бесмислени. Се чини како во Македонија веќе да нема правила, да нема закони.

Како изгледа европската перспектива на земјата во оваа ситуација?

Не ја губам надежта дека земјата со друго раководство повторно ќе има европска перспектива. Македонија ѝ е потребна на Европа. Македонија на крајот на 90-тите години беше многу блиску до Европа (сѐ до грчкото вето во Букурешт во 2008 година). Тогаш, (пред сѐ во времето на Киро Глигоров) земјата можеше да се опише како Швајцарија на Балканот. Потоа имаше многу несреќа (војната на Косово, востанието на ОВК и.т.н.)

Има критички мислења, според кои ЕУ воопшто не е толку невина во врска со ваквиот развој на настаните, затоа што таа предолго толерирала премногу работи или не се јавила правовремено за збор. Го делите ли ваквото мислење?

Западот тогаш не ја согледа шансата и не му даде доволно поддршка на Скопје. Од почетокот ја потцени Македонија и ѝ даде предност на Атина. Ваквиот западен став можеби го натера Груевски, од очај, да се сврти кон фатална националистичка политика.

Дали можеби меѓународната заедница, пред сѐ во последните месеци, е особено попустлива кон ВМРО ДПМНЕ поради бегалската криза и улогата на Македонија во совладувањето на оваа криза?

Ние се обидуваме да му помогнеме на Скопје за ублажување, односно отстранување на ужасната состојба на границата. И Атина мора да стори сѐ за да ги држи бегалците подалеку од македонската граница.

Како натаму? Што мора сега да се случи во Македонија за таа да се врати на европскиот пат?

Атина би морала конечно да му стави крај на спорот за името. Со оглед на ситуацијата со бегалците веќе нема простор за вакви спорови, Македонија мора колку што е можно побргу да биде вклучена во НАТО и ЕУ-структурите. Можеби не е сѐ уште доволно зрела за полноправно членство, но која земја од Југоисточна Европа беше подготвена во моментот кога се приклучуваше?

Клаус Шрамајер беше германски амбасадор во Македонија во периодот од 1996 до 1999 година, по што замина во пензија. Претходно беше неколку години во германската амбасада во Бугарија. Автор е на многу текстови за политиката и правото во Македонија и Бугарија.