1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓански патроли низ Германија за поголема безбедност?

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска15 јануари 2016

По нападите врз жени во Келн се формираат сѐ повеќе т.н. граѓански одбрани. Тие во поглед на законот се на „тенок мраз“, а Службата за заштита на уставниот поредок вели дека има и случаи на блискост со десен есктремизам.

https://p.dw.com/p/1He26
Граѓанските патроли, како оваа во Диселдорф, се контроверзниФотографија: picture-alliance/dpa/D. Young

Во Германија има сѐ повеќе иницијативи за „граѓанска одбрана“. Тие се движат од наивни иницијативи во соседството сѐ до десничарски групи кои не се стеснуваат и од примена на насилство. Иницијативите не секогаш се нарекуваат „граѓански одбрани“, можеби зашто тоа звучи премногу воинствено, па брзо би го привлекло вниманието на надлежните служби. Конечно, за внатрешната безбедност е надлежна полицијата. Во Германија не можеш самиот да изигруваш шериф.

Но, нападите од Келн се чини создадоа нова клима на закани. По нив изникнаа нови „граѓански одбрани“, како што е иницијативата од Диселдорф, која на Фејсбук ги повикува жителите на градот да шетаат во групи по градот и да ги чуваат „нашите дами“ во петок и сабота навечер, како и во текот на големи собири. Оваа група виртуелно има поддршка од десет илјади луѓе. На првата патрола минатата сабота дојдоа неколку десетици. Организаторот Тофиг Хамид за телевизијата Сат 1 рече: „Не се согласувам со тоа слободни луѓе да живеат во страв“. Тој додава дека неговата иницијатива нема врска со насилство или ксенофобија.

Deutschland Silvesternacht vor dem Hauptbahnhof in Köln
Нападите врз жени во Келн и други градови во земјата беа плодна почва за да „изникнат“ нови граѓански одбраниФотографија: picture-alliance/dpa/M. Böhm

Реакција на вистински или измислени закани

Тоа не може да се каже за сите вакви групи. Гордијан Мејер-Плат, шеф на саксонската Служба за заштита на уставниот поредок, вели дека „граѓанските одбрани“сѐ почесто се основаат или во нив учествуваат десни екстремисти и популисти. Социологот Матијас Квент гледа дури и опасност и добронамерни граѓани преку учество во вакви групи да бидат вовлечени во неонацистичкото милје.

На органите на редот мака им задаваат групите како „Граѓанска одбрана ФТЛ/360“ од саксонското гратче Фрајтал, близу границата со Чешка. Тој град веќе беше на насловните страници ширум земјата поради масовните демонстрации против бегалците. „Граѓанска одбрана“ е основана откако двајца Мароканци во автобусот број 360 (оттука и бројот во името на групата) наводно малтретирале и тепале ученици. Оттогаш, во автобусите има припадници на „ФТЛ/360“, кои, како што тврдат, „се грижат за ред и мир“. Во „Граѓанската одбрана Гистров“ од градот на североистокот на Германија, се појавува и порано осудуваниот член на Национал-демократската партија на Германија, Нилс Матишент. Во гратчето Шваневеде, во покраината Долна Саксонија, групата со име „Чувари на соседството“ уште есеноска маршираше пред локалниот бегалски дом.

Штефан Крамер, шеф на Службата за заштита на уставниот поредок во покраината Тирингија, вели дека „граѓанските одбрани“ претставуваат реакција на вистински или измислени закани, како и дека се целен израз на презир кон наводната неспособност на државата да обезбеди сигурност на граѓаните. Затоа, смета тој, овој начин на самоорганизирање привлекува десничари и неонацисти. „Со тоа десните екстремисти ја задоволуваат и својата потреба за униформираност, војнички настап, како и исклучување на малцинствата, со што си придаваат сами на значење“, изјави Крамер за агенцијата ДПА.

Веќе има и екстремни примери: на келнската железничка станица група од дваесетина луѓе претепа двајца Пакистанци кои завршија во болница. Еден Еритреец е удрен со пивско шише по глава. Келнскиот таблоид „Експрес“ пренесува дека се работи за група моторџии, хулигани и обезбедувачи која им се одмаздува на сите кои изгледаат како странци.

Rechte Proteste gegen das Flüchtlingslager in Freital
Службата за заштита на уставниот поредок смета дека во Фрајтал има поврзаност на анти-бегалските протести и една од граѓанските одбраниФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Meyer

Не секоја граѓанска одбрана е илегална

Во повеќе изјави од синдикатот на полицијата и Министерството за внатрешни работи се порачува дека грижата за безбедноста во јавниот простор е задача на полицијата и дека е недозволиво создавање паралелни структури. Но, „граѓанската одбрана“ сама по себе автоматски не е илегална во Германија. Нема законски пречки соседите да се договрат и да го надгледуваат својот крај за да спречат или откријат провалници. Забрането е вооружување и примена на насилство. Тие немаат право да претресуваат или да легитимираат некого кој им се чини сомнителен. Единственото што секој граѓанин смее да го направи е со сила да го задржи некого кој е фатен на дело - да речеме при упад во куќа.

Оттука, тешко е да се даде паушална оценка за т.н. граѓанско самоорганзиирање. Криминологот Кристијан Пфајфер за „Ноје Пресе“ вели: „Граѓанските патроли по правило не му штетат никому, но исто така не ја зголемуваат ниту безбедноста“. Тој додава дека ентузијазмот на граѓаните обично спласнува по неколку недели стражарење и патролирање, меѓу другото и поради фактот што „работните луѓе немаат време за такви работи“.