1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Границата што ја нема

Ина Купријанова / Е.М. Фиданоска26 јули 2015

Украина се обидува да го регулира поинаку протокот на лица во одметнатите региони Доњецк и Луганск. Резултатот - километарски колони, фрустрирани граѓани. Репортажа од границата која официјално не постои.

https://p.dw.com/p/1G4nv
Фотографија: DW/I. Kuprijanova

Пеколно топол летен ден. На локален пат колона автомобили и луѓе со торби и куфери долга неколку километри. Вакви слики на Украинците им се познати само од телевизиските извештаи за војни или природни катастрофи. Сега е тоа секојдневие на линијата на поделба меѓу проруските сепаратистички региони на истокот и „јадрото на Украина“, како што некои го нарекуваат остатокот од земјата. Тоа е фактичка граница, која всушност не постои. Преминот во Зајцево, северно од Доњецк, на бирократски украински јазик се вика „контролен пункт за влез и излез“. Во регионот на Доњецк има вкупно три вакви премини.

Млада жена, која вели дека се вика Олха, два и пол часа стои во автомобилска колона заедно со едногодишниот син. А, вусшност, со оглед на тоа што стои во посебна колона наменета за семејства со деца и за постари луѓе, би требало да оди побрзо. Детето се чувствува лошо и Олха го носи во шаторот за прва помош на работ на улицата. Шаторот е отворен пред само неколку дена, благодарение на добороволците од меѓународната организација „Лекари без граници“. „Најчесто доаѓаат родители со мали деца и постари луѓе“, раскажува еден од соработниците. Само денеска веќе имало три итни случаи кај луѓе со висок крвен притисок. „Но ние можеме да пружиме само прва помош.“

Ukraine Grenzkontrolle zwischen den Kriegsgebieten Luhansk und Donetsk
Во шаторот на „Лекари без граници“ се пружа итна помошФотографија: DW/I. Kuprijanova

Електронска пропусница за да се запре корупцијата

Освен шаторот за прва помош, има и канистер со вода за пиење и еден тоалет, што не е доволно. Повеќето од оние што чекаат се принудени да одат во грмушките покрај патот. „Знаеме дека за граѓаните е нелагодно“, вели за ДВ Олех Слободја, портпарол на украинската служба за заштита на границата. „Но, мора да се разбере дека ова овде всушност не е граница и нема соодветна инфраструктура.“

Ukraine Grenzkontrolle zwischen den Kriegsgebieten Luhansk und Donetsk
Тие што имаат автомобил, прават и бизнисиФотографија: DW/I. Kuprijanova

Сепак, таму сега се контролираат документи и багаж исто како на вистинска граница. Виза не е потребна, но украинската страна од патниците бара еден вид пропусница. Подносителите на барање за пропусница мора да објаснат зошто и каде одат во сепаратистичките региони или во обратна насока. До неодамна ваквите пропусници беа од хартија, а од 7 јули украинската безбедносна служба СБУ воведе електронски пропусници. „Најважно е што сега има помалку корупција“, вели Слободја од службата за заштита на границата. Дали тоа навистина е така, не може да се провери. Факт е дека постоеше пазар на црно за пропусници од хартија.

Поевтина храна во владините подрачја

Редиците на премините меѓутоа не се намалија. Според официјалните податоци, линијата на поделба тука секојдневно ја минуваат до 700 автомобили и над 2000 луѓе. Жителите од сепаратистичките региони доаѓаат во местата кои се под контрола на владата во Киев за да си ги подигнат пензиите и да купуваат поевтино. Храната и лековите во „јадрото на Украина“ се два до трипати поевтини отколку во самопрогласените „народни републики“.

Ukraine Grenzkontrolle zwischen den Kriegsgebieten Luhansk und Donetsk
Канистер со вода на преминот ЗајцевоФотографија: DW/I. Kuprijanova

Украинските власти ветуваат дека во иднина подобро ќе ги опремат премините. Во „близина на границата“ би требало да се отворат продавници за храна и аптеки. Освен тоа, би требало да се постават и автомати за пари.

Дали ќе има јавни сообраќајни средства за премин преку „границата“, како автобуси, се‘ уште не се знае. Сега многумина се упатени на превоз од страна на други лица. За сопствениците на автомобили тоа стана вносен бизнис. Кусо патување преку преминот чини околу 10 евра. Тоа е исто колку што чини билет за воз со кој може да се мине половина од Украина. Некои се лутат, други ги прифаќаат високите цени. Повеќе од една година милиони Украинци живеат фактички во воена состојба. Тие се радосни што барем не се пука толку многу.