1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гранди - човекот со големи задачи

Николас Мартин / З. Јордановски2 јануари 2016

Од 1. јануари 2016 Италијанецот Филипо Гранди е нов Висок комесар на ОН за бегалци. И покрај најголемата бегалска криза по Втората светска војна, УНХЦР се бори со хроничен недостиг на пари за згрижување на бегалците.

https://p.dw.com/p/1HVdx
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Malla

Во моментов одвај да има потешка работа од таа што ја презема Италијанецот Филипо Гранди, новиот Висок комесар за бегалци на ОН (на насловната фотографија). Тој, со 9300 соработници од 123 земји, треба да се грижи за безбедноста и опстанокот на бегалците во светот. А во 2015. година, според сегашните податоци, бројката на бегалци достигна рекордни повеќе од 60 милиони луѓе!

Претходникот на Гранди, Португалецот Антонио Гутереш, побара во Советот за безбедност на ОН кон средината на декември „њу дил“ за земјите-соседи на Сирија. Според примерот на стопанската програма на САД од 30-те години на минатиот век, треба да бидат финансиски помогнати оние земји во кои прибежиште најдоа особено голем број бегалци од Сирија. Со тоа Гутереш ги скицира можните тежишта на работата на Гранди.

Гутереш повеќепати ја повика и Европа посилно да се заложи за бегалците и предупреди од растечката ксенофобија. Најголемата масовна миграција по Втората светска војна и Европа без јасен заеднички став во политиката кон бегалците се најгоре на агендата на Гранди. „Се надеваме дека тој ќе продолжи по стапките на претходникот и ќе стави слични акценти како Гутереш“, вели Карл Коп, референт за Европа во организацијата за помош на бегалците „Про азил“.

Долгогодишно искуство

Поранешниот португалски премиер Гутереш беше 10 години на чело на УНХЦР (Високиот комесаријат на ОН за бегалци). За разлика од него, Гранди направи кариера во рамките на ОН. Неговата биографија е како хронологија на војни и конфликти од изминатите 20 години: Судан, Ирак, Авганистан, Либерија, Руанда, Бурунди - секогаш во функција на УНХЦР.

Денес 58-годишниот Гранди во изминатите десет години прво беше заменик, а потоа пет години и генерален комесар на мисијата на ОН за палестински бегалци. „Ние мораме да одиме кај луѓето пред тие да дојдат кај нас“, рече тој во 2014., при една посета на бомбардиран палестински бегалски логор во близина на сирискиот главен град Дамаск.

Jordanien Zaatari Flüchtlingslager Frauen kaufen ein auf den Champs Elysee
Бегалски камп во Јордан: Светската програма за исхрана веќе мораше да ги намали оброците за сириските бегалци во Јордан - една од задачите на Гранди е секоја година да прибира пари за згрижување на бегалцитеФотографија: Getty Images/AFP/K. Mazraawi

Солидарност како оружје

Гранди не е само технократ, туку умее да стави и хумани акценти. На една манифестација на универзитетот во Милано, каде и самиот студирал модерна историја и филозофија, на студентите им ја раскажал случката од еден престој во Тајланд. Таму се грижел за бегалците од Камбоџа. Во негови раце починало од маларија мало девојче, од што извлекол поука дека „со оглед на страдањата, има само еден одговор - чиста солидарност“.

Гранди ќе мора првенствено меѓународните донатори да ги опомене на солидарност, оти една од неговите задачи е и секоја година да прибира пари за згрижување на бегалците. Иако постои фонд на ОН за таа намена, УНХЦР сепак во голема мера е зависен од доброволните донации од држави, меѓудржавни организации и од приватни лица. Но, често се случува ветувањата да бидат поголема од дефинитивните уплати. Затоа УНХЦР со години е во финансиска криза. Слично е и содругите организации на ОН. На пример, Светската програма за исхрана веќе мораше да ги намали оброците за сириските бегалци во Јордан.

Antonio Guterres
Антонио Гутереш се кандидира за функцијата генерален секретар на светската организацијаФотографија: picture-alliance/dpa/J.-Ch. Bott

Во 2015. година УНХЦР имаше на располагање околу 7 милијарди долари. Ако сега, со оглед на бегалската криза, таа сума не биде зголемена, веројатно е дека во Европа ќе дојдат значително повеќе бегалци.

Гранди се проби во остра конкуренција

Гранди имаше многу истакнати противкандидати за функцијата Висок комесар за бегалци: раководителот на Еколошката програма на ОН, Германецот Ахим Штајнер, како и Хеле Торнинг-Шмит, која порано беше премиер на Данска. Сепак Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун кон средината на ноември 2015. се определи за Италијанецот. Гранди така дојде на една од најважните функции во хиерархијата на ОН. Неговиот претходник Гутереш сега се кандидира со добри изгледи да биде избран на функцијата генерален секретар на светската организација.