1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Градот на сто цркви

2 октомври 2010

Чешкиот главен град Прага е една од топ-дестинациите во Европа, а тоа значи масовен туризам, меѓународно познати хотели и високи цени. Kако во градот да си поминете одлично со помалку пари? Еве ги нашите пет совети.

https://p.dw.com/p/PBTA
Престолнината на Чешка е една од најчестите дестинации на светските туристиФотографија: AP

Прага може да ја прошетате на повеќе начини: пеш, со автомобил, со коњска кола, па дури и со сабвеј. Но, најевтин, најбрз и најеколошки начин е - трамваjот.

Таканаречениот „град на сто цркви“ е прошаран со мрежа трамвајски линии. Специфичните возила во беж и црвена боја ќе ги сретнете насекаде низ улиците во Прага. Нашиот прв совет е да заборавите на поединечните билети за превоз и наместо тоа купите дневен билет на некоја од метро станиците.

Пивото - национално обележје на Чесите

Bier aus Pilsen Schild in der Landschaft
Чешкото пиво е познато во светотФотографија: transit

Ако има нешто, што Чесите навистина добро го прават, тоа е пивото. Тие, како и повеќето Европејци, произведуваат пиво уште од средниот век, но Чесите отишле чекор понатаму кога во 19 век го измислиле модерното светло пиво во Плзен.

Денес се` уште можат да се најдат клубови што нудат повеќе видови познати пива по неверојатни цени од едно евро за кригла. Меѓутоа, нашиот втор совет е да ги побарате и пробате помалку познатите пива, кои се произведуваат во мали пивници и најчесто се наоѓаат настрана од туристичките траси. Ладислав Весели е производител и сопственик на една пивница во центарот на градот:

„Големите пивници постојано го прават истото пиво. Но, помалите произведуваат повеќе видови пиво, дури 10 до 15 различни пива во текот на годината. Муштериите знаат дека оваа недела ќе има специјално пиво, а наредната некое друго. Затоа, тие постојано ги посетуваат пивниците.“

Како со плиток џеб да не останете гладни?

Karlsbrücke in Prag, Stadt
Милиони посетители секоја година и´ се восхитуваат на чешката архитектураФотографија: DPA

Пиењето пиво и разгледувањето на градот кога - тогаш ќе ве огладнат. Прага е преполна со ресторани што нудат чешка и интернационална кујна, меѓутоа цените постепено се приближуваат до оние во Париз и Берлин. Ако сакате да заштедите некоја круна, постојат неколку евтини и лесни алтернативи и тие се нашиот трет совет за престојот во Прага.

На плоштадот Венцеслав, во комерцијалното срце на градот, ќе најдете повеќе штандови со фаст фуд, каде што се продаваат колбаси од свинско месо со сенф и кечап и пржен кромид.

Друга алтернатива е пржениот кашкавал, кој се сервира со помфрит и тартар-сос. Извонреден начин да се најадете брзо и евтино, но не и најздраво.

Друг начин да уживате во Прага без да потрошите цело богатство е да посетите некое од големите кафулиња. Тоа е нашиот совет број четири. Повеќето од нив го преживеале пустошењето на војните и комунизмот и сега доживуваат вистинска ренесанса, како што вели Вацлав Фирст, сопственик на едно кафуле:

„Мислам дека времето се врати. Имаше еден период за време на комунизмот кога воопшто не постоеше оваа култура, но таа денес постепено се враќа. Бизнисмени, туристи или локални жители, сите сакаат да се напијат кафе, да се одморат и да го продолжат својот пат....“

Нашиот последен, петти совет, е да се обидете да најдете билети за опера во прекрасниот Национален театар во барокен стил. Во 1787 година овде била изведена премиерата на Дон Џовани од Моцарт.

Автор: Роб Камерон / Бисера Огњановска - Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска