1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Господин, другар, граѓанин на светот

Фолкер Вагенер Превод:СН10 ноември 2015

Хелмут Шмит никогаш не се грижеше премногу за мнозинското мислење. Како германски канцелар, Хелмут Шмит беше авторитет. Никогаш не беше омилен, меѓутоа беше почитуван, смета Фолкер Вагенер.

https://p.dw.com/p/1H3XR
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Хелмут Шмит е како стилска икона. Тој наметнуваше стандарди. Неговите говори во Бундестагот се паметат. Остануваа во сеќавање и поради карактеристичната боја на неговиот глас. Тој беше реторички мајстор и знаеше на напишаните реченици да им вдахне живот. А сето тоа го покриваше аура на строг, секогаш надмоќен и донекаде благ домаќин. Тој беше толкувач на сложениот свет за повеќе генерации. Еден негов биограф го нарече најмладиот старец.

Неговиот партиски другар и претходник на премиерската функција Вили Брант беше целосно поинаков, тој предизвикуваше емоции и ги мобилизираше луѓето. Шмит пак покриваше потполно поинаков социјален и идеолошки спектар на социјалдемократијата, нејзиниот граѓански дел. Беше речиси здодевно прагматичен, секогаш апелираше на разум. Нему му беше важно справувањето со кризните ситуации. Еднаш имаше речено дека оној кој има визии треба да оди на лекар.

Елитен просечен граѓанин

Хелмут Шмит беше феномен. Оние кои се сеќаваат на неговата активна политичка кариера од седмата и осмата деценија на минатиот век сега се веќе пензионери. По активната кариера Шмит беше помалку намуртен професорски тип и со задоволство беше во право. Тој самиот си беше мерило себеси, не се осврнуваше на духот на времето. За тоа сведочи неговото прекршување на забраната за пушење во речиси секоја пригода. Ретко го употребуваше зборот „другар“ вообичаен за социјалдемократите. Старомодно до крајот на животот им персираше дури и на пријателите.

Wagener Volker Kommentarbild App
Фолкер Вагенер

Хелмут Шмит беше тип кој не соодветствува на нормите и стандарниот имиџ. За разлика од многу социјалдемократи имаше прилично развиен слух за пазарната економија и разбираше како таа функционира.

Другар со одредена „урбана ароганција“

како образуван човек наклонет кон културата тој немаше да биде туѓо тело ни во конзервативна ниту во либерална партија. веројатно тие атипични карактеристики за еден социјалист му овозможија да биде пријател со францускиот либерално-конзервативен претседател Жискар Д' Естен. Францускиот претседател, кој себеси се гледаше како претставник на големата француска нација сигурно беше зачуден кога го посетуваше Шмит во неговата скромна премиерска резиденција во тогашниот главен град на Западна Германија, Бон или во неговиот граѓански опремен дом во Хамбург. Самоувереноста на Шмит не почиваше на репрезентативната помпа. Германскиот канцелар и францускиот претседател ги поврзуваше интелектуалната љубопитност и наклонетоста кон културата. Шмит солидно свиреше клавир, го интересираше ликовната уметност, пишуваше книги и имаше објавено стотици новинарски текстови. Не без суета, тој покажуваше дека е граѓанин на светот. Неговиот конзервативен ривал Хелмут Кол еднаш рече дека Шмит е полн со „урбана ароганција“.

Канцелар на остварливото, а не посакуваното

Секое време си има свои протагонисти. Времето на Шмит дојде по ерата на Вили Брант, по 1974 година. За време на неговиот мандат се случија две нафтени кризи, а неговиот претходник Брант ги разбуди желбите и надежите на населението и во социјална смисла. Меѓутоа Шмит не стана државник со цврста рака поради своите економски успеси туку поради цврсиот став во годините на терористичка опасност од ултралевичарите од Фракцијата на Црвената Армија (РАФ). Хелмут Шмит одби да попушти и на крајот го оправда своето мото: „И на демократиите им е потребно раководство“.

Реакција контра духот на времето

Трката меѓу источниот и западниот блок во вооружување беше голем предизвик на почетокот на осудесетите години од минатиот век. Шмит им го заврте вниманието на Американците на новите советски ракети со краток дострел, кои беа насочени кон западна Европа, барајќи Американците да постават свои ракети во Германија. Додека во Германија јакнеше мировното движење и се формираше партијата на Зелените, Шмит застапуваше целосно спротивни позиции, спротиставувајќи му се на мнозинството од населението, ама и од неговата партија. Неговиот концепт- вооружувај се и преговарај- на крајот економски го исцрпе Советскиот сојуз. Тогаш беше осамен како канцелар, ама пропаста на Советскиот сојуз и Варшавскиот пакт претставуваше подоцнежна потврда за неговите ставови. Шмит застапуваше политика на рамнотежа на силите, која обезбедува мир, слично како и неговиот дамнешен претходник Бизмарк. Таа политика успешно ја спроведе. Хелмут Шмит како петти демократски канцелар на Германија испиша значајно поглавје на германската историја, ама и по заминувањето од должноста во 1982 година остана Германец извонредно ценет во странство, човек кој го разбира светот и знае да го објасни.