1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот (не)успех на самитот ЕУ-Турција

Седа Сердар/превод:БГ30 ноември 2015

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу го смета за „историски“ самитот со ЕУ. Европските лидери го сметаат за успех. За кого е навистина добар исходот од самитот, прашува Седа Сердар

https://p.dw.com/p/1HEUw
Фотографија: Reuters/E. Vidal

На прв поглед самитот ЕУ-Турција делува како голем успех за двете страни. Напредок. ЕУ се согласи да и помогне финансиски на Турција, која самата се справува со бегалската криза со години. Двете страни одлучија да соработуваат во бегалската криза, но и да го зајакнат дијалогот во областа на економијата, енергијата и политичките односи.
Конечно, од средината на декември ќе биде отворено ново поглавје во преговорите. Доколку сѐ се одвива според планот тогаш од октомври 2016 ќе бидат релаксирани визните ограничувања за турските граѓани во ЕУ. Премногу добро за да биде вистинито? Веројатно е.

Европските лидери јасно порачаа: визната либерализација е поврзана со прашањето за реадмисија.

Членство во ЕУ не е на повидок

Пред 16 години, кога Турција го доби кандидатскиот статус, јасно беше ставено до знаење дека тоа ќе биде процес со отворен крај. Со други зборови, дури и ако успешно се завршат сите поглавја од преговорите, нема никакви гаранции дека Турција ќе биде прифатена како членка.
Во пресрет на самитот, германската канцеларка Ангела Меркел ги повтори овие зборови, иако не така гласно како порано. И претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер по самитот потврди дека двете страни имаат различни гледишта за слободата на печатот. Овие изјави се субтилни индикатори за вистинските намери на ЕУ.
Со тоа што не ги посочува демократските дефицити на Турција, ЕУ не само што го губи својот кредибилитет, туку и укажува дека нема сериозна намера да ја интегрира Турција во ЕУ. Во спротивно, зошто ЕУ се обидува да го префрли најголемиот товар од бегалската криза врз Турција, а притоа одбива да ја критикува поради непочитување на вредностите врз кои и самата е изградена?
Оттука, доколку целта е членство на Турција во ЕУ, изјавите за успех на „историскиот“ самит се илузија. Но, доколку целта е да се намали бранот бегалци во Европа, а турскиот премиер Ахмет Давутоглу во исто време да може да им го продава европскиот сон на своите гласачи, тогаш да, самитот беше голем успех.