1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курц бара датум за преговори за Македонија и Албанија

БГ
28 мај 2018

Австрискиот канцелар Себастијан Курц се приклучи кон дебатата про и контра одредување датум за преговори за членство во ЕУ со двете балкански земји. Франција и Холандија се против, во Германија отпор против Албанија.

https://p.dw.com/p/2yR3K
München MSC 2018 | österreichischer Kanzler Sebastian Kurz
Австрискиот канцелар Себастијан Курц бара брзи преговори со Македонија и АлбанијаФотографија: Reuters/M. Rehle

Себастијан Курц инсистира на брзо одредување датум за почеток на преговори со Македонија и Албанија. Во интервју за германскиот Велт ам Зонтаг, австрискиот канцелар вели дека земјите од регионот мора да добијат веродостојна перспектива.

„Доколку сакаме да ги избегнеме конфликтите во нашето соседство на Западниот Балкан и да придонесеме за стабилност, мораме на овие земји да им дадеме веродостојна европска перспектива“, изјави Курц.

Австрија ги поддржува веќе започнатите преговори со Црна Гора и Србија, и смета дека и Албанија и Македонија наскоро треба да ги направат првите чекори во тој правец.

„Со Албанија и Македонија треба брзо да ги започнеме преговорите за членство“, смета Курц.

Одлуката за тоа треба да биде донесена на самитот на ЕУ закажан за 28/29 јуни, и истата е поддржана од Европската Комисија.

Но некои земји-членки на ЕУ преку нон-пејпер деновиве се спротивставија на идејата за одредување датум за преговори за двете западно-балкански држави. Ставот на земји како Франција и Холандија е дека Македонија и Албанија не се подготвени за таков исчекор и дека мораат многу повеќе да работат на реформите за да ги исполнат основните услови за почеток на преговорите.
Неформалниот документ сепак нема да има пресудно влијание врз одлуката на Советот на ЕУ на крајот на јуни. За Македонија од клучно значење е решението на спорот за името со Грција. Доколку тоа се случи, извесно е дека земјата ќе добие позитивно мислење.

Тоа директно и јасно деновиве го кажаа некои водечките германски политичари како и официјални државни претставници. Не е тајна дека во Германија постои голем отпор кон Албанија, и тој е особено изразен во редовите на партијата на канцеларката Ангела Меркел- Христијанско демократската унија (ЦДУ).

Bundeskanzlerin Angela Merkel Gunther Krichbaum Europaausschuss Bundestag Berlin
Гинтер Крихбаум и Ангела МеркелФотографија: picture-alliance/dpa/K.Nietfeld

Македонија- напред, Албанија- стоп

Претседателот на Комисијата за европски прашања во Бундестагот, Гунтер Крихбаум од ЦДУ деновиве во интервју за „Велт“ побара „да се преговара со Македонија, но не и со Албанија“. Според Крихбаум, Албанија мора да спроведе уште многу реформи особено во делот на правосудството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Македонија, пак, ужива неподелена поддршка во двете владејачки партии, ЦДУ и СПД, но условот е напредок во разговорите со Грција. Според Крихбаум, Македонија е понапред од Албанија и треба да добие шанса да го направи „следниот чекор“.
„И во тој случај (Македонија, н.з.) има уште многу да се направи, но по решение на долгогодишниот спор за името со Грција и нејзината блокада ние треба сега да ги искористиме отворените врати и да кажеме условно да“, рече Крихбаум.

Според агенцијата Ројтерс, освен Франција и Холандија, почетокот на преговорите со балканските земји го кочи и Финска.

„Колку што се полоши изгледите за членство, толку поголем простор за влијание ќе им се остави на земји како Турција или Русија“, предупредува австрискиот канцелар Курц.