1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема битка за излез во Европа

Сара Вирц/Б. Георгиевски18 март 2013

Новиот првак во Бундеслигата е познат, а не е тешко да се претпостави ниту кои ќе бидат тимовите кои ќе се преселат во понизок ранг следната сезона. Најинтересна до крајот на сезоната ќе биде битката за излез во Европа.

https://p.dw.com/p/17zVh
Фотографија: picture alliance/Pressefoto Baumann

Борусија Менхенгладбах забележа важна победа во последниот меч од 26. коло во Бундеслигата против директниот конкурент за место во европските натпреварувања следната сезона. Пред своите навивачи Борусија беше поуспешна од Хановер со 1:0 и се искачи на седмата позиција на табелата приближувајќи се на само еден бод до четвртата позиција која води во квалификациите за Лигата на шампионите. Единствениот гол на мечот го постигна Лук Де Јонг во 36. минута.

Ајнтрахт Франкфурт конечно успеа да постигне гол по пауза од пет натпревари, но тој не беше доволен во поразот од Штутгарт на домашен терен од 1:2. За Штутгарт ова беше важна победа по трите едноподруго порази која го искачува тимот кон средината на табелата. Франкфурт го задржа четвртото место благодарение на лошата форма на тимовите под него.

Пред се’ Шалке имаше голема шанса да се искачи на таа позиција но доживеа тежок пораз на гостувањето кај Нирнберг од 3:0. За Нирнберг трите бода значеа и дефинитивно збогување од опасноста тимот да се најде во кругот на екипи кои се борат за опстанок.

Дербито во Леверкузен за Бајерн

Дербито на колото се играше во Леверкузен. Бајерн Минхен го совлада домаќинот Бајер со 2:1, иако според играта не ги заслужи трите бода. Победата на Бајерн дојде преку автогол на Волшајд во 87. минута од мечот. Доколку победи и во следното коло на домашен терен против Хамбург, а конкурентот Борусија Дортмунд не успее да дојде до трите бода, Бајерн ќе ја завери титулата на седум кола пред крајот на првенството. Сеуште актуелниот првак Борусија покажа добра форма во дуелот против Фрајбург. Убедливата победа од 5:1 ја одбележаа хет-трикот на Левандовски и погодокот на старо-новиот плејмејкер на Борусија, Нури Шахин.

FC Bayern München - Bayer Leverkusen am 16.03.2013
Момент од дуелот Бајер- БајернФотографија: picture-alliance/dpa

Кризата во редовите на Вердер продолжи и во изминатото коло. Само 2:2 во дуелот против последно пласираниот на табелата Гројтер Фирт пред домашните навивачи во Бремен.

Изненадувањето на колото го приреди Аугсбург со победата од 2:1 на гостувањето во Хамбург. За малиот тим од Баварија се уште има надеж за спас од испаѓање, додека Хамбург загуби драгоцени бодови во борбата за излез во Европа. Хофенхајм и Мајнц одиграа без голови во меч во кој бодовите беа далеку поважни за домаќините. Хофенхајм има се помали изгледи да го избори опстанокот во лигата, а Мајнц може да биде задоволен со бодот од гостувањето. Бодовите во петокот ги поделија и екипите на Волфсбург и Фортуна Диселдорф, играјќи 1:1.