1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Говор на Трамп: Помалку разединувач, повеќе помирувач?

Марен Ханемут (дпа)
30 јануари 2018

Говорот за состојбата на нацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е огромен медиумски настан. Претседателот има намера да испрати помирливи пораки. Ќе му успее ли?

https://p.dw.com/p/2rk4E
USA Donald Trump vor dem US-Kongress in Washington
Фотографија: Reuters/J. Lo Scalzo

Очекувањата се големи, а вниманието огромно - американскиот претседател Доналд Трамп првпат ќе одржи говор за состојбата на нацијата. Говорот почнува во 21 часот по средноевропско време и ќе трае еден час. Трамп ќе зборува на заедничка седница на Сенатот и на Претставничкиот дом, значи двата дома на Конгресот.

Претседателот би требало да направи биланс на својата прва година на власт и притоа уште еднаш - очекувано - да ги пофали својата даночна реформа и рекордите на берзата. Освен тоа, како што се вели од Белата куќа, тој треба да го „рекламира“ инфраструктурниот пакет, тежок милијарди долари. Дали тоа ќе може и да се спроведе во наредните месеци, е прашање. Наесен треба да се одржат многу важните избори за Конгресот, така што носење поголеми закони дотогаш не се веројатни.

Тема на говорот би требало да биде и законот за доселување, кој Белата куќа го претстави изминатата недела. Трамп сака да овозможи државјанство на околу 1,8 милиони мигранти, но за возврат бара поостри мерки против други групи доселеници, како и пари за изградба на ѕидот на границата со Мексико.

Повеќе:

Трамп отвора шанса за „сонувачите“

Според она што го најавува Белата куќа, говорот на Трап би требало да има помирлив тон. Говорот ќе биде оптимистички, ќе „гледа“ нанапред, изјави владин претставник. Тоа значи дека овојпат говорот ќе биде спротивен на оној што Претседателот го одржа при стапувањето на должност, кога даде мрачна слика за САД, а зборуваше со агресивен стил.

USA Donald Trump vor dem US-Kongress in Washington
Фотографија: Getty Images/C. Somodevilla

Настапи како оној пред јужнокорејското Национално собрание во ноември покажуваат дека Трамп може да се однесува државнички - доколку се држи до скриптата. „Прилично е дисциплиниран кога има телепромптер“, вели Арон Кал од Универзитетот Мичиген. Доколку Трамп и овојпат се држи до тоа, неговиот говор може да има голем одек, смета овој експерт по комуникологија.

Повеќе:

Една година Трамп - време за искрено соочување

Но, со оглед на неговото досегашно однесување, тоа изгледа неверојатно. Претседателот често дејствува спонтано. И во својот прв говор пред Конгресот имаше помирлив тон и особено доби поени кога ѝ се обрати на вдовицата на еден загинат американски војник. Коментаторот на Си-Ен-Ен, Вен Џонс, тогаш оцени дека тоа било момент кога Трамп станал претседател. Само неколку дена подоцна републиканецот се покажа многу помалку претседателски. На Твитер му се потсмеваше на поранешниот актер и политичар Арнолд Шварценегер и го обвини својот претходник Барак Обама дека го прислушувал.