1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глупаво масовно самоубиство

Факри Салех/превод: Ж.А:19 мај 2016

Јорданскиот писател Факри Салех во потрага по корените на чумата која го има зафатено муслиманскиот свет: фанатизам, екстремизам, ретроградност и убиствено секташтво.

https://p.dw.com/p/1IpzQ
Фотографија: Imago/ZUMA Press

Очигледно, муслиманите допрва треба да ја сфатат димензијата на дамката врз сопствената севкупна слика, предизвикана од одделни групи, чија доктрина е крвава конфронтација, во прва линија против истородните и против Западот. Овие групи се борат или за идеите на Ал Каeда или ги следат оние на Исламска држава, односно на џихадистите. Тие се борат за свет кој познава само верници и неверници.

Во последните две децении овие групи во глобални рамки толку се распространија и станаа активни, што кај остатокот од светот се создаде уверување дека тие го репрезентираат исламот или муслиманите. Тие на исламот му донесоа глас на насилна религија, дамкосувајќи го првенствено со крвта на муслимани и тоа на онакви муслимани, кои, исто како и остатокот на светот, ги сметаат за неверници. Ваквото размислување ги инфицира главите на сиромашните, необразовани и безнадежни млади луѓе, подготвени на се‘, па и на најголемо варварство. Зашто, според нивното убедување - тоа е нивниот личен пат до рајот.

Jordanien Literatur Kultur Fakhri Saleh
Факри СалехФотографија: privat

Социјална правда и образовни шанси како „оружје“

На ваква идеологија тешко е спротиставување со воени средства: нејзините следбеници не само што се подготвени да умрат, туку копнеат по смрт. Ваква идеологија може да се сузбие само преку социјална правда и подобри услови за вработување за младите луѓе, чија судбина обично ја карактеризира масовна невработеност. Потребно е првенствено подобрување на образованието. Во исламските земји треба да се форсира граѓанско воспитување и толерантна слика на исламот и муслиманите.Иако, ќе бидат потребни години, децении за отстранување на пустошот направен од религијата и нејзините приврзеници.

Покрај пропаста на образованието во арапскиот и исламскиот свет, за ситуацијата придонесува и растечкиот анимозитет на игнорантните технократи во западните, арапските и муслиманските општества кон културата; ескалирачките интервенции на Западот во регионот и сѐ побруталната политика на Израел кон Палестинците. Сето ова заедно на екстремистичките групи им овозможи своите акции да ги претстават како дел од борба против колонијализмот и империјализмот.

Успехот на ослободувањето од екстремистичките иделогии или нивното ширење, ќе зависи од квалитетот на идното образование и култура. Тоа треба да им е јасно на политичарите со ограничено пазарно базирано сфаќање, во кое нема место за образование и култура. Светот, вклучувајќи ги и арапските и муслиманските земји, мора да инвестира во образование и во култура.

Спасувачки брод

Исламот е повеќе од религија и обреди. Во текот на својата историја тој бил и светилник на културата и цивилизацијата. Исламот убедил стотици милиони луѓе, предизвикал племиња, народи и култури да се интегрираат во култура и цивилизација која со векови го просветлувала светот.

Во зенитот на арапско-исламската цивилизација, дел од исламскиот дом беа и немуслиманите, т.н. Дар ал-ислам. Фази на арапско-исламската цивилизација покажуваат исклучителна културна, литературна, филозофска и архитектонска виталност. Тоа се базира на култура и учење кое поттикнувало верска слобода, толеранција и сеопфатна граѓанска свест. Андалузија била котелот во кој се претопувале културите и знаењето, како и различните, а со тоа и спротивставени претстави за животот, идеите и верата. Токму тоа Андалузија ја претвора во зенит на исламската цивилизација, која тука се претворила во момент на комуникација и континуитет со западната цивилизација. Брилијантното во андалузискиот период е фактот што таа била дело на муслимани и немуслимани, на верници и неверници, на Арапи и не-Арапи. Со тоа таа усвоила лик на светска цивилизација, која профитирала од претходните цивилизации, истовремено инспирирајќи ги идните.

Spanien Alhambra in Granada
Споменик на еден толерантен ислам - Алхамбра во АндалузијаФотографија: picture alliance/R. Linke

Толеранција и разноликост во име на исламот

Исламските списи, меѓу кои и коранот и бројни религиозни текстови, оставаат доволно верски слободен простор за етникумите, нациите, културите и традициите да можеле да бидат испреплетени во големата целина под име - ислам. Во тоа може да се увери секој кој ќе ги прочита сурите во коранот посветени на слободата и верата. Исламот, проповедан од сегашните евангелисти, кои си го присвоија името „салафисти“, е крута екстремистичка верзија на исламот, која страда од фобијата на прогон и чувство на културолошки дефетизам. Чувство кое предизвикува постојан пад на ѕвездата на арапско-исламската цивилизација. Кога денес се повикува на враќање кон изворниот ислам и само една школа мислители, тогаш тоа значи ставање на исламот и муслиманите во еден корсет. Самонарачените салафисти сакаат да го стеснат широкиот хоризонт на исламот, да ја разбијат неговата духовна толеранција и да ги погребат темелите на исламот како цивилизација: ислам кој го прегрнува светот без да го задушува, кој себе си се разбира како пат за комуникација, а не како оружје кое дели и прогонува. Токму во оваа цивилизирана форма на ислам, која значи ослободување наместо проста верска доктрина и збир на обреди, за денешните муслимани лежи спасот од нивниот тесноград барикадирачки менталитет и спасот од конфликт кој се претвори во борба на цивилизации. Борба осудена на неуспех, зашто не е речиси ништо повеќе отколку глупаво масовно самоубиство. Спасот е во повторното откривање на верзија на муслиманската вера, подготвена да прифати сфаќања од други цивилизации и да дозволи врз себе влијание на други култури, коегзистирајќи со нив. Умерен и толерантен ислам, кој одбива насилство, фанатизам и монистички светоглед.

Јорданскиот писател, новинар и критичар Факри Салех има објавено повеќе научно-литаратурни студии.Моментно тој е раководител на Арапскиот оддел во фирмата „"Bloomsbury Qatar Foundation Publishing".