1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското општество станува порасистичко?

Керстен Книп
28 јануари 2017

Од една студија произлегува дека средиштето на општеството сѐ повеќе тендира кон екстремистички позиции. Но, студијата има и неколку темелни слабости, смета Керстин Книп.

https://p.dw.com/p/1J81e
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Статистичките студии постојано се на удар на критика поради применетата методологија. Од тоа не можат да бидат изземени ни таканаречените „Студии за центарот“, кои во двегодишен ритам ги прави Универзитетот во Лајпциг во соработка со Институтот за пазарни и социјални истражувања од Берлин. Политиколозите, на пример, критикуваат дека прашањата биле премногу паушални или дури и сугестивни. Иако и објавената Студија за центарот остава простор за толкувања, тоа сепак не може да залаже: дел од германското население тендира кон десноекстремни позиции.

Речиси 8,5 проценти од Германците се согласни со тезата дека националсоцијализмот имал и добри страни. Речиси 11 проценти од испитаниците се на мислење дека влијанието на Евреите и денес е многу големо, а 12 проценти сметаат дека Германците „по природа се надмоќни” над другите нации.

Ова е депримирачко, дотолку повеќе што и други податоци сведочат за екстремни ставови: 6,7 проценти сметаат дека „под одредени околности” диктатурата е подобра од демократијата, а 10,6 проценти посакуваат „фирер” кој „за доброто на сите со цврста рака“ ќе управува со Германија.

Нејасно формулирани прашања

Тука сепак мора да се постави прашањето што подразбираат тие седум проценти под „фирер“ – мислат ли на Хитлер, за кого историски се врзува тој поим, или пак за нив тој повторно има повеќе општо значење, слично на англискиот поим „лидер“­? И, што значи дека фирерот треба „со цврста рака“ да владее со земјата? Дали притоа се мисли на насилен владетел или во тоа се крие наивна, но сфатлива желба во демократијата понекогаш работите барем малку побрзо да се одвиваат?

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Дилеми отвора и формулацијата дека на Германија ѝ е потребна „една единствена голема партија“, во која ќе е „олицетворен целиот народ“. Дали 25-те проценти од испитаниците навистина притоа ги имаат предвид единствените партии од десно и од лево кои одиграа толку нездрава улога во историјата на земјата? Или пак тука влијание има и големата коалиција, која со години управува со земјата? На авторите на студијата може да им се префрли дека прашањата се непрецизни, а тој што одговара на нив можеби воопшто и не е свесен за нивната историска и политичка комплексност. Но, ова не менува ништо во фактот дека Германија има проблем со десниот екстремизам, што го покажува и процесот за НСУ (национал-социјалистичка илегала, неофашистичка група одговорна за десет убиства во Германија – н.з.), како и зачестените напади врз домови за азиланти.

Односот кон муслиманите

Заострен е и односот на многумина Германци кон муслиманите. Преку 41 процент од испитаниците се согласни дека на „муслиманите треба да им се забрани доселување во Германија“; пред две години беа одвај 37 одсто. Дали ова има врска со вреднувањето на муслиманите, како што заклучуваат авторите на студијата, или пак тука можеби се кријат и конкретни грижи?

Истовремено со Студијата за центарот, слична студија објави и Демографскиот иститут Алензбах. Според неа во јуни 32 проценти од испитаниците биле „длабоко загрижени“ поради бројката на бегалци во Германија, наспроти 48 проценти во јануари. Тогаш само 15 проценти сметале дека владата интензивно се труди за намалување на бројката на бегалци, во јуни процентот порасна на 38. Но, сепак, преку 60 проценти од испитаниците и натаму не се уверени од напорите на владата и ја критикуваат нејзината бегалска политика. Две анкети, два резултата кои водат во иста насока.