1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските илузии за Путин и Русија

Инго Мантојфел
17 мај 2018

Би било наивно да се верува дека Путинова Русија е подобар партнер од Трамповите САД, смета Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/2xrcU
Russland | Merkel trifft Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/S. Guneev

Утрешната (18.05.2018) средба на германската канцеларка Ангела Меркел со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи ќе виде врв на „руската недела“ на германската надворешна политика. Во последниве денови Москва веќе ја посетија новиот шеф на дипломатијата Хајко Мас и министерот за економија Петер Алтмајер.

Интензивниот дипломатски сообраќај ги враќа германско-руските односи во фокусот на германската јавност, особено поради тоа што солирањето на американскиот претседател Доналд Трамп го става трансатлантското пријателство пред тешки предизвици. Не зачудува тоа што политички гласови од Германија се залагаат за приближување кон Русија.

Но многу се лаже секој кој мисли дека опуштањето на затегнатите односи со Русија ќе почне со еднострани отстапки на полето на економските санкции или други гнили компромиси. И не само поради тоа дека меката политика во Москва би била интерпретирана како слабост. Како на многумина сѐ уште да не им е јасно дека на Путин конфронтацијата со Западот му е неопходна за зацврстување на моќта дома, за вртење на вниманието на населението од економската стагнација и од социјалните проблеми. 

Повеќе:

-Германија-Русија: Дијалог во време на отуѓување

-Рускиот гасовод во срцето на Европа

-Северен тек 2: Руско политичко оружје?

Затоа, наивно е да се верува дека со Путин може да се постигне договор за Украина или да се преговара за нов европски мировен поредок. Ваквата можност Путин самиот ја торпедираше со агресивната надворешна политика кон Украина, но и со обидот за влијание врз изборите на Западот и сајбер-нападите врз германските институции.

Оправдани се сомневањата дали Путинова Русија- значи не Русија сама по себе- во овие времиња е вистински партнер за продлабочување на ебергетските односи. Во секој случај треба да се осигура дека планираниот гасовод Северен тек 2 не ги загрозува европските интереси за политичка и економска стабилизација на Украина. Затоа, правилно е што министерот за економија Алтмајер бара гаранции дека Украина со изградбата на Северен тек 2 нема да остане без транзитните такси за гас. Но сепак, овие детали би морале да бидат дел од поширока и подолгорочна стратегија кон Русија.

Mannteufel Ingo Kommentarbild App
Инго Мантојфел, автор на коментарот

Неопходно е Германија да сфати дека во односот со Путин е потребна издржливост, дека нема да има експресни договори. Сѐ додека Кремљ опстојува на агресивната политика кон Украина - а таа ќе трае сѐ додека служи во зацврстувањето на моќта на Путин на домашен терен, санкциите мора да останат во сила. Целосно погрешен сигнал би било дури и постепеното укинување на санкциите. Германската надворешна политика мора да се придржува до принципите на европскиот мировен поредок, кои Москва ги погазува.

Второ, треба значително да се зголеми германската - и заедничката европска - одбранбена подготвеност во традиционална смисла, како и против хибридната сајбер-војна. Трето, со Москва, која еуфемистички се нарекува „партнер“, треба, заради сопствен надворешнополитички интерес, да се комуницира прагматично во одредени меѓународни прашања, како на пример атомскиот договор со Иран.

Дипломатската стратегија кон Русија мора да се поткрепи преку два важни елемента. Најнапред, западната политика не смее избрзано и хистерично да реагира на провокациите од Москва. Од тоа, конечно, профитира само Кремљ, додека пак веродостојноста на Западот значително страда. Британската премиерка Тереза Меј по нападот врз двојниот агент Сергеј Скрипал покажа како не треба да се прави тоа. На тој начин само се зајакнува сликата за „Западот“ како непријател, конструирана од страна на Кремљ. 

Освен тоа, Германија и цела Европа мора посилно да се отворат кон руското општество. Потребен е сеопфатен дијалог со сите политички сили и групи во Русија - вклучително и оние националистичките, патриотските и конзервативните. Со право постои загриженост поради отуѓувањето меѓу Германците и Русите, но тоа долгорочно може да се надмине само со дијалог во кој доминираат трезвен тон и увереност во сопствените принципи.