1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските банки и нивните офшор-бизниси

П. Хорнунг/Б. Штрунц/емф6 април 2016

„Панама документите“ ги товарат тешко германските банки. Според нив, 14 банки помогнале за создавање на повеќе од 1200 офшор фирми. Особено активни биле Дојче банк и УБС.

https://p.dw.com/p/1IPea
Фотографија: picture-alliance/maxppp/J. Pelaez

Голем број германски банки имале интензивен бизнис со офшор фирми - ова произлегува од анализата на илјадници податоци од „Панама документите“. Според нив, вкупно 14 германски банки во текот на изминатите години основале или управувале со повеќе од 1200 офшор фирми. На клиентите често им се нудел комплетен пакет: Панама-фирма заедно со банкарска сметка во Швајцарија или во Луксембург. Според истражувањата, повеќе од 100 офшор-фирми се до денес активни.

Освен овие 14 банки, и голем број други банки нуделе банкарски сметки за вакви фирми или соработувале на поинаков начин со адвокатската кацеларија „Мосак Фонсека“ во Панама. Во „Панама документите“ се појавуваат имиња на вкупно 28 германски банки.

Дојче банк и ИБС - особено активни

Во „Панама документите“ се наоѓаат големи банки како Комерцбанк, Дојче банка, Хипоферајнсбанк, германските ќерки на швајцарските УБС и Кредит Свис, угледни приватни банки како Беренберг, Сал,.Опенхајм, БХФ-банк и ХСБЦ Тринкхаус и Буркарт, но и покраински банки, како БајернЛБ, ЛББВ и ХСХ Нордбанк.

Сите банки посредувале при отворање офшор фирми - понекогаш за една, како Кредит Свис, понекогаш за повеќе од сто, како Комерцбанк (101), БајернЛБ (129) и УБС (138). Поранешната Дрезднер банк Латинска Америка со седиште во Хамбург посредувала за дури 333 офшор фирми, а Дојче банк за 426.

Поседување или работење со офшор фирми не е забрането и тие фирми може да се користат и за легални деловни цели. Од аспект на експертите, меѓутоа, офшор фирмите се алатка за затајување данок и за перење пари од криминал. Тоа особено важи за фирмите во кои вистинскиот идентитет на клиентите е скриен со про форма директори. Истражувањата покажуваат дека особено вакви фирми биле посредувани од страна на германските банки.

Symbolbild Steuerflucht
Фотографија: picture alliance/blickwinkel

Особена одговорност на банките

Во системот на офшор-индустријата банките имаат клучна улога. Зашто, офшор фирми без сметка немаат смисла. Затоа, банките носат и особена одговорност кога станува збор за спречување на затајувањето данок и перењето пари.

Според „Панама документите“, банки ширум светот помагале и и натаму помагаат за посредување офшор фирми на клиенти, како и за отворање сметки на ваквите фирми.

Со помош на „Мосак Фонсека“, во текот на изминатите години повеќе од 500 банки посредувале за отворање на над 15.000 офшор фирми ширум светот. Повеќето фирми биле отворени по 2005 година. Притоа, особено голема улога одиграле големите банки ХСБЦ (2.300 фирми) и УБС (1.100 фирми). Портпароли на двете банки на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) му објаснија дека нивната практика на работење е во меѓувреме променета.

Експертот по стопанско право Јенс Билте од Универзитетот Манхајм вака ја објаснува улогата на банките: „Тука се спојуваат и испреплетуваат нишките“. Борбата против перењето пари има смисла само ако банките притоа активно помагаат. Спорно е меѓутоа дали банките секогаш ја оправдуваат ваквата одговорност.

„Панама документите“, на пример, на виделина извадија дека циришката ќерка на Беренберг-банкта отворила сметка за Мартин Лустгартен. Тој беше обвинет од страна американското правосудство дека испрал околу 100 милиони американски долари од дрога. Процесот во меѓувреме е запрен поради грешка во постапката, а Лустгартен важи за невин. И 16 милиони долари од Сименс-аферата со поткуп „поминале“ низ сметки на Беренберг-банката. Дојче банк, пак, најверојатно имала бизниси со ќерката на пакистанскиот претседател Наваз Шариф, кој е вмешан во скандали со корупција.

Deutschland Deutschen Bank Symbolbild
Фотографија: Reuters/T. Melville

Дојче банк вети промена на културата на работење

Врвот на Дојче банк во 2013 година ја насочи банката кон промена на деловната култура. Дотогаш банката отворено врбуваше клиенти за даночните оази, дури имаше и интерент страница со адреса dboffshore.com. Страницата ја нема од пред три години, но бизнисот со офшор фирмите течел и натаму. Дури 50 од фирмите кои биле посредувани од страна на Дојче банка на крајот на 2015 година биле сѐ уште активни. Последната била основана во јули 2014 година, значи тогаш кога промената на деловната култура во најголемата германска банка требало наводно да е одамна во тек.

Една промена, меѓутоа, има со сигурност: Клиентите веќе не се како порано Германци, туку луѓе од Латинска и Централна Америка. Помош при затајување данок за „даночни странци“ во Германија не е казнива. Мал дел од „Панама документите“ веќе е во рацете на германските даночни власти. Во Комерцбанк на почетокот на 2015-та веќе имаше рација. Поради тоа што вработени во банката, како што се тврди, им помогнале на клиенти да затајат данок во Германија, банката мораше да плати казна од 17,1 милиони евра. Казна поради бизниси во Панама мора да платат и ХСХ Нордбанк и Хипоферајнсбанк.